ЖЕНА ЌЕ БИДЕ! – Република

Васко Шутаров

Политиката е именка од женски род и на неа, најчесто (и тоа на сите светски јазици!) ù се додава уште една именка од женски род – онаа најнеблагодарната што може да ù се накалеми на некоја жена! Тој преврат во политиката, од пределите на благородното кон најмалку благодарното, сосемa сигурно не е резултат на учеството на жените во политиката! Напротив!

Скоро подеднакво злопотребуван и извалкан термин во политиката, исто така, е именката од женски род – демократија! Кога во некое општество и одредено политичко владеење сите зборуваат и сите постојано повикуваат на демократија, тоа само значи дека демократијата како преплашена срна избегала пред татнежот на некоја цврста чизма или тешка рака во политиката! Се разбира, тие се најмалку женски!

Политиката и демократијата се дефинираат со стотици, што сериозни, што мудри, што луцидни дефиниции, а се одредуваат според десетина многу јасни и мерливи параметри. Еден од најегзактните и најсигурни показатели каква е демократската кондиција на едно општество и какви се демократските капацитети на една политика е и степенот на учество на жените во креирањето и носењето на важни општествени и политички одлуки!

Иако за политика и демократија се зборува и мудрува неколку века пред Христа и полни дваесет векa по Христа, учеството на жената во политиката останува и понатаму повеќе исклучок, отколку правило – и повеќе мит отколку реалност! Јавниот простор наречен политика, останува и до денешни дни репрезентативен и привилегиран простор резервиран за мажите! (како во шахот за кралот, без оглед на тоа што кралицата е најмоќна фигура на шаховската табла!)

…………………………………………………………………………………………………………..
Денес, нема да сретнеме мотивирачки говор за поттикнување на учеството на жената во политиката, во кој нема да бидат спомнати жени што креирале историја, како Клеопатра, Јованка Орлеанка, Изабела од Кастиља, Катерина Медичи, Марија Антоанета, Екатарина Велика, Марија Терезија, кралицата Викторија или како моќните жени од модерниве времиња, како Елеонор Рузвелт, Сиримаво Бандаранаике (првата жена избрана за премиер во светот, во 1960 година), Симон Вејл, Индира Ганди, Голда Меир, Маргарет Тачер, Ангела Меркел, или од нашето непосредно соседство, Мелина Меркури, на пример. Денес, кога се зборува за овие моќни жени во политиката, бидејќи се реткост, често јазикот на реализмот попушта пред јазикот на сензационализмот! Јазикот е именка од машки род, но сензацијата е именка од женски род, нели?!

Но, она што е поважно од сензацијата е статистиката – исто така именка од женски род! Според обемните анализи на Светскиот економски форум за глобалниот родов јаз во 2023 година, сè уште ниту една држава во светот не постигнала целосен паритет помеѓу жените и мажите, иако првите девет рангирани (Исланд, Норвешка, Финска, Нов Зеланд, Шведска, Германија, Никарагва, Намибија и Литванија) имаат затворено најмалку 80% од нивниот јаз помеѓу застапеноста на мажите и жените во јавните сфери од животот. Но, прогнозите и за Европа, најдобро рангираниот континент во ова истражување, велат, дека ако се оди со ова бавно и несигурно темпо, ќе бидат потребни уште 67 години постојано родово сензибилизирање, посебно во политиката, за да се постигне премостување на тие длабоки јазови помеѓу мажите и жените!

Статистиката и анализата на Светскиот економски форум за 146 држави од сите континенти, детектира различни нивоа на длабочини на јазовите кои жените ги држат сè уште далеку од носењето важни одлуки и тоа во четири области: здравство, образование, економија и политика! Задоволувачки и оптимистички се индексите за затворање на јазовите во образованието и здравството каде тие изнесуваат 96% и 95%, но, загрижувачки се податоците за 60% покривање на родовиот јаз во економското учество на жените и крајно загрижувачките 20,1 % покриеност на јазот помеѓу мажите и жените во политичкото одлучување!

