Денарот наш насушен наполни 34 години. Беше 26 април 1992 година кога од собраниската говорница тогашниот претседател на Владата, Никола Кљусев, со широка насмевка, зацрвенет во лицето, го промовираше денарот како нова национална валута, нова парична единица на македонската целосно самостојна држава. Прво номиниран во вредносни бонови, кратко потоа во пари. Името „денар“ потекнува од староримската монетарна единица „денариј“ и претставува израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период. Вреди да му се оддаде признание и да не се заборави академикот Петар Илиевски, кој го даде предлогот.
Што е еден од феномените во односот меѓу човекот и парите. Тоа е што симболите на парите, кои речиси секој ден ги гледаме, најчесто не ги паметиме. Тоа е светски, не само македонски феномен, кој се однесува пред сѐ на монетите, односно ковените пари. Денес, во Република Македонија во оптек се метални монети со деноминации од 1, 2, 5, 10 и 50 денари. На сите ковени пари, на лицето е унифициран стилизиран хоризонт со сонце од 16 краци, а наличјето е различно.
На задната страна се гравирани животни, птици или риби. Со самото поставување, ним им се даде и им се призна значењето на национални симболи, државни и народни. Кои се тие?
На монетата на денарот (1 денар) е кучето шарпланинец. Речиси нема митологија во светот што не го поврзува кучето со смртта, пеколот, подземниот свет и невидливите царства и дека има две лица и два карактера. Има верувања дека Бог му доверил задача на кучето да внимава на ѓаволот да не му се доближи на човекот. Оттогаш кучето е верен чувар и придружник. Но истите тие верувања кажуваат дека ѓаволот го поткупил кучето, првобитно родено голо, дарувајќи му крзно како награда, за предавството на стопанот што го хранел. Можеби токму на таквите легенди се заснова и нашата поговорка „рани куче да те лае“, што важи пред сѐ за луѓе на кои си им помогнал во животот, а тие по одредено време „лаат“ сѐ најлошо за тебе.
За шарпланинецот, македонското овчарско куче, стручњаците тврдат дека е добродушен, но и остар пес. Верен и горд чувар во одбраната на својот господар, неподмитлив од ѓаволот. Куче со самоконтрола и способност за приспособување, сила и храброст. Првпат е признаено како посебна раса во 1939 година под името илирски овчар. И песот што го придружувал Александар Македонски бил шарпланинец. Наши кинолози тврдат дека македонските војници го однеле кучето од Шар Планина до Пакистан и Авганистан, а други, дека се случило обратното – шарпланинците на шарските врвови ги донеле војниците на Александар на враќање од Азија.
На монетата од два денара е стилизацијата на охридска пастрмка, прастара ендемска риба од длабоките води на Охридско Езеро, „летница“, како што ја викаат охриѓани. Од фамилијата лососи, се смета за риба на мудроста и моќниот дух.
Рибата е симбол на животот и плодноста поради својата способност за размножување со неброените икри, а оттаму поврзувана со просперитетот. За некои риби од видот на пастрмките постои верување дека од нивната жолчка и дроб, помешани со разни треви, можело да се направи лек што ги лечи сите болести на светот. За жал, охриѓани не ја откриле оваа тајна, како што не ја открил никој во светот. Кај северните народи постојат легенди дека оној што ќе касне од месото станува видовит, со способности да прорекува и да знае сѐ.
Научно е потврдено дека првиот симбол на христијанството бил претстава на риба во разни варијации. Дури и самиот Исус од неговите следбеници два–три века бил именуван со зборот риба.
Рисот е на парата од пет денари. Оваа мачка ретко се сретнува во митологии, легенди и народни преданија, а ја нема ни во нашите народни приказни. Некаде, поради пробивноста на неговиот поглед, го сметале за симбол или слика на некој бог. И името го добил според сјајот на своите очи. Во оригинал значи светлина, сјајност. Иако важи за итро животно, не е баш успешен ловец. Интересно е што вистинските жици на харфата се правеле од цревата на рисот, а нивниот звук се сметал за божествен, ја симболизирал среќата. Вибрациите на струните од рисовите црева можело да успијат понекој од слушателите и да го однесат, барем накратко, од другата непозната страна на животот.
