„Јас само крајот би го променил, другото не чини“

Интересно што Пендаровски прави стендапи за да нè насмее, иако всушност крева паднат морал кај членство, ама простаклак и невоспитаност не се смешни. Не сакам да верувам дека токму оној мистериозен еврејски стратег е креатор на шовинистичките наративи на гротескни ликови, но очигледно е дека сето тоа не е случајно, туку, напротив, по сценарио изведено. Патем, ме чуди опседнатоста кај СДСМ со баби и снаи, што би се рекло со женидби и свадби, оти не така одамна ни тврдеа дека успешно ќе ја мажат и Македонија. Не знам, можеби ПР-стратегијата им ја водат брачно неостварени ергени и стари моми, ама треба да разберете дека рејтингот ви е така лош зашто народов не е среќен што изминативе години го присиливте да живее „македонска крвава свадба“. Сеедно што Зиков, парафразирам, се обидува да нè убеди дека Цвета сама отишла за Осман, оти тогаш Отоманската Империја била она што денес е ЕУ. За едно е во право. Кога-тогаш, ЕУ ќе заврши како Отоманската Империја.
Туку не ми е јасно зошто дрочам за невкусот што сдсмовци го шетаат низ Нордистан, кога во светот се случуваат толку сериозни потреси, кои сè повеќе ни потврдуваат дека третата светска војна е веќе почната, само што ние не сме свесни за тоа. Воената наука честопати она што се случува на фронтовите го нарекува театар на дејства. Е па, и тоа го видовме, театар навистина се случи. Таа вечер бев на гости, неколкумина пријатели разговараме во двор уживајќи во пролетта, која појма нема дека наскоро повторно ќе дојде ноември среде април, кога еден од нас соопшти дека Иран го нападна Израел. Сите замолкнавме, се завртевме кон него, па „Кога? Сега?“, запрашав. Тој го врати погледот на телефонот и малку ја промени изјавата. „Тука пишува дека Иран ќе го нападне Израел“. Тоа „ќе“ остана да ми игра персиски танц низ умот, ама ние си го продолживме опуштениот разговор.
Четири часа подоцна влегов дома, веднаш отворив интернет на телефон, пуштив Си-ен-ен на телевизија, оти европските демократски вредности не ми дозволуваат да имам „Раша тудеј“ меѓу ТВ-каналите. Читам вести, гледам Си-ен-ен и навистина, сите медиуми објавуваат иста информација.

Иран го нападна Израел, ама ракетите и дроновите наскоро ЌЕ го погодат Израел. Израелските, американските, британските и јорданските авиони се во воздух, ПВО-системите се активирани и сите заедно, сосе нас публиката, чекаме тие ракети да стигнат до Израел. Не дочекав. Си легнав бидејќи факинг ракетите на неколку стотина километри пред Израел седнаа на пауза за кафе и цигара. Знам, не е за смеење работава, ама во тој момент мене така ми заличи.
Сабајлето кога се вратив на возбудените ТВ-канали и портали, иранските ракети и дронови стигнале до целта, поголем број од нив биле пресретнати и уништени од авионите и ПВО-системите, ама мал дел сепак го погодиле она што им било планирано. Многу медиуми навивачки настроени, што логично ги прави да бидат и растроени, веднаш се истопорија со муабетот, ха, ете колку ви е моќен тој Иран. Тоа се истите оние што ја слушаат Фон дер Лајен и веруваат дека Русите вадат чипови од миксери и ги ставаат во лопати за да војуваат со моќниот НАТО.
Како и да е, информациите брзо пристигнаа. Ова бил ограничен одговор на Иран за израелскиот напад на нивната амбасада во Сирија, со посебно внимание да нема цивилни жртви, по што сега топката се префрла од Техеран на Тел Авив, при што Иран е спремен за секаков одговор со намера да возврати стократно по него, па САД веднаш му јавија на Израел да биде мирен и ништо да не презема. Ха(!), свикав во себе, па овие Персијциве уште координатите на движење на нивните ракети да им ги јавеа на Израел и САД, значи ова стварно е театар на дејства. И на ова брзо добив објаснување, оти сакам да читам сериозни воени аналитичари, па стигнав до информација од турски дипломат, кој изјавил дека Иран ја известил Турција дека ќе го нападне Израел, Турција тоа им го пренела на САД, Американците веднаш им јавиле на Израелците, ама свртеле број и во Техеран за да им кажат нападите да бидат ептен ограничени, на што Иран рекол океј. И покрај фактот што сите овие информации на некој начин го смирија светот, особено, за момент здивнаа Украинците, оти сигурен сум дека им се одзела свеста бидејќи ако почне големата кланица на Блиски Исток за нив веќе никој, ама ич нема да се интересира, па и хаосот во Газа ги фрли во втор план, значи и покрај сите овие „смирувачки“ факти, јас не се смирив. Што знам, можеби сиот овој театар изгледа малку чудно, ама со театарски речник кажано, мене сепак ми изгледа на „прогон“ пред големата светска воена премиера, по која само мртвите ќе се радуваат, оти имале среќа брзо да ја напуштат претставата.
Не знам кој датум во иднина историјата ќе го земе како почеток на третата светска војна, за мене таа веќе е започната. НАТО војува против Русија во Украина, само што е облечен во украински униформи, ама еве, Макрон, кој патем не е сигурен ни дали ќе му се одржи Олимпијадата, прв се истопори да маршира накај фронтот. Инаку, не е само Наполеон тој што го изеде руска темница. Во Втората светска војна повеќе француски доброволци имаше во редовите на германската војска (посебно во опсадата на Ленинград), отколку што беа во движењето на отпорот.

Во Газа, Израел врши геноцид врз Палестинците, ама воено тешко му оди со Хамас. Тука е и големиот конфликт на Блискиот Исток во сериозна најава. Азербејџан, кај и да е, пак ќе ја нападне Ерменија. Молдавија се тресе од напнато исчекување. Во Африка, држава по држава ги прифаќа Русија и Кина бркајќи ги од свои територии западните колонизатори, а тие ова секако нема да го прифатат мирно. Западот и неговите источни сојузници се топорат и ја провоцираат Кина, на која, ако ѝ пукне филмот, ќе мора да се врати од 22 век, каде што живее, во оваа налудничава сегашност во која истиот тој Запад полека губи контрола над себе и сопствената проекција за моќ, ама па тогаш таквите се најопасни, оти ако веќе тонат, сакаат сè да удават со себе. Тука секако мислам на САД и Велика Британија, а не на онаа смешна Европска Унија, која доби директна порака од Истокот за тоа колку е моќна, кога Шолц во Кина беше пречекан од заменик-градоначалникот на некој град со чудно кинеско име. Вака, вознемирувачки, изгледа светскиот театар на дејства и воопшто не е пријатно да се гледа претставата.
Крајот не мириса убаво и јас тука би го цитирал култниот македонски актер Димитар Зози, кој, кога го прашале како му се допаднала извесна претстава, рекол: „Јас само крајот би го променил, другото не чини“.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