Избори за спас од нефункционалната идиократија

Избори за спас од нефункционалната идиократија

Петар Поп-Арсов

И, повторно Макрон!

Брутално отворен, реален и искрен! Себичен и во одбрана на францускиот интерес! Негативен за нас, но гледано од француски аспект, со сосема легитимен и патриотски став.

Патриотизам, зарем тоа сè уште е во мода?

Европската Унија тешко функционира со 27 земји членки, со 32 или 35 нема да биде полесно!“ На Европа и требаат реформи!

Овој пат Макрон не мислеше само на реформи во методологијата на проширување на ЕУ, темата која што нас нè интересира и сме во заблуда дека целиот фокус е ставен на нас. Макрон мислеше на реформи во начинот на функционирање на заедницата во целост. Реформи кои ќе ѝ овозможат на ЕУ поефикасно функционирање во секој поглед, а не само реформи кои ќе го усложнат и отежнат интегративниот процес на земјите кандидати. Макрон повика на реформи кои што ќе ги санираат недостатоците од актуелниот начин на функционирање на Унијата и кои што истовремено ќе ги превенираат можните компликации кои со себе ќе ги донесе проширениот формат на ЕУ.

Од друга страна, од некажаниот текст во неговата изјава може јасно да се прочитаат некои други интересни нешта. Може да се прочита стравот на Франција од проширувањето  на ЕУ со нови земји членки. Стравот од тоа дека влијанието на Франција во тие земји е далеку послабо од она на Германија или од влијанието на надворешните центри на политичка моќ како што се САД, Британија… па дури и Русија. Во поттекстот на неговата изјава лесно се чита незадоволството од досегашното проширување со земјите од истокот на Европа. Лесно се чита дека на Французите им е доста од нови бугарии, романии и слични на нив. Особено им е доста од нивната рамноправност во процесите на одлучување до степен на користење на правото на вето.

Макрон тоа не го кажа, но јасно го покажа!

ЕУ е заедница, релативно компактна, но во исто време жива материја која не е имуна на внатрешни движења, процеси, несогласувања па дури и судири. ЕУ е заедница во која секој се бори за подобра позиција и поголем бенефит за сопствената земја. ЕУ е заедница која овозможува бројни алатки, техники и методи кои ги применуваат земјите членки со цел зајакнување на нивната позиција во рамки на Унијата. Барем така функционираат нормалните земји кои држат до себе. Можеби тоа е себичен пристап, но таква е реалноста и само така може да се дојде до баланс на силите.

Тоа е моментот од кој што стравува Макрон. Намалување на моќта и влијанието на Франција како една од водечките земји во ЕУ, наспроти влијанието на другите центри на моќ. Тоа беше и причината поради која Франција пред неколку години ја наметна потребата од реверзибилност на процесот на преговори на земјите кандидати со да го забави нивното пристапување кон ЕУ. Сега Франција има нова цел. Нови реформи кои ќе создадат еднакви и поеднакви земји во самата ЕУ.

Тоа е како за почеток, за натаму ќе видиме!

Сепак, имајќи го во предвид моментот на неговата изјава, овој пат можеме да кажеме дека е дури и фер во однос на Македонија. Ако се сетиме на тоа дека Макрон рефорите за процесот на пристапување ги побара непосредно по промената на името на државата, тој сега „навреме“ ја најави потребата од реформи во ЕУ. Барем да сме на чисто што може да нè очекува во иднина во поглед на евроинтеграциите, со или без променет устав.

Во тој контекст, минатонеделната посета на Ескобар на Македонија станува некако дискутабилна и компромитирана. Компромитирана од Франција, партнерот на САД?! Или поточно кажано, од Фанција, конкурентот на САД во борба за влијание и превласт во ЕУ?!

Комплицирани се овие мултиполарни битки на секој со секого и секој против секого. Парадоксално е да помислиме дека, како за илустрација, она што на Германија не и одеше во прилог со рушењето на северниот гасовод, за Франција и не беше некоја загуба, особено ако се знае дека оваа земја располага со енергија од нуклеарните централи. За Франција тоа не е некоја загуба, посебно во контекст на внатрешната борба за превласт и влијание во ЕУ.

Од друга страна, исто така за илустрација, случувањата во Нигер (на кои кумуваат други играчи) се сериозен удар за Франција во поглед на поречување на снабдувањето со нуклеарно гориво. Но, за Германија тоа не претставува сериозна загуба.

