Ништо не е вечно на овој свет!

Функционирањето на светот од неговиот постанок до денес може да се објасни само преку една најобична формулација, толку едноставна, но истовремено и толку длабоко космички проникната – ништо не е вечно на овој свет.
Сета мудрост, сета филозофија, сето битисување на човештвото се така организирани постојано да создаваат нови вредности, да градат живеејќи свесно дека не се вечни. Тоа е човечката големина и токму затоа никогаш не запира создавањето, но и менувањето на она што не е добро, што не води кон напредок. Тоа значи дека нема вечни нешта, еднаш дадени и изделкани во камен, туку онака како што ветриштата, дождовите, мразовите го менуваат и преобликуваат релјефот на каменот, така се бришат и пораките што некој претходно ги оставил, за по него да дојде некој друг што ќе изделка некои нови пораки додека и нив некои нови ветришта не ги избришат. И така во недоглед. Така било отсекогаш, така ќе биде и натаму.
И нашава Македонија пред некое време доби наметната преговарачка рамка, креирана врз основа на таканаречениот „бугарско-француско-европски предлог“. Во таа преговарачка рамка, прв услов за отворање на преговарачките поглавја е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, критериум што нема никаква врска со она што се бараше од другите земји, пред сѐ владеење на правото, демократски вредности, борба со корупцијата, почитување на малцинските права. Кога веќе и на врапчињата на гранка им е јасно дека ова е сѐ, само европска преговарачка рамка не, некои домашни политичари, а богами и европски, продолжуваат да кажуваат прикаски од типот дека преговарачката рамка е вечна, изделкана во камен, отпорна на сите ветришта, бури и други непогоди, не може никој да ја промени.
Очигледно некому му пречи името Македонија, па се обидува со „вечна“ преговарачка рамка да збрише сѐ што е македонско, од името на државата до идентитетот и историјата на македонскиот народ. Како поинаку да се протолкува оваа наша „неменлива“ рамка?

Ај странциве донекаде и да ги разбереме, тие си ја туркаат својата агенда, сакаат да си додадат уште едно затворено прашање во своето си-ви, ама тешки за разбирање се домашните политичари, кои и натаму трубат наоколу дека никој не можел да ја промени преговарачката рамка. За нив било несфатливо некој повторно да ги убедел сите 27 земји да се согласат на промена на рамката и слични дубиози. Кај имале чувство дека некој им го пара стомакот, дека им се гади, дека е неправедна ваквата преговарачка рамка, притоа уште и знаеле дека не е неевропска, повторно излегуваат и кажуваат дека тоа е тоа и дека овој документ не можел да се менува. Барем малку самопочит да имаа… Па самото име кажува, преговарачка рамка, значи за неа може постојано да се преговара, како со ЕУ, така и со оние што ни ја подготвиле ваква каква што е. И ЕУ е свесна за тоа, ама во нашиов случај се прави на Тошо и ни кажува дека нема промена на рамката оти виде дека тука има соговорници кај кои сѐ поминува по линија на помал отпор, само колку да се заврши работата, а за последиците други нека си ја чешаат главата. Да се вратам кај неменливоста на рамката. И додека нашиве ги одраа грлата раскажувајќи дека рамката не може да се смени, ЕУ пред некој ден експресно ја промени преговарачката рамка за Србија оти увиде дека актуелната рамка не дава резултат. Седнаа 27 дипломати од сите земји членки, испија по едно кафе, кренаа рака и за десетина минути изгласаа нова преговарачка рамка. Значи можело. Европа знае и самата дека ништо не е изделкано во камен, но ако од другата страна има луѓе на кои може слободно да им каже „дечки, таа е рамката, нема менување“ оти знае дека тие нема да се побунат, тогаш зошто да не ни кажува така? Нема ништо полошо од тоа да се предадеш и да шириш демагогија дека Европа ни рекла оти нема менување и ние слепо да слушаме оти така ни рекле од Брисел, еј од Брисел, не од Мала Речица, без оглед што оваа последната е нашиот Брисел и Вашингтон последните неколку години.
Арно ама настаните диктираат една поинаква перцепција, светот се менува од минута во минута, а не, пак, нашата преговарачка рамка. За неполни два месеца и во Бугарија ќе има нови избори, можеби таму конечно ќе дојдат некои „нови дечки“, кои ќе кажат доста со овие романтичарски соништа од минатото, ќе седнат и со своите македонски колеги ќе направат планови како да се направат повеќе и подобри патишта меѓу двете земји, конечно и железницата да ја поврзат, иако додека чекавме на железничко поврзување со Бугарија повеќе од три децении, дома останавме без возови.

