Многу ветувања дадоа СДСМ и ДУИ за една изборна единица, и?

Колумна на Никола Тасев:

Изборниот модел во Македонија не е добар. Не дозволува во Парламентот да се прикаже вистинската изборна слика која граѓаните ја исцртуваат на гласачките ливчиња. Тоа неодложно мора да се смени.

Оваа власт речиси секоја година ветува дека ќе го смени изборниот модел. Еве и сега нова работна група за изборни реформи од денеска ќе ги „лечи“ изборните слабости преку имплементирање на препораките и барањата на ОБСЕ и ОДИХР во Изборниот законик. Добро е тоа што почнува, но дали и како ќе заврши?

Дали конечно, со овие измени, ќе се вгради и барањето од малите партии (но пред се на многуте македонски граѓани) – цела Македонија да биде една изборна единица? Оти токму тоа треба да биде суштествената промена на Изборниот закон – без „една изборна единица“ секоја реформа ќе биде само шминка.

А за измени на изборните правила, баш и немаше потреба од работна група, оти веќе две години во Парламентот, од неколку помали партии, има поднесено предлог за измени на Законот. Тој, по многу кочење од поголемите владеачки партии, ги помина и комиските расправи. Само треба да се стави на дневен ред, да се крене раце и завршена работа! Едноставно и брзо!

Ама… Зошто нештата да бидат едноставни, кога може да се искомплицираат. При тоа и да се купи време, да се создаде атмосфера дека нешто се работи, да се подлажуваат помалите коалициски партнери во власта и на крај да се констатира дека и следните избори ќе тераат по старо, ама со јасно ветување оти веднаш по изборите ќе се менува нешто. Веќе видено! А од помалите партии купено, без многу да „таласаат“.

Од работната група и не треба нешто посебно да очекуваме. Во Македонија во моментов има многу работни групи за многу нешта, ама се нефункционални. Само заседаваат, земаат хонорари, без некоја конкретна завршница. Што ќе каже на ова партијата ДОМ? Оти при последната реконструкција, донесе одлука дека ќе излезе од власта ако за 90 дена не се случат промени на изборните правила. Деновите си поминуваат… Ќе бидат ли задоволни само со тоа што се пробало да се направат измените?

Многу пати сум пишувал и сум дебатирал на оваа тема. Мојот став од секогаш бил јасен: малите партии, на кои, оваа промена им е важна, оние чии пратеници ја држат владата во живот ја имаат клучната улога при донесување на нови изборни правила. Ама само ако се искрени, ако се подготвени за акција и ако барем еднаш се исправат пред поголемите коалициони партнери. Ова не зависи ниту од СДСМ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак од ДУИ. Токму малите партии имаат доволно пратеници за да ги убедат поголемите. Особено ова важи за малите партии во власта. Наместо да го дигнат својот глас „до небо“ и да се изборат за ова клучна демократска промена, тие се задоволија со ситни ковчиња што им ги потфрла од време на време поголемиот брат и со провидни потези дека нешто се работи на таа тема. Еве како сега со новата работна група за изборни реформи.

СДСМ уште во изборната кампања за изборите во 2016 година го доби пријателството на помалите партии, но и симпатиите во демократската јавност со јасно промовираната определба и дадено ветување дека веднаш по формирањето на нивната влада ќе ја направат Македонија една изборна единица. Шест години потоа – ништо од тоа ветување! Дури и денес јасно не го соопштуваат својот став дека се решени да се затвори конечно ова прашање во интерес на македонската демократија. Дали чекаат нивниот став да се изгради во Мала Речица и да им биде соопштен? Нема да биде изненадување ако е така!

А се поочигледно е дека ДУИ и СДСМ имаат друга мака пред изборите што се доближуваат, а кои може да бидат и предвремени. Тие се повеќе размислуваат како да обединат што е можно повеќе партии за заедно да настапат на следните избори. Гледаат дека анкетите јасно покажуваат колку се слаби ако се сами. А вака големи коалиции се потребни само кога има повеќе изборни единици, како што е сега.

Затоа малите партии сега или ќе се изборат за поправеден изборен модел или ќе мора потоа да клечат во СДСМ и ДУИ за да им дадат едно пратеничко место на листите. И секако ќе бараат и ново ветување дека во идниот парламентаен состав ќе се смени изборниот модел.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Забавно е да се игра во Битола“

Голманот на Вардар, Мартин Томовски никогаш во својата...

Кадетското злато остана во Автокоманда

Домаќинот на кадетскиот турнир од Ф4, не залудно...

Младост ја продолжува борбата за второто место во прволигашкиот плеј-оф

Тимот на Младост Богданци пред својата публика не...

Радовиш чекор поблиску до суперлигашки бараж

Екипата на Радовиш пред својата публика одигра според...