Во сите четири анализирани подрачја, Европа има најдобро премостување на родовиот јаз од сите останати континенти, со просек од 76,3%, а Исланд, Норвешка и Финска се трите најдобро рангирани држави во светот.

Македонија според последниот извештај на Светскиот економски форум за 2023 година, назадува за 4 места на листата и во моментов е рангирана како 73-та од 146 анализирани држави во светот. По области тоа би изгледало вака: 48-мо рангирани сме во делот на премостување на родовиот јаз во образованието, 51. место во областа на застапеноста на жените во политиката, дури 108. место во економското учество на жените и убедливо најслаби во регионот, на 134. место во областа на здравството.

Заклучно со 31 декември 2022 година, приближно 27,9% од светската популација, што е еквивалентно на 2,12 милијарди луѓе, живееле во земји чиј шеф на држава била жена. Но и оваа прилично висока бројка може да залаже, бидејќи тоа најмногу се должи на Индија, најнаселената земја во светот, каде Друпади Мурму стана претседателка на Индија по изборите во 2022 година.

Во моментов, во Европа, држави кои имаат претседателки се бројат на прсти: Грузија-Саломе Зурабишвили; Грција-Катерина Сакеларопулу; Унгарија-Каталин Новак; Маја Санду во Молдавија (која претходно беше и премиер), Словачка-Зузана Чапутова; во Словенија, Наташа Пирц-Мусар, Жељка Цвијановиќ, како дел од тричленото Претседателство на БиХ и Вјора Османи од Косово. Само пет претседателки во последните три децении избрале граѓаните на Балканот, а Македонија, Србија и Црна Гора, ниту еднаш немале жена за шеф на државата!

Интересно е во овој контекст да се спомене дека САД, најголемиот „извозник на демократија“ во светот во 20 век, во својата 248-годишна историја никогаш немале жена за претседател на државата, а не треба да се занемари и фактот дека во „Клубот 73“ (држави кои имале жена за премиер или претседател), жените всушност биле на овие позиции само неколку дена или месеци. Од 1966 година само 33 жени државни лидери ја извршувале таа позиција подолго од еден мандат (најчесто 4 години). Меѓу овие земји, лидери се Бангладеш (во последните 50 години, вкупно 23 години лидерски позиции имала жена), Индија (вкупно 21 година), Ирска (вкупно 21 година), Исланд (вкупно 20 години) и Филипини (вкупно 16 години). Женското лидерство е повеќе застапено во нордиските земји, земјите од Јужна и Југоисточна Азија, но и во земјите од Јужна Америка. Сепак, оваа глобална родова нерамнотежа сè уште е поголема во политиката отколку во здравството, образованието или економијата.

Од сите жени кои станале премиерки или претседателки од 1960 година наваму, повеќе од три четвртини дојдоа на оваа позиција по 1990-тите, односно по реформите и воведувањето на родовите квоти кои придонесоа за зголемување на уделот на жените во политиката, иако овие трендови не се рамномерно распоредени низ светот, ниту денес. Во парламентарните системи, жената полесно може да биде избрана на премиерска функција, но не и на претседателската, бидејќи така полесно може „да се заобиколи потенцијално обременетото со предрасуди, стереотипи и сексизам јавно мислење и да биде избрана само од партијата“ на нејзиниот пат кон државната политичка хиерархија, како Јадранка Косор во Хрватска, во периодот од 2009 до 2011 година.

За жал, сè уште многу мал број жени се избираат на изборите за шеф на држава, особено во претседателските системи, каде што претседателот претставува моќна и независна гранка на власта од која се очекува да донесува брзи и решителни одлуки (карактеристики, кои благодарејќи на стереотипите се поврзуваат со машкоста!). За да победи жената во трката за претседател на државата, таа е принудена да се бори многу подиректно и да се соочи со сите грубости на сексизмот, стереотипите и предрасудите. Само 4% од анкетираните граѓани во Европа во 2016 години, сметаа дека изборот на жените во политиката не подлежи на предрасуди и стереотипи, и високи, преку 90% биле убедени дека при изборот на жените во политиката, гласачите се водени од предрасуди, стереотипи и, најчесто, сексизам.

