Чаша шампањско – чаша пелин

Завршија изборите. Секоја победа си има своја цена, како што секој пораз си има своја болка. Секогаш е така. Најпрво се пие чашата со шампањско, на крајот чашата со пелин. ВМРО ја крена победнички чашата со пенливото француско вино, поразениот СДСМ неволно ја испи онаа со пелин. Така е уште од времето на Ника, божицата на победата од грчката митологија. Така е од времето на Александар Македонски, кој не изгубил ниту една битка зашто Ника го следела насекаде и секогаш.
ВМРО-ДПМНЕ со Христијан Мицкоски на чело победи на три фронта. Ја воздигна Гордана Силјановска-Давкова, прва жена претседател на државата, го урна Социјалдемократскиот сојуз и ја минимизира Партијата за европска интеграција (ДУИ), преоблечена во проевропски фронт. Три во едно, што би рекле спортските обложувачи. Ред е, културно е, чесно е, да им се честита на победниците и да им се посака успех во вршењето на функциите.
Ако победниците ја пишуваат историјата, Давкова и Мицкоски како апсолутни победници ќе ја пишуваат новата историја, Ковачевски и другарите откако ќе поднесат оставки, ќе евоцираат спомени, Ахмети ќе остане во светот на заканите. Некој најверојатно ќе пишува мемоари, макар и измислени.
Позната е поговорката дека победата има илјада татковци, а поразот е сирак.
Речиси нема човек што не посакал или не посакува, не чезнеел да го почувствува слаткиот вкус на победата над што било и над кого било. Мицкоски за седум години исплива седум мориња и искачи седум планини за да го дочека својот личен триумф. Оспоруван и во своите редови, навредуван од политичкиот противник, изложуван на цинични коментари во јавноста, но тврдоглаво упорен во своите ставови, Мицкоски носен на крилјата на Ника се вивна во висините.

Оние што посакуваа негов пад му лепеа просрпски, проунгарски, дури и проруски етикети, но огромниот број гласови дадени за него и за Давкова ги обесмислуваат тие мислења. Народот, каков и да е, гласаше во големо мнозинство за идеите и за политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Може да се рече дека македонските идеи, заштитата на интересите на македонскиот народ, неговата историја, јазик и писмо, се камен-темелникот на големата победа. Со она од што Социјалдемократскиот сојуз се срамеше, Мицкоски се гордееше и го форсираше.
Резултатот од изборите јасно говори дека во државата Македонија губитник е секој оној што го запоставува македонското национално прашање, што се обидува да си игра, да експериментира со националните интереси на Македонците и што не покажува интерес да ги штити на вистински начин. Играјќи истрајно на националната карта, ВМРО-ДПМНЕ не направи чекор, не ја помина границата за да добие квалификатив на националистичка, како што некои бивши професори, аналитичари и коментатори сосила се обидуваа да ѝ наметнат такви елементи.
Силјановска-Давкова и Христијан Мицкоски ја испија чашата со шампањско. Сигурно свесни дека уште од денот кога ќе стапат на функциите ќе почне периодот кога ќе пијат од пехарот полн со пелин. Товарот што го презеде овој дует ниту е лесен, ниту привремен, а не е ни време за пеење песни.

Брзо минуваат деновите на славата, нив брзо ги заменуваат деновите на маката. Практичната политика не е извикување борбени пароли и восклици, не е долга опијанетост од успехот, веење знамиња и заслепување од лаврови венци. Мицкоски во изборната кампања високо ја подигна летвичката за прескокнување, даде, постави илјада задачи и обврски што ќе треба да ги исполни како претседател на Владата на Република Македонија. Никој не ја исклучува можноста дека негде нема да се сопне, порано или подоцна.
Сега треба да се чува и од непријателите и од пријателите. Се отвора тој полувидлив мегдан на кој ќе го облетуваат персонални, политички сателити обидувајќи се да го добијат тоа што го посакуваат. Ќе се нудат за соработка полтрони желни за привилегии и функции, ќе му се приближуваат бизнисмени, финансиери, пробисвети, криминогени групации, мафијашки тајфи. Ако не инсталира филтер за да ги запре тие лица и групации, ќе почне да се топат неговите големи ветувања.
Целото историско искуството на ВМРО ни покажува дека по победата почнувала меѓусебна војна до истребување внатре, меѓу братските редови. Истото тоа се случува и подоцна, во независна Македонија, за што сведочат примерите со составот на Љупчо Георгиевски и Никола Груевски. Навистина сега е друго време, други се луѓето, но историјата си е историја, која секогаш си има понекоја реприза.
Силјановска-Давкова и Христијан Мицкоски се победници на двојните избори – Македонија гласа 2024. Што да се каже за губитниците?
Изборната катастрофа што ја доживеа Социјалдемократскиот сојуз не можеше да ја предвиди само оној што е политички слеп. Последниот ден од гласањето беше само завршниот удар на падот што беше почнат уште од времето на Зоран Заев и со страничните бесрамни антимакедонски удари на Бујар Османи и Артан Груби. Антимакедонизмот на ДУИ скапо го плати СДСМ.
Има илјадници книги во кои пишува за психологијата на победата, односно на победникот, но нема или се сосема ретки студиите и прирачниците за психологијата на поразот, односно на губитникот. Дотолку повеќе што победникот веднаш станува дел од решението, а поразениот дел од проблемот.
Иако е речено дека мудрите ги кријат своите порази, СДСМ сега нема што да крие. Соголен стои на столбот на срамот. Но, за нив, за нивната погрешна политика во некоја наредна пригода.

[email protected]

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Македонскиот“ Коњалти ја освои бронзата во Турција

Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете интернационалки...

Го елиминираа Ѓорче Петров и се на праг до титула

Тимот на Елче е на добар пат да...

Веспрем стигна до 31. Куп трофеј

Ракометарите на Веспрем успеаја да го одбранат Куп...

Загреб слави јубилејна 30 титула во Купот, Дибиров МВП на Ф4!

Тимот на Загреб без многу проблеми го освои...