Македонската репрезентација нема ниту терен каде да игра против Италија, лигата ни се игра на „паркинзи“, ама важно сакаме пласман на ЕВРО 2024!? – Екипа

На помалку од еден месец пред дуелот со европскиот шампион Италија во Скопје во квалификациите за ЕП 2024, Македонија нема стадион каде ќе го игра својот натпревар! Зачудувачки или не, но таква е актуелната ситуација со македонскиот национален тим во 21 век, ако се знае дека поради очајниот терен е затворен единствениот лиценциран стадион од УЕФА – арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Според последните информации, УЕФА наложила итно санирање на теренот по што ќе следи дополнителна инспекција од Европската куќа на фудбалот која потоа треба да даде дозвола натпреварот меѓу Македонија и Италија да се игра во Скопје. Сето тоа треба да се заврши во следните две недели. Во спротивно, можно е дуелот да се игра и надвор од Македонија!?

Ете таква е ситуацијата со македонскиот фудбалски национален тим од кој поголемиот дел од обмамената јавност и „стручњаците“ со лични интереси очекуваат да се пласираме на ЕВРО 2024. Репрезентативците во 21. век немаат терен каде да играат во земјава, ама важно сме чекале да ги победиме Англија, Украина и Италија на пат до постојан пласман на европските и светски првенства!?

Во Фудбалската федерација на Македонија уште пред натпреварот со Украина побараа од ПУИГ под своја контрола да ја преземат арената „Тодор Проески“ и одговорноста за квалитетот на теренот, но од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, кој е сопственик на стадионот, го одбија сето тоа со категорично тврдење дека тие ќе си го средат теренот. Па, сега е среден до тој степен да ни се потсмева цела Европа. Теренот се уште е на ниво од дуелот меѓу Шкупи и Левски по кој беше и алармирана и УЕФА. Од ФФМ, пак, се уште се подготвени комплетно финансиски да се погрижат за сосема нов терен на нашиот најголем стадион со кој еднаш-засекогаш ќе се реши проблемот, но од ПУИГ не се дозволува тоа.

Првата лига ни се игра по „паркинзи“, а упорно веруваме дека сме на ниво на Англичаните, Германците или Италијанците!?

А, стручниот штаб и македонската репрезентација веќе мора да мислат на сето она што ги очекува во септемвриските квалификации. Во јуни Македонија го доживеа највисокиот пораз во својата историја на „Олд Трафорд“, и тоа по само четири дена откако, и според поголемиот број фудбалски аналитичари, против Украина ги одигра можеби најдобрите свои 60 минути во последната декада против селекција од таков ранг. Но, начинот на кој се загуби од Украинците и по водство од 2-0 очигледно влијаеше, пред се од психолошки аспект, за сите случувања потоа во Англија.

Сепак, јасно е дека репрезентативците заедно со стручниот штаб се истите оние кои и претходно ја радуваа Македонија и дојдоа и до финале од бараж за СП 2022. Со еден очигледен факт дека се далеку од формата и лигите во кои настапуваа во времето кога се пласираа на ЕВРО 2020. Ниту Барди е во Шпанија, ниту Алиоски во Англија, ниту Трајковски во Италија, ниту Ристовски во Португалија, а Велковски, Муслиу, Несторовски, Николов далеку од основната натпреварувачка форма. Но, и покрај тоа, и против Украина во Скопје, која сега е далеку поквалитетна и од онаа на ЕП 2020 со 100-милионскиот Мудрик во своите редови, одиграа извонреден натпревар комплетно надигрувајќи ја, за разлика од Букурешт. Затоа и нема замерки за тој меч, ниту од стручен ниту од ангажмански аспект. А, околностите се друга приказна. Затоа и, без разлика на се, мора да наидат на поддршка низ процесот за реализација на започнатиот циклус во обидот за реално коректна промена на генерациите во националниот тим.

А, од друга страна, за тоа каква се реалните околности под кои живее и треба да се надоградува националниот тим никој не сака да разговара. А доволен показател е коментарот на српските медиуми за време и по мечот меѓу АП Брера и Вардар на стартот од најсилната наша лига, кој и регионално се пренесуваше во живо. Па, регионот „имаше што да види“…

„Македонската лига се игра по ‘паркинзи’. Реално клубовите не овозможуваат ниту основни услови за прволигашки фудбал. Искрено, навистина за восхит се сите овие постигнувања на македонската репрезентација изминативе години ако се погледне домашната сцена“ – се дел од коментарите на колегите новинари од регионот по македонското дерби меѓу АП Брера и Вардар.

Ама важно ние тврдиме дека може и мора да се победат Украина, Англија или Италија!?

Ако спасот за репрезентацијата се некакви „грофови“, тогаш ни нема спас!

Изминатиов период се активираа шпекулациите за смена на актуелниот македонски селектор Благоја Милевски по поразот во Англија, и лиферување со бројни имиња од регионот за негов наследник. На претходниот собир на Управниот одбор на ФФМ, и покрај шпекулациите, воопшто ниту се планираше ниту имаше дебата на оваа тема. Иако, јасно е дека на крајот секако само ФФМ одлучува дали и како ќе има промени во националниот тим, и смената на Милевски е сосема легитимна опција.

Но, факт е дека, кога се носат одлуки за најдобрата репрезентација мора да се носат исклучиво во интерес на позитивен импакт. А не за дополнителен циркус низ актуелниот циклус, и задоволување одредени менаџерски апетити или лични суети на кругови кои би сакале а немаат влијание во националниот тим.

И веројатно за тоа се свесни во ФФМ. Ако пак, не, тогаш сосема илузорно е да се верува дека спасот за македонската репрезентација лежи во некакви регионални „грофови“ или домашни имиња со сомнителен морален и стручен кредибилитет кои се спомнуваа изминатиов период. Затоа што логично е секогаш промените да се вршат за подобро, а не за полошо!



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

🎥ВИКЕНДОВ НА 24РАКОМЕТ…Играше само 180 минути за Кометал ЃП, а стана легенда во Македонија

Постарите генерации добро се сеќаваат на романската репрезентативка...

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Македонија со една промена, Миленковска ќе игра против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ќе го...

Полски клуб пред финансиски колапс!

Според пишувањата на „sport.tvp.pl“ тимот на Тарнов во...