Атинската вечера – прослава или помен за „солунската агенда на ЕУ за Балканот“

Има ли подобар знак дека балканското проширување е мртво од скромната и „на врат – на нос“ организираната атинска вечера за одбележување на 20–годишнината од солунската агенда на Европската Унија за Западен Балкан? Морам да признаам дека ги сакам јубилејните годишници од мојата матура. Нема поискрен однос од другарството склопено во средношколските клупи. Затоа е убаво да си се видиме, да си поприкажеме, да се присетиме на палавостите, на смешните случки и на строгите професори. Не случајно и се слави матурата затоа што таа означува период на живото што кулминирал со успешен завршеток за потоа да се отворат новите животни врвици. Не сум слушнал дека во некоја култура се одбележува почетокот на некој процес, но во понеделникот сведочевме како се одбележува еден таков чуден јубилеј.

Пред цели дваесет години во Солун беше усвоен документ каде што шефовите на државите и на владите на Европската Унија свечено ветија дека „ЕУ ја повторува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан“. Балканските војни веќе беа завршени, оружјето замолкна, проблематичните лидери веќе не беа на власт (некои си заминаа биолошки, други беа променети на избори, а трети беа во притворното одделение во Хаг), а Европа и Балканот беа на самиот врв на интегративната еуфорија. Имам само анегдоти околу тоа што се зборувало низ другите главни градови на Балканот, но постојат живи сведоци, а и записници како врвните европски должносници во Скопје ветуваат дека штом целосно се имплементира Охридскиот рамковен договор, Македонија незапирливо ќе патува кон ЕУ на брзи шини. Печатот, пак, е уште поеуфоричен од политичарите и лицитира дека до крајот на декадата (тоа значи до 31 декември 2010 година) целиот регион ќе биде примен во ЕУ. Имајќи предвид дека веќе беа определени и бројките на европратеници од секоја земја, во колумните, а низ чаршијата се дискутира кои ќе бидат идните европарламентарци, па дали достоинствено ќе нè претставувале, каков им бил англискиот и слично.

„Меката моќ“ на Европската Унија тогаш е во самиот зенит. Се сеќавам дека тогаш кружеше една досетка дека најдолги периоди без војни во регионот биле pax romana („римскиот мир“) и pax ottomana („отоманскиот мир“), но дека конечно регионот ќе постине трајно мир преку pax Solana („мирот на Солана“). Не беше ни малку виц на Балканот дека факс–машината и електронските пораки на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, легендарниот шпански политичар Хавиер Солана, беа доволни за да се надмине секое искричење и помеѓу балканските држави, но и внатре во државите помеѓу самите партии и лидери. Токму вербата во скорешното и дофатливо членство во Европската Унија, јасно врамено во документ со „солунската агенда“, беше доволно за да се помрднуваат политички планина на Балканот.

За жал, освен Хрватска, ниту една од земјите на некогашниот Западен Балкан не влезе во Унијата, а нема ни јасна перспектива за скорешно забрзување на процесот. За волја на вистината, мора да се забележи дека балканскиот pax Solana беше една од жртвите на фијаското со грандиозно најавуваниот европски устав. Конвенцијата за иднината на Европа, под претседателство на поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, го усвои нацрт-уставот на ЕУ, замислен како прв чекор до идната европска федерација. Толкава беше вербата во европската интеграција што никој не ни размислуваше што ќе се случи ако пропаднат референдумите за усвојувањето на овој документ, но токму холандските и француските граѓани ја погребаа оваа иницијатива. Покрај несудениот устав, во 2005 година настрада и самодовербата на целиот европски проект, па се отстапи од многу прокламирани цели, меѓу кои и од натамошното европско проширување.

Дваесет години подоцна меката моќ на Европа на Балканот сè уште постои, но не и во доменот на политиката. Европската интеграција Балканците ја замислуваа како чисто технички процес, без никакви политички игри. Наместо тоа, европската интеграција се претвори во бесконечен кошмар, каде што правилата се менуваат додека тече играта и каде до израз доаѓаат и најмрачните пориви од некои одамна заборавени времиња.

