Злото ги краде сите реченици, ама љубовта мора да стави точка на приказната

Ми стана нормално да испратам колумна во редакција, а неколку часа подоцна да излезе информација што сакам да ја коментирам. Така беше и минатиот петок. Само што ја испратив колумната, се појави интервјуто на Џејмс О’Брајан, заменик-државен секретар на САД. Сега излегува дека доцнам, ама ќе кажам што мислам, оти убеден сум дека ваквите изјави ни покажуваат во каква тешка состојба е Македонија окупирана од Нордистан и неговите спонзори и претворена во колонија.
Немам никаква намера да ги бранам ВМРО-ДПМНЕ од политичкиот насилник, можат сами да се бранат, големи се. Мене ме интересира проблемот на Македонија, односно фактот дека со години сме принудени да слушаме вакви безобразни мангупи и вообразени циници, кои крајно невоспитано сакаат да ни плеснат в лице дека тие одлучуваат за нас, а ние сме никој и ништо, односно дека од нас очекуваат само да затнеме нос и да ги голтаме нивните заповеди. Сакајќи да ни порача дека внесувањето на Бугарите во Уставот е единствен предлог на маса што го имаме, дека друг нема да има, па затоа ова мора да го проголтаме, О’Брајан ни кажа дека тој ни автомобил не би купил од Мицковски, а камоли нешто друго, што веднаш го направи Стејт департментот коалициски партнер на СДСМ и ДУИ за следните избори. Не дека не сме научени. Од Бејли наваму истото го гледаме.

Не би купил ни автомобил, а? Вакви ликови човек треба само да ги гледа во очи и намерно да се прави глуп. За миг посакав да сум функционер на ВМРО-ДПМНЕ, па да му вратам со муабетот: „Стварно, господине, О’Брајан? Не знаев дека Мицковски продава автомобил. Па, не ми треба автомобил. Блиску ми е гласачкото место, натаму одам пеш за да гласам за него, туку чув дека САД продаваат дел од својата моќ и влијание, зашто на сè повеќе места во светот не поминуваат, бидејќи државите одлучуваат истото тоа да го купат од Кина и од Русија како поевтини, ама и поквалитетни, но кога веќе зборуваме за автомобили, гледам Трамп има многу покул машина од Бајден, вистина ли е тоа?“
Потоа дојде страшната недела за која воопшто не ми се пишува. Свирепи убијци ѕверски убија дете и стар човек. Има осомничени, приведени, избеган, па фатен во друга држава. Мотивите звучат крајно безумно, сеедно што секое убиство на човечко битие само по себе е безумност. Информациите што МВР и Обвинителството ги споделија со јавноста звучат чудно, контрадикторно и крајно збунувачки, но ништо од сето тоа нема да коментирам. Јас сум писател, писателите се склони кон создавање приказни, само ќе ви ја препорачам вторничката емисија „Заспиј ако можеш“, каде што имате врвен полициски кадар во пензија, кој стручно зборува за сите проблеми и недоследности. Ден подоцна, во истата емисија, и новинарот Момировски фрли сосема поинакво светло на истрагата.

Мора да признаам, ме исплаши и јавноста. Не дека првпат ми се случува тоа. За време на пандемијата бев вџашен од фактот дека многу луѓе се спремни буквално да те убијат од страв ако не се согласуваш со препораките што ги слушавме на телевизија. Особено имаше вербална бруталност спрема оние што се сомневаа во вакцината, иако од денешна гледна точка излегува дека токму тие биле во право. Сега ме исплаши желбата кај многумина ѕверски да бидат убиени убијците. Сосема сум свесен за гневот спрема сторителите на оваа грозна нечовечност, ама ако плачеме за правна држава каква што немаме, не може истовремено да бидеме и средновековни џелати. Што ли тогаш треба да кажат Норвежаните, чија држава ја гледаме како идеал за речиси совршено општество? Психопатот Брејвик уби 80 луѓе, од кои 69 беа тинејџери. Доби максимална казна од 21 година, со можност да биде продолжена ако се процени дека сè уште претставува опасност за општеството. Во Тексас ќе беше спржен на електричен стол, а ваму, веќе утре може група норвешки психолози и социолози да го прогласат за рехабилитиран. Не сакам да верувам во тоа, длабоко во себе не се согласувам со крајностите ниту во Норвешка, ниту во Тексас, ама па никако не сакам да бидам обвинител, судија и џелат истовремено. Мора многу да се внимава што ни излегува од срцето.

Да, живееме во грди, ужасни времиња, не мислам само ние тука, така е во сиот свет, страста за моќ ја гази сомилоста, омразата ја силува љубовта, војната му се потсмева на мирот, а материјализмот сака да ѝ ја отсече главата на духовноста. Не дека вака не било и во други времиња, но сега ја имаме модернизацијата, која го забрза животот, а со неа и злото како појава се вмрежува со сета своја сила и деструкција. Да не ме разберете погрешно, никако не сакам да ја обвинам модернизацијата, науката или технологијата, затоа што никогаш не е виновна алатката, туку оној што ракува со неа, само потенцирам дека злото секогаш е погласно, вреска, за разлика од љубовта и творечката енергија, па оттука и неговата моќ, во денешно време, посилно се наметнува. Внимавајте, злото има одвратна замка во која сите лесно паѓаме. Главна цел му е, предизвикувајќи зло врз нас или врз други, и нас да нè опие со својата смртоносна опивка.

Многумина со право се исплашени и вознемирени. И јас сум. Луѓето се прашуваат како вака духовно, морално, па и економски потонати, ќе испливаме? Не знам, немам точен одговор, конкретен лек или волшебно стапче, и јас сум гревовен и паднат, се борам да не ме опие злото со сите негови манифестации, од секојдневни, интимни, преку индивидуални или општествени, до глобални и политички. Не верувам во револуции и нагли пресврти, ниту дека она што долго време се уништувало, а ние сме дозволиле да се случи поради комформизам, прекуноќ ќе се промени. Не сум ниту песимист, ниту оптимист, не сакам крајности, не верувам дека мојата уметност ќе го направи светот поубаво место за живеење (ја создавам бидејќи не знам како да живеам без неа), како поединец сум сретнал премногу прекрасни луѓе и сум добил огромна количина љубов без да ги барам или заслужам и оттука не можам да кажам дека светот е грд, а луѓето вообичаено зли. Знам само дека во вечната битка меѓу доброто и злото, каде што на двете спротиставени страни стојат љубовта и омразата, едната како творечка, а другата како деструктивна сила, мора по секоја цена и постојано приоритет да ѝ се дава на љубовта, да се работи на неа и сите нејзини деривати, како индивидуално, така и во семејството, општествено, образовно, политички. Да, злото ги краде сите букви, зборови, реченици, ама ако не дадеме сè од себе, љубовта да стави точка на крајот на приказната, залудни сме.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Дневен хороскоп за четврток, 29-ти февруари 2024-та

ОВЕННе ризикувајте да се потпирате на чудо што ќе...

Ангеловски: Алборг ни покажа зошто со Кил се најдобрите екипи во групата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...

Пешевски: Го одигравме најдоброто прво полувреме, но отворивме лошо во вториот дел

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...

Кил ги освои бодовите на незгодното гостување кај ПИК Сегед

Екипата на Кил на гостувањето во Унгарија кај...