Вештачка интелигенција: Помеѓу информациите и дезинформациите

Во последниве години ширењето на технологијата на вештачка интелигенција (ВИ) револуционизира различни индустрии, вклучувајќи ги и медиумите.
Иако вештачката интелигенција нуди голем број придобивки во подобрувањето на ефикасноста и автоматизацијата, таа претставува предизвик кога станува збор за ширење на злонамерните информации и дезинформации. Разбирањето на односот помеѓу ВИ и дезинформациите е од суштинско значење во решавањето на развојот на структурата и димензиите на дигиталните дезинформации. Со понудените можности, вештачката интелигенција може да помогне и во работата на фер и точни информации, со што се намалуваат времето и другите новинарски предизвици при креирањето и пласирањето на информациите.
ТВ Дукаѓини е првата телевизија во Косово што почна да применува вештачка интелигенција во емисијата „Дебат плус“. Со интеграцијата на платформата „Шкип.аи“ (Shqip.ai), дебатната емисија се транскрибира во реално време, со што се овозможува оваа емисија да ја следат граѓаните за да се информираат за случувањата во земјата и да ги следат дискусиите и мислењата за тие случувања.
Функциите на оваа платформа вклучуваат неколку категории на употреба на албанскиот јазик, кои се поставени или „учени“ на оваа платформа. Но, за време на транскрипцијата на дебатите, овој јазичен модел (LLM) успеа да научи и други употреби на јазикот, надвор од поставените категории, што ги користат гостите во емисијата, за да овозможи попрецизна транскрипција.
Ваквата употреба на вештачка интелигенција во медиумите може да го отвори патот за корисно користење на ВИ во медиумите. Затоа, медиумите треба да развијат соработка со експерти за вештачка интелигенција и да се подготват за нејзино интегрирање во новинарската практика. Тоа ќе ја олесни нивната работата и ќе им заштеди време.
ВИ може да се примени при транскрипција на интервјуа, пишување вести поврзани со интервјуата, составување различни извештаи за кои е потребно време да се прочитаат и генерирање илустративни фотографии. Покрај тоа, во соработка со познавачите на оваа област, може да се создадат четботови што би им помогнале на новинарите во наоѓање теми, составување прашања за интервјуата, како и пишување статии.
Конечно, Советот на печатени медиуми на Косово (СПМК) го изработи и етичкиот кодекс според кој медиумите треба да известуваат кога користат вештачка интелигенција. Во согласност со правилата подготвени од СПМК, во процесот на креирање на медиумските содржини мора да се почитуваат начелата на заштита на личните податоци, безбедноста на информациите и недискриминацијата. Оваа содржина создадена со ВИ е под уредничка одговорност на новинарите и уредниците кои треба да го почитуваат етичкиот кодекс. Наедно, читателот треба да биде свесен во кој сегмент и каков тип вештачка интелигенција се користи во содржината креирана со ВИ и како таа функционира. Покрај тоа, мора да се почитуваат авторските права и другите права на интелектуална сопственост. За време на интеракцијата на читателот со вештачката интелигенција, треба однапред да биде информиран дека тие интеракции не се одвиваат со луѓе и доколку таа интеракција му пречи, треба да му се обезбеди комуникација со физичко лице.

Вештачката интелигенција игра двојна улога во однос на дезинформациите. Од една страна, алатките и алгоритмите со вештачка интелигенција се клучни во откривањето и борбата против дезинформациите преку означување сомнителни содржини, нивно анализирање и идентификување лажни содржини (лажни вести). Употребата на овие алатки им помогна на проверувачите на факти (fact-checker) во нивната работа на идентификување и борба против лажните содржини. Алгоритмите за вештачка интелигенција може да помогнат во филтрирање веродостојни извори за истражување и собирање информации, да се споредуваат информациите помеѓу изворите и да се идентификуваат модели што укажуваат на тоа дека содржината е потенцијално погрешна или лажна. Од друга страна, вештачката интелигенција може да се користи за создавање софистицирани кампањи за дезинформирање. Содржините создадени од вештачката интелигенција, вклучувајќи ги фалсификатите (deepfake) и манипулираните слики, може да ја доведат публиката во заблуда преку презентирање лажни информации на убедлив начин. Брзиот напредок на технологијата за вештачка интелигенција го прави сè поголем предизвикот да се прави разлика помеѓу оригинална и измислена содржина, замаглувајќи ги границите помеѓу реалноста и фикцијата.
Фотографиите на папата во бела јакна, оние на апсењето на Доналд Трамп, беа првите случаи што го навестуваа феноменот на генерирање слики со вештачка интелигенција.
При проверката на фактите во рамките на „Хибрид.инфо“ (hibrid.info) наидовме на десетици содржини што се генерирани со вештачка интелигенција објавени од профили и страници на албански јазик на социјалните мрежи, а кои се користени за прикажување одредена ситуација. Сепак, тие слики имаа голема интерактивност на социјалните медиуми поради убедливоста и емоцијата што ги пренесуваат.
Вештачката интелигенција отвори нови димензии во создавањето лажни аудио и видеоматеријали. Дипфејк (deepfakes), како синтетички медиум, е една од техниките што се користат, преку која може да се заменат лицата, гласовите и изразите на луѓето во одредено видео, така што тие изгледаат како да зборуваат или прават нешто што никогаш не го направиле. Оваа технологија истовремено овозможува генерирање нови аудио и видеозаписи што изгледаат и звучат автентично.

На социјалните медиуми се објавени некои дипфејк-содржини, како што е случајот со видеото на премиерот на Косово, Албин Курти, кој зборува на арапски, или видеото со клонираниот глас на Лиридона Мурсели со емотивен текст, или Илон Маск, кој зборува на албански, сите објавени на социјалните медиуми, поточно на Тикток. Сепак, може да кажеме дека овие содржини имаат влијание врз јавното мислење поради интерактивноста што ја генерираат.
Од друга страна, 2024 година се смета како година на избори во целиот свет, бидејќи најмалку 64 земји (плус Европската Унија) ќе го поминат изборниот процес, поради што постои загриженост за употребата на вештачката интелигенција во поткопување на интегритетот на информациите и изборите.
Според дискусиите и јавното мислење, се чини дека и Косово ќе биде вклучено во изборниот процес годинава, а постои загриженост за создавање и пласирање дипфејк-видеа, клонирање гласови на политичари и други форми на манипулација на социјалните медиуми (страници и групи). Затоа, од една страна, новинарите и медиумските работници треба да бидат подготвени во препознавањето и идентификувањето на овие форми на манипулација, од друга страна корисниците (публиката) на социјалните медиуми треба да бидат запознаени со карактеристиките на овие содржини за да не станат нивен плен.
Ширењето на дезинформациите генерирани од вештачката интелигенција претставува значаен предизвик за општеството. Кампањите за дезинформации овозможени од вештачката интелигенција може да манипулираат со јавното мислење и да ја поткопаат довербата во веродостојните извори на информации. Виралната природа на социјалните медиуми го зголемува досегот на погрешни содржини, што го отежнува спречувањето на ширењето лажни наративи.
Недостигот од транспарентност во содржините создадени од вештачката интелигенција претставува закана за интегритетот на медиумите и информациите, нагласувајќи ја итната потреба за регулатива и заштитни мерки против дигиталните дезинформации.

Фестим Ризанај

(республика.еду.мк)

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