Балканските национализми може да се преоблечат во европско руво, а секако дека ќе се најдат бирократи и дипломати што овие грозотии ќе ги продаваат како „техничко усогласување“. Фактот што само Хрватска е примена од целото друштво, пак, внесува дополнителен немир. Постоеја „хантинтонијански“ гласови во ЕУ што европската интеграција ја замислуваа и ја замислуваат како некаков цивилизациски проект на Западот. Ни се случуваше да слушнеме дека „Европа се простори сè до онаму каде што има ѕвоници на католички катедрали“ или дека „по влезот на Хрватска следува долга пауза“, но сето ова наивно го отфрлавме како муабети во потпивнато друштво или како празнозборие на пропаднати политичари. Сепак, во 2009 година, европската интеграција застана токму на цртата што ја определи Семјуел Хантингтон како граница на западната цивилизација. Јас не сметам дека имало некакви скриени агенди, теории на заговор, тајни групи и слично, но факт е дека Хрватска со ништо не е поразлична од другите држави од Западен Балкан, особено од поранешна Југославија, за да биде издвоена од другите. Европската Унија се претставува себеси како „единство на разликите“, па сопирањето на балканското европско проширување е особено проблематично. Културата на корупција е еднаква насекаде на Балканот, и во „старите земји-членки“ и во „новите земји-членки“, и во Хрватска, и во Турција, и кај тие што преговараат, и кај тие што се кандидати, но и кај „потенцијалните кандидати“. Горе-долу сите се и на исто или слично економско дереџе. Како тогаш актуелната „западнобалканска шесторка“ е издвоена и е казнета со овој вечен лет во место.

Ги разбирам мотивите на актуелниот грчки премиер Мицотакис. Тој има силен мандат, тукушто обновен, опозицијата му е разбиена и му претстојат четири години каде што тој ќе треба да го остави својот печат на грчката историја. Грција има амбиција да биде лидер на регионот и балкански глас во ЕУ. Оттаму произлегла и идејата за атинската вечера. Но таму прво беше чуден составот на повиканите аспиранти (каде што беа Албанија, Турција и Грузија, на пример, од кандидатите и потенцијалните кандидати), необјаснив е и изостанокот на дел од најпламените поддржувачи на европската интеграција од регионот (Словенија, Унгарија и Австрија). Второ, не е јасен резултатот на средбата, односно што се постигна со ритуалното „обновување на духот на солунската агенда“. Трето и најзначајно, на средбата не беа присутни сите шефови на држави и влади на сите 27 земји–членки на ЕУ. Ја помниме „солунската агенда“ токму затоа што целиот Совет на Европската Унија застана зад ветувањето дека „ЕУ ја повторува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан“. На јубилејната дваесетгодишнина беше присутна само Грција од оригиналните 15 земји-членки што ја потпишаа „солунската агенда“.

Следната година следуваат нови избори за Европскиот парламент, па потоа и мачното формирање на новата Европска комисија. Сигурно дека дотогаш балканската европска интеграција е мртва, независно дали Македонија и Албанија ќе ги продолжат преговорите, дали Црна Гора конечно ќе започне да затвора поглавја и дали Србија ќе може да отвори нови поглавја. Токму затоа и атинската вечера повеќе личеше на помен отколку на прослава на матура. Времето на симболичните отстапки и на помпезните ветувања одамна помина. Натамошно одложување на процесот на европската интеграција за „западнобалканската шесторка“, отсуството на каков било сериозен и опиплив чекор, меѓучекор, па макар и исчекор, за всидрување на регионот во ЕУ може конечно да ги сотре и последните наслаги „европска мека моќ“ на Балканот. Како на пример, итен влез на целиот регион во единствениот европски пазар и добивање одредници за влез во шенгенскиот простор.

Сигурно одамна ја фрлиле на некое бриселско буниште факс-машината од кабинетот на Хавиер Солана. Се надевам дека при тоа генерално распремање не ја фрлиле и балканската европска интеграција на буништето на историјата.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...