Историскиот Февруарски поход и сегашниот поход на владиното лице „М“

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Многу оддамна, уште пред шест години ги советувавме и им велевме на „храбрите“ ликови од „возвишената“ политичка сцена да не го потпишуваат „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“ со Бугарија (2017) во дадената форма – асиметричен, нерамноправен и недобронамерен кон македонската страна, особено кон македонската историја (меморија, обрзование и наука), култура и кон македонскиот јазик. Но, не послушаа, ни искуство, ни наука – историска, јазична, правна, дипломатска, постапувајќи самобендисано или како што денес вели северното владино лице „М“ – според идеите и иницијативите „кои водат кон стабилност и развој на демократското општество“.

Верувам дека сте збунети од противречноста на поимите и на реалноста! Во меѓувреме се случија сите црни петна на кои укажувавме. И не само тоа, бугарската страна во секој нејзин настап не само што не се држи до словото и на оној никаков текст од Договорот, туку во секоја наредна епизода лицитира со нови барања, условувања, закани и инструменти на великодржавен национализам и шовинизам. Таква е и последнaта изјава на бугарската потпретседателка, во смисла дека, ако не влезат Бугарите во македонскиот Устав, нема да има преговори за членство на државата во ЕУ!? Меѓутоа, бугарските условувања имаат погодна почва и разбирање од северната владеачка врхушка, која смета дека може да зема плата од македонскиот буџет, а да не ги брани и застапува македонските национални интереси и потреби, дегенерирајќи ги до непрепознатливост!

Така, веќе спомнатото лице „М“ кое точно пред три години изјави пред македонската јавност дека „Гоце Делчев е и важен бугарски јунак, греота е да не разделува“, сега тој, настапува пред пучанството дека „со ставањето…на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците…и Бугарите“, односно дека со тоа се штител и зајакнувал македонскиот идентитет. Згора на ова, он би јавно или скришем да разговара со одредена политичка партија, опозициска, заради содржинска расправа околу прашањето „зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот“!?

Небаре, станува збор за бавчата од дедо им па ќе договараат парцели за копање! Неверојатно, до каде е возвишен демократскиот и политичкиот капацитет на северната политичка врхушка. А, македонскиот народ кој со својата борба ја создал македонската држава, а со тоа и нацијата е апсолутно игнориран до негирање, како неприкосновен носител на сувереноста и интегритетот на државните атрибити и задачи!

Не навлегувајќи во подлабока анализа и одговор на повеќето прашања, ќе се задржам само на последното. Разлика во историскиот развој меѓу македонскиот народ и бугарскиот има од многу оддамна и таа се со одликува со специфичности. Од бројните примери, ќе го споменам само „Февруарскиот поход“ на македонската ослободителна војска (НОВ и ПОМ), изведен пред 79 години за време на Германско-бугарска офанзива во областа Меглен и во кожуфско-мариовскиот простор. Неговото успешно изведување (31 јануари–22 февруари 1944г.) претставувало пресвртница во полза на единиците на НОВ и ПОМ и на 27 и 28 февруари 1944 г. во манастирот св. Прохор Пчински било одржано воено-политичко советување на кое особено внимание им било посветено на подготовките за одржување на Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944 г.) на кое се поставени темелите на македонската држава.

Враќајќи во сегашноста, во Преамбулата на Уставот на РС Македонија и покрај измените, сепак се спомнуваат „традицијата на Крушевската Република и правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“. Последново, сепак е производ на активностите, дејствијата и на процесите кои македонскиот народ ги поттикнувал, ги преземал и во кои учествувал. Притоа тој, изодувајќи го во тие борби патот од георафското поврзување: Македонија – македонски; преку политичкото издвојување:  Македонија на Македонците; до народното зреење: Македонија – Македонец.

Оттука, донесените решенија од Првото заседание на АСНОМ влегуваат во македонската историја како позитивен и препознатлив национален настан. Такви се: 1. Решението за утврдувањето на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на Македонија; 2. Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во Македонија; 3. Решението за прогласување на 2 август за државен празник (национален празник) на Македонија и 4. Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија. Комплексната содржина на споменатите решенија,  ја изразува „суверената волја“ на македонскиот народ за фактичко и правно создавање на една негова државна индивидуалност, во чинот на НОБ  и народниот фронт на сите антифашистички и демократски чинители, како и Македонците од Пиринскиот и Егејскиот дел, Албанците, Турците, Власите и др.

Имајќи го ова во предвид, актуелноста за уставни измени, заради внесување на „Бугарите, како конститутивен народ“ во услови на експлозија од великобугарски национализам и шовинизам парфемисан со бајато француско ливанто, што дури повеќе личи на смрдеш е беспредметна. Тоа е лоша намера со уште полоши последици по државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