Бездомници дома – Нова Македонија

За навистина да заживее концептот на музеите како климатски засолништа (за ранливите категории како, на пример, бездомници) во услови на екстремни горештини или студови и тој да претставува вистинска помош за сите жители не е доволно да му се пристапи како едноставна пренамена на постојната инфраструктура, без да се земат предвид искуствата на заедницата. Ако патот до инклузивни и отворени простори што можат да им служат на различните потреби на сите граѓани е долг и сложен процес дури и во светот, за нас е – утопија!

Минатата 2023 година беше најтоплата година на земјата од 1850 година, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во 2016 година. Годината беше невообичаена од повеќе аспекти, меѓу кои се брзото затоплување на океаните и рекордната просечна температура забележана во дури 77 земји. Отстапувањата на просечната температура на воздухот во декември 2023 година во споредба со нормалната од 1991 до 2020 година се движат од 1,6 до дури 4,4 степени Целзиусови. Ваквата загрижувачка ситуација ги поттикна и културните институции во светот да се вклучат во ублажување на последиците од климатските промени. Релативно нова практика е претворањето на некои од светските музеи и други културни институции во „климатски засолништа“ за ранливите членови на општеството, како што се бездомниците, за време на екстремни климатски непогоди, како топлотни бранови во лето или ниски температури во зима.
Институциите, главно музеите, кои најчесто се градби со дебели ѕидови и инфраструктура за одржување оптимална и стабилна температура, пристап до санитарни јазли и вода за пиење, почнуваат да се користат за засолнување на ранливите категории луѓе во нетипични временски услови. Отворањето на вратите на музеите за време на летните топлотни бранови и зимските непогоди може да се покаже како практика од витално значење.
Каква е ситуацијата кај нас и дали вакво нешто би можело да се имплементира?
Прво се поставува прашањето за тоа колку домашните музејски институции ги задоволуваат стандардите за развој на еден ваков концепт, особено ако се има предвид дека само мал дел од нив се градби во добра состојба, а уште помалку имаат простории со оптимална температура. Кај нас музејските простории во зима се престудени, а во лето претопли. Нашите културни институции и вака едвај наоѓаат средства, па зголемувањето на трошоците за електрична енергија за затоплување и ладење, секако, би се одразило на нивниот и онака скромен буџет за одржување.
Само да се потсетиме дека не толку одамна библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје и дел од нејзините клонови останаа без струја поради неплатени сметки! И ова не беше првпат градската библиотека да остане без струја, за неполни две години тоа се случило трипати! Пред некоја година поради оштетување и прокиснување на покривот беше повлечена вредната галерија на икони од Музејот на Македонија. Иконите беа сместени во депо до создавањето подобри услови за да се изложат. Покривот подоцна беше саниран, но објектот сѐ уште е само делумно функционален поради оштетувања на градбата.

Ваквите проблеми особено се чести во културните институции надвор од главниот град. Во повеќе наврати е пишувано за крушевскиот „Македониум“, чии ѕидовите околу витражите се варосуваат само за да се замаскира и затскрие катастрофалната состојба. Кога врне внатре во споменикот протекува вода од витражите и кородираната метална конструкција, а вода навлегува и преку пукнатините во самата бетонска конструкција на објектот. Честопати водата ја има во толкави големи количества што таа прави цели вирови на самиот под.
Ова се само неколку примери на негрижа на државата за музејските и културни институции кај нас. Имено, лани, кога Македонија го одбележуваше 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите, од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) посочија дека дури 90 отсто од установите од овој вид се во многу лоша состојба, главно се соочуваат со проблеми со инфраструктурата, депоата, но и со измешани надлежности…
Но инфраструктурните проблеми не се единствената причина зошто идејата за музеите како климатски засолништа за нас е утописка. Друг проблем е ниската свест на заедницата за климатските промени и уште повеќе нашата неспособност да ги препознаеме музеите како простор што треба да им биде достапен на сите граѓани, а не само на елитата. Во светот, музеите ги отвораат вратите за граѓаните за време на климатски екстреми, а како модел ги користат упатствата направени со помош на алатката „Калчрал спејсис“, според кои, од клучно значење е луѓето да се чувствуваат добредојдени, да знаат дека тоа е безбеден простор, како и да се реагира на потенцијалните приговори на другите посетители, на пример, на присуството на бездомници, и да им се укаже дека тоа е простор што е достапен и отворен за сите. Таму се работи и на едукација на лицата од обезбедувањето да бидат пријателски настроени кон посетителите, да не издвојуваат никого од толпата и да не им вршат дополнително претрес на лица што на кој било начин се загрозени. Дополнителни чекори што се преземаат се и слободно користење на тоалетите, бесплатен интернет-пристап, вода, кафе, чај…
И додека ние сѐ уште се занимаваме со „исклучената струја“, многу градови во светот веќе ги имплементираат и ги користат музеите како климатски засолништа. Така, во 2022 година, за време на летните месеци и топлотните бранови, кога температурите достигнаа 40 степени, властите на Бордо го отворија климатизираниот Музеј на ликовни уметности за сите, обезбедувајќи бесплатен пристап и продолжено работното време. Најдобар пример е Барселона со своите 200 јавни простори: музеи, библиотеки, јавни центри, но и паркови и градини, кои веќе служат и како климатски засолништа.

Од 2020 година, овој град работи на воспоставување мрежа или мапа на климатски засолништа (училишта, библиотеки, музеи, паркови…) за сите на кои им е потребно засолниште за време на топлотни бранови и екстремни температури. Дури се појавуваат и студии што покажуваат колку музеите како климатски засолништа се навистина инклузивни и колку тие ги земаат предвид специфичностите на одредени групи и нивната (можеби зголемена) ранливост на климатските промени. На пример, дека оние со пониски примања повеќе ги чувствуваат последиците од климатските промени и се повеќе изложени на климатски стрес и топлотни удари…
Имајќи го сето ова предвид, за навистина да заживее концептот на климатски засолништа и тој да претставува вистинска помош за сите жители на градот не е доволно да му се пристапи како едноставна пренамена на постојната инфраструктура, без да се земат предвид искуствата на заедницата. Ако патот до инклузивни и отворени простори што можат да им служат на различните потреби на сите граѓани е долг и сложен процес дури и во светот, за нас е – утопија!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