Лекцијата никако да се научи – темните петна никако да се избришат

Зошто пропадна лустрацијата? Како еден од главните протагонисти на борбата за расчистување со злосторствата на комунистичкото минато, одамна чувствувам потреба да се изјаснам дека кај нас целиот тој процес спектакуларно пропадна. Македонија не најде сили да се соочи со црните петна на своето скорашно минато, а самиот процес на лустрација се сведе на карикатура од првичните замисли.
Зошто беше неопходно расчистувањето со злосторствата од скорашното минато? Секое општество, вклучувајќи ги и најдемократските, има свои црна петна од историјата, епизоди што тежат некаде во длабоката совест на заедницата и кои многумина сакаат да ги заборават како никогаш да не се случиле. Посебно се чувствителни моментите што немаат јасна морална димензија и каде што ретко се среќаваат чисти морални ликови, приказни или ситуации. Американците, на пример, го имаа справувањето со сегрегацијата на африканските Американци, судбината на домородните Американци, потоа дискриминацијата на католиците, епизодата со насилното преместување на јапонските Американци во Средниот Запад на САД за време на Втората светска војна и многу други точки од внатрешната и од надворешната американска политика што „не биле за машала“, кажано чаршиски. Умешноста на САД себеси да се прочистува од овие темни поглавја на сопствената историја е, навистина, за почит. Покрај научната (историографската) обработка, кај нив следуваат и публицистиката и новинарството, за на крајот сето да си го најде патот во учебниците по историја и по граѓанско образование. Поуката што треба да ја понесат идните генерации Американци е дека секое злосторство останува запаметено и дека нема прекршување на човековите права без последици. Историјата умее од некогашните опеани херои, како Џорџ Кастер, да направи антихерои, а некогашните бунтовници, кои со пушка во рака се бореле против американската војска, како неговиот противник „Бикот што седи“, да ги произведе во американски јунаци и да ги вброи во историскиот пантеон на сопствената нација. Исто така, храброста на една нација да се соочи со злосторствата од сопственото минато овозможува и симболично прочистување, ставање на целата таа историска епоха во контекст и затворање на едно историско поглавје. Идните генерации потоа почнуваат со чисто досие, без никакви оптоварувања, но со јасни лекции за иднината.

Токму тоа беше целта на процесот на соочување на Македонија со злосторствата на комунизмот. Никој немаше намера да му суди на целиот комунистички режим, „да вади нож на мртов Германец“, да избрише цел еден период од нашето минато или да каже дека сè било црно, погрешно и лошо во таа епоха. Напротив, целта беше преку соочувањето со темните петна да се овозможи Македонија да ги истакне, без никаква грижа на совеста, сите позитивни нешта што се случија во тој период. Тогаш се изгради македонската држава, се кодифицира македонскиот јазик, израснаа македонските институции, медиуми, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, МАНУ, Македонија стана модерна европска индустријализирана и урбанизирана држава. Сите овие придобивки се неоспорни, како што се неоспорни и жртвите на државните злосторства. Исто така, димензијата дека прекршувањата на човековите права не може да се скријат, дека „сеништата“ од минатото не се закопани и дека приказната на жртвите мора конечно да се раскаже, беше мисла водилка на целиот процес. Немаше никаква друга димензија – одмаздничка, негаторска, омаловажувачка. Македонија требаше да покаже способност да се соочи со црнилата на скорашното минато.
За жал, процесот беспотребно се исполитизира. Лустрацијата доби и димензија на лов на вештерки, а одлуките на комисијата беа оспорени и пред судовите, но и во Стразбур, пред Европскиот суд за човекови права. Првично не постоеше цел кој било да биде изопштен од политиката и од јавниот живот со некаков декрет, но, за жал, нештата беспотребно отидоа во тој правец.
Да не зборувам, пак, за научната и за публицистичката обработка. Повторно и тука се подвлече само димензијата на националниот и националистичкиот отпор против комунизмот, без разлика дали станува збор за македонскиот дел од оваа приказна, за албанскиот, за турскиот или за преостанатите. Во секоја јазична јавност во Македонија се слави националниот отпор против комунистичкиот режим, без тоа да се стави во каков било контекст, а често и како херои се посочуваат токму соработниците на тајните служби што биле многу нешта, но никако и жртви и дисиденти. Некако се заборави дека отпорот бил многуслоен и повеќезначен, како и дека жртвите доаѓале од многу пошироки слоеви на општеството. Се заборави на луѓето со приговор на совеста што одбивале да служат воен рок, на техноменаџерите што се казнети само затоа што биле успешни стопанственици, а се заборави и на културниот отпор од последните децении на СРМ и на СФРЈ, изразен низ рок-музиката, графитите, поезијата, театарот, како и супкултурите што никнуваа како печурки во тој период.

На крајот на краиштата, главната лекција треба да биде за политичарите дека не треба да се злоупотребуваат тајните служби за политички цели. Лустрацијата требаше да укаже дека злоупотребата на службите еден ден ќе биде предмет на јавна дебата, дека никогаш нема да биде заборавена и дека можеби еден ден и жртвите ќе си бараат судска правда. Тоа требаше да ги отрезни и политичарите од транзицијата за да престане производството на разузнавачки афери што досега неколкупати до темел ја здрмаа Македонија, од аферата „Сина птица“, преку „паравојската“, „Големото уво“, „бомбите на Заев“, па до „Боки 13“ и срамната злоупотреба на НАТО-сертификатите. Слушаме во предизборието и за срамни местенки, злоупотреби и лажни брифинзи со кои се оцрнуваат водечки македонски интелектуалци, политичари и општественици само затоа што не се согласуваат со политиките на актуелната влада, како и со потезите на СДСМ и ДУИ. Лустрацијата требаше да биде поучна лекција што ќе одѕвонуваше во јавноста и која ќе им висеше како „Дамоклов меч“ над главите на политичарите дека постојат нешта што не се прават во политиката дури и кога тоа може да се стори. За жал, Македонија влегува во уште еден круг на разузнавачки афери, но исходот ќе биде ист – ослабени институции, зголемена недоверба на граѓаните и крај на политичката кариера на оние што се дрзнале да влезат во такви злоупотреби.
Македонија мора да врви напред, но мора и да се соочи со себе. Веројатно е веќе доцна за повторно да се обнови справувањето со злосторствата на комунистичкото минато, но уште има доволно време за справување со злосторствата на транзицијата. Од нашата храброст да влеземе во овој процес, да го истераме без политизација и да ги извлечеме неопходните лекции, ќе зависи и тоа каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца, но и какви лекции ќе им отчитаме на идните политичари. Време е да го затвориме поглавјето со лустрацијата и да кажеме дека тука потфрливме и дека процесот беше неуспешен. Ајде, да видиме што ќе сториме при справувањето со темните петна од транзицијата…

Ивица Боцевски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јовиќ: Техничките грешки си го направија своето

Екипата на Пролет на гостувањето кај Охрид доживеа...

Чаир во турбо ритам – во пет дена забележа три победи!

Ракометарките на Чаир забележаа трета победа во пет...

Келце поднесе жалба до ЕХФ за арбитражата со европскиот првак

Полскиот гигант Келце, кој вчера загуби на пенали...