Бадентер од шинелот на ДУИ

Македонија премногу долго дозволи да биде уценувана. Премногу долго уцените и политичките пазарење создаваа нестабилност и фрустрација, без можност како држава да одговориме на реалните потреби на нејзините граѓани. Дали зборовите на Бујар Османи, кој беше и кандидат за претседател на коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, дека не може да има влада без двојно мнозинство, парламентарното од 61 пратеник плус Бадентерово, а за таквите тврдења се повикува на Охридскиот рамковен договор, значат реален вовед во редефинирањето на македонската држава по изборите или се уште една уцена како заплашување за политички пазар?
Познавајќи ја политичката историја на ДУИ, мислам дека зборовите на Бујар Османи се обична демоде закана на очајник, кој не може да се помири со фактот дека нема да партиципира во новата власт и ќе мора да оди во опозиција по повеќе од дваесет години власт. Всушност, Османи ја испорача цената на неговата партија, која како држава би требало да ја платиме за консоцијалeн. Цена што конечно гледам никој не е подготвен да ја плати. Сѐ си мислам дека сега е право време за овие зборови на Османи да се побара совет од интелектуалните евнуси што го креираа Заевото едно општество за сите и сите оние што безрезервно го поддржуваа фантомскиот „балансер“, кој требаше да испорача правична и соодветна етничка застапеност во државните институции. Којзнае, можеби ќе се повикаат на примерите на Либан и Северна Ирска да нѐ убедуваат дека проблемите со управувањето на државата во услови на консоцијална демократија бараат време, кое никако да дојде, ни таму ни тука.

Барем со Заев изгледаше лесно да нѐ убедат дека си ја продаваме државата за „наше добро“ и дека неефикасноста и нефункционалноста на консоцијалните влади досега треба да ги отфрлиме како безначајни пред неодамнешниот насилен конфликт во 2001-та и нашата ранливост на повторливо насилство. Затоа немој некој да мисли дека е случајно тоа што повторно нѐ плашат од можно насилство ако ДУИ не биде дел од новата власт. Што би се рекло: консоцијализам во герилска акција на ДУИ.
Инаку, колку за потсетување: консоцијална демократија е термин што се користи за категорија на политички системи што се различни во нивните институционални структури, но кои ја делат централната карактеристика на поделба на моќта помеѓу групите во инклузивна влада заснована на соработка и акомодирање наместо интеграција. Се користи во општества во кои демографската конфигурација не одговара на мнозинските правила и стана средство за демократско управување со таквите општества во отсуство на доверба и консензус. Сепак, и покрај тврдењата на нејзините застапници дека тоа е најдобрата или единствената форма на демократија погодна за такви ситуации, има многу малку случаи на консоцијална демократија во постконфликтните општества што се покажаа доволно издржливи за нивниот успех или неуспех да се процени во долгорочно перспектива.
Според досегашните искуства, консоцијализмот повеќе е алатка за решавање конфликти отколку долгорочна уставна структура, што доведе до занемарување на проблемите на управувањето, додека тешкотиите за реформирање на консоцијалните институции често водеа кон тоа ваквите несовршени институции да останат во функција на долг рок. Земете го примерот кај нас. Од механизам за постконфликтна демократска транзиција, кој подоцна требаше да ја елиминира сопствената потреба за постоење, консоцијализмот се претвори во трајна состојба на управување од можен етнички конфликт и нефункционално средство во уредување на демократските односи во државата. И сето тоа како резултат на незнаење, импровизации, политички пазарења и примена на погрешни и непрецизни концепти на кои се заснова консоцијалната теорија. Зарем можеше да се очекува друго од неписмени и сервилни политичари, интелектуално и образовно сурогат експерти, кои од читано недочитано, од учено ненаучено нѐ доведоа до нефункционална и корумпирана консоцијална држава.

Мораше да знаат дека кога консоцијализмот е киднапиран за лична корист од страна на малцинските политички актери, корупцијата неминовно се вгнездува во таквиот систем. Особено што етничките квоти дополнително го зацврстуваат овој феномен нудејќи позиции не врз основа на заслуги, туку едноставно врз основа на (етничко) членство во групата. Оди после бори се со неа, зашто корупциските практики станаа самата основа на македонскиот консоцијалистички систем и ги практикуваат сите политички елити по линија на етничката поделеност.
Во расцепите во консоцијалистичкиот систем се чинеше нормално да доминираат политички партии, како на пример ДУИ, за кои во секој случај се гарантираше (барем досега) да бидат дел од владата. Сметаа дека консоцијалниот систем им го дава правото да владеат без одговорност, манипулирајќи ги системот на владеење на правото, поделбата на власта, независното судство и постоењето на слободен печат. Време е да се промени таа практика. Време е консоцијализмот да излезе од шинелот на ДУИ. Доста ДУИ го хранеше Франкенштајновиот монструм на консоцијализмот со корупција и криминал. Време е за промени и време е некој да почне да го чита Уставот. А не да тера зелена агенда.

Проф. Звонимир Јанкулоски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Веспрем стигна до 31. Куп трофеј

Ракометарите на Веспрем успеаја да го одбранат Куп...

Загреб слави јубилејна 30 титула во Купот, Дибиров МВП на Ф4!

Тимот на Загреб без многу проблеми го освои...

Бразилски репрезентативец пристигнува во Војводина

Актуелниот шампион на Србија, Војводина, на лето ќе...

Веспрем стигна до 31. трофеј во унгарскиот Куп

Ракометарите на Веспрем успеаја да го одбранат Куп...