До институционално-морално-етичкиот колапс, и по него

Повеќе или помалку на сите што живеат во Македонија им е јасно како стигнавме до оваа состојба на практично општоприфатена хронична состојба на институционално-морален колапс. Предизвикот што се поставува пред нас е дали имаме капацитет да се издигнеме од него. Отсуството на морал не е веќе прашање само на правда и на мир, туку веќе и за голиот живот се работи!

Палета бурни емоции се кренаа во многубројните реакции на јавноста (главно на социјалните мрежи), по активирањето на истрагата во Клиниката за радиологија и онкологија, поради инциции и сомневање за кражба и препродажба на црниот пазар и во Косово, на терапија за болните од најтешките болести, обезбедена од македонските социјални осигуреници. Но притоа поразително е забележително дека отсуствува првично изненадување од откривањето на ваква, наводно криминална, неморална и нехумана измама.

По излевањето на сиот дијапазон на емоции, кој варира од болка, лутина, гнев, бес, револт…, пред сознанието за моралната суровост и бескрупулозноста на ликовите, во кои оние што имаат само една желба (да оздрават) ја гледаат сета надеж, а на кои државните институции задолжени за грижа за здравјето на нацијата им ги дале довербата и сите професионални и законски надлежности да го прават тоа, на оние што дале Хипократова заклетва…, тлее недовербата на јавноста дека ќе бидат откриени сторителите, дека ќе има одговорност, дека ќе има правда.

Нема верба дека нема пак да се повтори некој друг инцидент, некоја друга неодговорност во која човечките животи со цинична леснотија се ставаат на пазарот на (не)хуманоста. Отсуството на „изненаденост“ од уште еден институционален инцидент во здравствениот систем, со сериозни индиции за криминал, граѓаните го „објаснуваат“ со самообвинување дека самите дозволиле ваквите состојби да метастазираат во здравството, со замижување и „имање разбирање“ за сите претходни афери и лоши лични искуства при секоја потреба за здравствена заштита. „Имањето разбирање“ најчесто е предизвикано од потребата човек побрзо да си ја реши својата болка и брзото сознание во таква состојба дека не може сам против системот, кој како да е создаден за интересите на сите што се во него, освен на граѓаните кога ќе дојдат во состојба на пациенти.

Оваа, уште една кулминација на афера во здравството, за која јавната реакција (засега) се манифестира во форма на протест пред Владата, за жал, е само уште една епизода од сите слабости што ги манифестираат институциите на македонската држава, додека се надева и уверува дека со уште една измена на Уставот ќе влеземе во ЕУ до 2030 година, а можеби и порано.

Неодговорноста и незаинтересираноста на институциите за општествениот интерес и прогрес, и покрај сета проевропска реторика, во практика граѓаните ги чувствуваат на своја кожа, секој ден, на секој чекор и на секоја возраст. Стана речиси вообичаено учебната година да започнува без учебници за некое одделение, поради реформите во образованието. Годинава, тоа им се случува на учениците од трето и од шесто одделение. Реформите во образованието им се „случуваат“ и ги доведуваат во стресна и неизвесна состојба и наставниците, на кои им ветуваат теоретски дека поради промените во образовната концепција нема да останат без работа, ама никој не се осмелува да претпостави како замисленото ќе функционира и што ќе работат наставниците кога ќе ги исполнат часовите предвидени за нивната научна дисциплина во новите интегрирани предмети.

Задачата и ветувањата на правосудството за бескомпромисна борба со корупцијата и организираниот криминал се заплеткаа во меѓусебните обвинувања на институциите и луѓето што ги предводат, барајќи изговор за сопствената неефикасност и затскривање на услужливоста спрема политичарите, нивните интереси, односно неотпорноста спрема партиско-политичките влијанија. Линијата на довербата во правосудството со секое истражување на јавното мислење, речиси и не може да се пронајде во илустративните графикони, зашто едвај се поместува до 2 отсто.

Административната неефикасност, обременета со „ендемски“ инструменти како „балансер“ и „бадентер“, граѓаните ја чувствуваат при секоја потреба за добивање основни документи за докажување (обично пред други државни институции и банките) на својот регулиран статус со државата. На пример, добивањето лични документи, веќе со години (од различни причини) е „инспирација“ за лични, па и семејни драми. Почнувајќи од електронското или телефонско закажување на термин за „сликање“, па неколкучасовно чекање во институцијата што го спроведува тоа (иако, формално некако сте добиле термин), седумте работни денови на „исчекување“ додека биде подготвен документот, кој обично е со некаков погрешен податок… е само првиот кадар на институционалниот колапс, кој за чудо трае како лоша серија со безброј сезони, во која главните ликови од првата сезона, веќе се речиси и заборавени.

Повеќе или помалку на сите што живеат во Македонија им е јасно како стигнавме до оваа состојба на практично општоприфатена хронична состојба на институционално-морално-етички колапс. Предизвикот што се поставува пред нас е дали имаме капацитет да се издигнеме од него. Отсуството на морал не е веќе прашање само на правда и на мир, туку веќе и за животот се работи!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Македонија на тежок испит против силната Шпанија

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска им се...

Дневен хороскоп за четврток, 29-ти февруари 2024-та

ОВЕННе ризикувајте да се потпирате на чудо што ќе...

Ангеловски: Алборг ни покажа зошто со Кил се најдобрите екипи во групата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...

Пешевски: Го одигравме најдоброто прво полувреме, но отворивме лошо во вториот дел

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...