Новиот суперлигаш, тимот на Аеродром, започна со одигрувањето на контролни дуели пред стартот на сезоната.
Аеродром силите ги одмери со Раховец и успеа да го надигра косовскиот тим со четири гола разлика, 32:28.
Тренерот Дарко Петровски на дуелот со екипата од Косово имаше шанса да ги провери и новите засилувања.
Нови ракометари во тимот се средниот бек Илија Мелоски, пикерот Кристијан Ангелковски, левите крила Филип Димевски и Никола Иванов, како и голманите Мартин Павличковски и Дино Трајчевски.
Аеродромци откако дел од подготвителната фаза ја одработија на Голак, тренираат во нивниот нов дом СЦ „Јане Сандански“ каде што ќе ги играат и суперлигашките дуели.
Ракометарите на Аеродром за ривали во регуларниот дел од елитата ги имаат Струга, Куманово, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2, Скопје, Алкалоид и Охрид и сигурно ќе имаат голем мотив да го покажат својот потенцијал против истакнатите екипи.