Сето ова би било точно ако гледаме онака, површински, себично, без да се пресмета вкупниот материјален биланс и општиот интерес на двете земји и ЕУ во целост. Е сега, која е точката на гледање на европските земји во моментов, сè уште не можам да дефинирам со сигурност, но дека постојат сопки и удари под појасот на сите страни, тоа е јасно.

А над појасот… насмевки и европска идила!

Од се што се случува околу нас, ние само треба да го имплементираме францускиот предлог, да го промениме Уставот… и еве нè во ЕУ?!

Така велат од власта! Така велат Ковачевски, Маричиќ и останатите од СДСМ!

Нивните цели и мотиви се јасни. Презедоа обврски за промена на Уставот и сега се трудат да го сторат тоа. Вложија речиси се на картата на ЕУ интеграциите. Занемарија се што требаше да се сработи во земјата и сега се ни ваму ни таму. Ниту ЕУ, ниту средена и реформирана држава. Поддршката кај граѓаните им е „нула“ и сакаат што поскоро да го променат Уставот по принципот на споделена одговорност со ВМРО- ДПМНЕ.

Во потполност ќе се согласам со оние аналитичари кои велат дека со споделување на одговорноста за промена на Уставот, СДСМ сака да се рехабилитира и да компезира дел од разликата во рејтингот која што во моментот постои меѓу неа и ВМРО. Ќе се согласам и со тоа дека СДСМ токму заради тоа не сака да оди на предвремени избори, пред да го направи последниот обид за кршење на опозицијата, дури и со недемократски сретства.

Но, во исто време ќе додадам дека оваа стратегија на СДСМ базирана на инстинктот за голо преживување, е најголемата кочница и пречка на евроинтегративниот пат на Македонија. СДСМ создава внатремакедонска поделба, но и поделба по етничка основа. Го узурпира и монополизира статусот на проевропски политики со цел да остане подолго на власт. Таа во суштина го блокира процесот ставајќи го опстојувањето на власт пред сите други интереси на државата, вклучително и пред евроинтегративниот процес. Во суштина, создава политички амбиент во кој блокадата на евроинтеграциите ќе ја ползува само за сопствен политички бенефит.

Нивната политика дека во ЕУ можеме само со отстапки и откажувања, кои само тие се способни да ги испорачаат, ја доведоа земјата во „пат позиција“. Во моментов нема две третини за промена на Уставот. Како тргнале работите, ќе нема ниту после изборите, биле тие предвремени или редовни. Оваа политика на СДСМ ја води државата токму во таа насока, во насока на самоблокада. Без оглед на тоа што СДСМ повеќе нема да биде власт после следните избори, тие уште од сега го трасираат патот по кој што ќе се движи државата. Пат на политички кризи, блокади и бескрајно вртење во круг во однос на евроинтеграциите.

Па зарем тоа не е примарниот интерес на Макрон и Франција­?!

Нека се запраша малку Ескобар и нека пренесе во Вашингтон, што е тоа што во суштина работи Ковачевски? Кои се вистинските ефекти од неговата политика и во кој правец ја води државата? Нека се запраша каде тука е интересот на САД и каде е интересот на Македонија, земјата стратешки партнер?

По се што гледаме последниве години може да кажеме дека Франција ја добива битката на „македонскиот фронт“, битката за превласт и влијание во ЕУ. Си има и сојузник, Ковачевски. Не сум сигурен дали Ковачевски го прави тоа свесно или несвесно. Можеби најпрецизно е да се каже дека го прави воден од инстинктот за политичко преживување и голо опстојување на власт.

Државата и политиката се водат со памет и мудрост, не со инстинкт. Поставувањето и поддршката на идиократски влади во Македонија нема да и донесат корист на државата, ниту на нивните поддржувачи. На Ескобар тоа треба да му стане јасно!

Затоа се потребни избори веднаш!

Избори заради ресетирање на системот на воспоставени вредности, заради реформи во судството, избори заради борба против корупцијата, заради учебници за учениците, избалансирани плати и пензии, подобро здравство. Избори се потребни заради отфрлањена нефункционалната идиократија на Ковачевски. Избори се потребни заради отфрлање на апартхејдот и воспоставување на функционална демократија, еден од европсите критериуми од Копенхаген. Избори се потребни и за конечен напредок кон ЕУ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