Тие луѓе ќе разговараат и како заеднички да се добијат прекугранични проекти, како да се привлекуваат заеднички инвестиции, како да се зголеми трговската размена, како да се соработува во делот на образованието, во здравството, како да се негуваат малцинските односи од двете страни на границата, како младите луѓе да се зближуваат, а не да се гледаат како најголеми непријатели… Ако сето тоа го договорат некои нови прогресивни сили, кои се свесни дека сѐ тече и сѐ мора да се менува на подобро, во таков случај зошто и ЕУ би имала против да ја промени преговарачката рамка, кога токму со таква рамка всушност Европа се враќа на своите вистински корени, почитување на различностите и нивно зближување.
Со таква европска преговарачка рамка, целосно непотребно станува постоењето и на Договорот за пријателство и соработка, бидејќи на две општества што ги надминале предрасудите од минатото, нема зошто да им е потребен договор заеднички да градат просперитетна иднина. И без договор, македонскиот и бугарскиот народ биле и ќе останат пријатели, ќе соработуваат, ќе си помагаат, нема зошто односите меѓу два блиски народа да бидат регулирани и да зависат од разни членови, анекси, комисии и слични додатоци. Кога има здрав однос и искрен разговор, меѓусебна почит, тогаш двете земји ќе го испратат овој фамозен договор во историјата, ќе изделкаат на каменот некои нови цели, кои утре некои нови идни генерации веројатно ќе ги дополнат, надградат, усовршат, во интерес на повисоките цивилизациски вредности. Со еден збор, и нив ќе ги променат.
Како што ништо не е вечно, нема да биде вечен ниту Преспанскиот договор, кој времето полека но сигурно ќе го збрише, оти се обидува на вештачки начин да избрише еден народ, неговиот идентитет, неговата историја. Тоа со македонскиот народ не успеало и нема да успее.

Можеби утре ќе дојдат некои други необременети грчки политичари, кои ќе прашаат зошто нивната земја со децении блокирала еден мал соседен народ да чекори слободно кон Европа, сам да си го одредува името на сопствената држава, да си го негува идентитетот, јазикот, историјата? (Тоа го праша и Ципрас пред да стане премиер, ама очигледно уште беше рано за такви незгодни прашања.) Уште ќе прашаат зошто досега Грција не била вистински патрон над таа мала држава, да помага во евроинтегрирањето, а не да ја блокира. Некој од нив ќе праша и дали навистина некој во Грција верувал дека таа мала земја ќе ги нападне и дека ќе им оттргне дел од територијата?
Сите овие прашања во некој период ќе бидат поставени и ќе се бараат одговори бидејќи времињата и луѓето се менуваат, договорите се менуваат, преговарачките рамки се менуваат, ништо не останува вечно.
На крајот, пред граѓаните да мораат да слушаат постојано дека преговарачката рамка не можела да се менува, тие што ја шират таквата мантра добро нека се запрашаат дали тие можат да го променат сопствениот пристап, односно да тргнат од една поинаква позиција, дека кога се работи за доброто на сопствената држава и на сопствените граѓани, нема што не може да се промени, особено ако е за подобро.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Вардарки станаа шампионки – РФМ ги заборави пехарот и медалите!

Младинската екипа на Вардар ја одбрани титулата во...

📷 Oхрид по седум сезони се враќа во Европа!

Ракометарите на Охрид се вратија на победничките патеки...