Рисот (балкански рис) е документиран во Македонија уште во средниот век, во минатото го имало речиси во сите планини на Македонија, едно време сосема исчезнал. Постојат различни мислења колку ги има денеска, исклучиво во Западна Македонија. Најоптимистичките предвидувања се дека нема повеќе од 30-50 единки, иако, практично, за последниве години, се обележани само неколку во националниот парк Маврово.
Ако го нема во густите шуми, се задржал кај луѓето препознатливи по темпераментни реакции. Како на пример „уф, ама е (сум) лут како рис“.
За разлика од првите три монети, кои се бронзобојни, ковената десетденарка е бела. На неа на задната страна е гравиран паунот од епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби, фрагмент од подниот мозаик од 5 век. Паунот е слика на горделивоста, симбол на убавината и моќта за претворање на грдите во убави нешта. Според некои верувања, убавината на неговите пердуви доаѓа од отровите на змиите што ги јаде. Во некои симболики паунот служи за изразување на желбите за мир и просперитет, симбол на неподмитливата душа и човековата психичка двојност. Наречен е животно со сто очи. Ширењето на опашката ги претставува универзумот, полната Месечина и Сонцето во својот зенит. Најубав по изглед меѓу птиците, најгрд по пој, кој повеќе наликува на крик отколку на птичјо пеење.
И 50-денарката е бела. На нејзината задна страна е гравиран лик на архангел Гаврил – фреска од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново – XII век, детаљ што е земен од книжните пари од 50 денари. Гаврил е божјиот гласник што ѝ соопшти на Дева Марија дека ќе зачне и дека ќе го роди Исус Христос, Спасителот. Во еднокорабниот храм подигнат во шумата над преспанското село Курбиново изграден во 12 век во 1191 година се наоѓа светски познатата олтарна фреска на Синиот Ангел (Архангел Гаврил). Според мислењето на врвни историчари на уметноста, таа фреска е прапочетокот на европската сликарска ренесанса, дури два века пред пионерите, италијанските ренесансни мајстори Џото и Фра Анџелико.
На крајот малку историја за ковените пари на територијата на географска Македонија. Почетокот на монетоковењето тука датира од крајот на VI век пр. н.е. кога пајонските заедници почнале да ги издаваат своите сребрени монети, само еден век подоцна од појавата на првите метални пари во светот. Учените не утврдиле со сигурност, но не е исклучено од тоа време да е и поговорката – „парата железни порти отвора“.
Историјата на македонското кралско ковништво започнува со Александар I Филхелен (498-454 г. пр. н.е.), на чии метални пари биле претставувани македонските кралеви на лицето, а лавот или лавјата кожа на заднината. Филип Втори почнал со ковење сребрени пари во Пела и во Амфипол, а првпат вовел и златна номинала, златниот „статер“. Во текот на владеењето на Александар Трети Македонски, кога ја проширил територијата до Индија, на тој огромен простор во циркулација биле неговите златни, сребрени и бронзени пари, кои се ковеле во триесетина ковачници низ целата империја. Поради моќта и славата на Александар Македонски, како и поради високата чистота на металот од кој биле ковени овие монети, во тоа време станале општоприфатено меѓународно платежно средство. Така велат книгите.
Ако на Александар му успеало неговите пари да бидат речиси светска валута, треба искрено да се рече дека за цели 2.300 години по него на ниедна власт, оттогаш до денес, не ѝ успеало од македонските пари да направи нешто вредно за домашна, а камоли за меѓународна употреба. Без разлика од кој метал биле ковени, која тежина ја имале, кои ликови биле насликани, кои животни, птици, риби или цвеќиња гравирани, како на аверсот така и на реверсот, тие секогаш недостигале, како во државниот така и во домашниот буџет.