
Судскиот совет сега ќе хибернира? Иако беше најавено ова највиоко тело во македонското судство вчера не одржа седница за избор на нов претседател. Таа е откажана на „неопределено“ и кој знае кога ќе биде закажана. Која е причината за тоа не се соопштува.
Имало ли премислувања, откажувања кај членовите, имало ли јавувања од страна и сугестии да не се тоне уште повеќе во скандалот и срамот којшто започна со начинот за разрешување на (до)сегашната претседателка Весна Дамева не се знае. Се знае само дека работите не се онака како што треба да бидат.
Сепак, добро е што членовите на ова важно тело вчера решиле да подзапрат. Но, уште поважно е времето сега да се искористи за да се види како натаму.
Колку и да заменик-претседателот Селим Адеми се повикува и правда со постоење на „правни дупки“ при разрешувањето на претседателот тие не можат да бидат прифатени како оправдување за стореното. Оти не е работата во тоа со колку гласа треба да се разрешува претседателот туку како што велкат правните експерти во кршењето на сите претходни процедури – од неправно ставање на таа точка на дневен ред па до причините поради кои се бараше разрешувањето. Биле направени драстични прекршувања кои се недозволиви за тело какво што е Судскиот совет. Поголемиот дел од неговите членови, всушност, покажаа дека знаат да го растегнат правото и процедурите во правец кој ќе го посакаат. За што мора да понесат одговорност.

А одговорност не се поднесува со тоа што по некое време ќе се одржи нова сендица и со некакво мнозинство на гласови ќе се избере новиот претседател. За работите да се поправат треба оставки и заминување на сите негови членови, па нов состав да ги анулира недореченостите.
Секако и со отстранување на сите „правни дупки“ во процедурите за избор и за разрешување за коишто е несфатливо како досега не биле отстранети!? Без таква смена, залудни ќе бидат сите укажувања и апели дека нашиот правосуден систем треба да се подобри и да се ослободи од надворешните влијанија.
Само од кажувања и укажувања нема фајде…