„Што и да прават жените, треба да направат двојно подобро од мажите за да се сметаат за половина подобри од мажите. За среќа, тоа не е тешко”, ќе рече една влијателна модна креаторка, но за жал, не секогаш и тоа е доволно, барем кога станува збор за жените креатори во политиката!

Не мало проклетство е содржано во правилото кое ги следи моќните жени кои чувствуваат дека имаат доволно мудрост и храброст за да влезат во борба со мажите за помоќни позиции во државата, а тоа правило е следното – колку е помоќна позицијата за која се натпреварува жена, толку потешко се стасува до таа висока позиција! Некои општествени теоретичари ја поставуваат тезата дека жените стануваат претседатели на држави или заземаат премиерски позиции кога политичката ситуација во државата е крајно нестабилна или кога државните институции се изразито слаби (според т.н. „теорија на стаклена карпа” – glass cliff). Ова е едно од објаснувањата, зошто токму жена стана премиерка на Велика Британија, за време на крајно неизвесните години по Брегзит-от, или ако се вратиме малку подлабоко во нашето сеќавање, зошто во првите кризни години по смртта на Тито во поранешна Југославија, токму Милка Планинц стана претседател на тогашната сојузна влада која мораше да се справува со сериозна економска и политичка криза.

Во подолготрајна нестабилна политичка ситуација или во подлабока кризна ситуација во најава (од политички, економски или безбедносен аспект) моќните мажи во политиката умеат лесно да се договорат меѓусебе, дека „најбезбедно и најбезболно” е да се назначи жена да ја „реши ситуацијата“ – и во мноштво такви случаи жените успевале во тоа, докажувајќи ги во пракса тврдењата на две моќни британски жени во политиката, Кристабел Панкхерст, дека „вештината не познава пол“ и тврдењето на челичната британска премиерка Маргарет Тачер, дека: „во политиката, ако сакате нешто да кажете, побарајте мислење од мажите, а ако сакате нешто да се направи, побарајте од жените да го направат тоа“! Бидејќи во науката сè уште не се темелно и систематски анализирани ваквите тврдења, за почеток доволно е да останеме на претпоставката (а зошто не и на предрасудата, кога веќе им конвенира на жените), дека кога владее општ хаос, жените попрво од мажите се склони да направат ред и поредок, да воспостават нови правила на игра и да почитуваат правила и процедури! Зарем малку животни искуства ни го покажуваат токму тоа?!
…………………………………………………………………………………………………
Во четвртата деценија од стекнувањето самостојно македонско политичко искуство, од првиот парламентарен состав и првата влада – до последните, на македонската политичка сцена имаше добри примери за бележити и силни жени во политиката, најмногу во 10-те досегашни парламентарни состави, но и редица добри министерки кои одлично управуваа со своите ресори. Македонија имаше и неколку потпретседателки на Собранието и неколку вицепремиерки, но во 34 години македонска политичка пракса, ниту една жена не стана премиер или претседател на држава!

Крајно време е, додека течат 7-те Претседателски и 11-те Парламентарни избори, а во услови на крајно загрозена од корупција и криминал демократија, крајно атрофирани хербариум-институции и крајно опасно демографско празнење на државата, да поддржиме, политиката во претседателската вила на Водно, да ја поведе жена, а во Собранието, што повеќе жени!

Овојпат, жена мора да биде!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

How Ukraine Is Weakening Russia’s War Machine

Over the past several months, Ukrainian drones have penetrated...

Како јас ја разбирам „Македонија твоја“!? – Denesen.mk

Јованка КЕПЕСКА Македонија твоја ја разбирам како слободно дејствување и...

Македонецот не може да го поднесе погледот на секој што го прави немакедонец! – Denesen.mk

Бранко САРКАЊАЦ Сликајќи го портретот на граѓанинот на FYROM јас...