ИНТЕРВЈУ СИМЕ СИМОВСКИ: Сакам со Ѓорче Петров нешто да докажам и на себе и на другите!

Три децении на македонската ракометна сцена гравитира стратегот Симе Симовски. Поранешниот селектор на женскиот младински и сениорски национален тим, тренер на машкиот и женски клуб Металург, кој во својата кариера најдолго ќе се задржи во ЖРК Вардар Јуниор, потоа ЖРК Куманово, РК Скопје, а сега е предводник на женскиот првак ЖРК Ѓорче Петров. Професорот по физичко воспитување многу сериозно пристапи на поканата за интервју на 24ракомет и изненади како прв соговорник кој дојде со комплетно подготвен потсетник.

Неговата играчка кариера е куса, но затоа тренерското искуство е големо, не само како кормилар на национална селекција, туку и во младински категории и работа со жени и со мажи, но и во училишниот спорт. Од него почнува да се шири ракометното семејство – неговиот син Димитар игра во Голден Арт, вардаровата легенда Стојанче Стоилов, како и Бојан и Симона Николовски му се внуци. Симе некои го знаат и како голем угостител, кој до 2010 година ја водеше кафеаната „Делфина“. Ракометот му е главната љубов во која сè уште има што да каже.

Со Симовски имам добра соработка уште од почетокот на мојата новинарска кариера, па разговорот тргна спонтано и отворено, а тој директно признава дека неговата играчка кариера е скромна и дека тој од стартот е насочен само на тренерската струка.

„Како дете од Ѓорче Петров прва допирна точка со спорт беше гимнастика во ’Партизан’. (се смее) Потоа некои продолжија на фудбал во Македонија Ѓ.П., некои кошарка или пинг-понг, а во мојот случај професорот Зоран Радиќ направи добра селекција и ми ја дава инјекцијата за ракомет во рани години. Животна желба на татко ми беше да бидам електро инжињер па средно образование завршив во ’Орце Николов’ и откако служев војска образованието го продолжив на Машински факултет. По вториот семестар сфатив дека тоа не е за мене. Излегов од амфитеатар на сред предавање, си ги земав документите и не се вратив. По иницијатива на сопругата и професорот Радиќ полагам приемен испит на ДИФ и приказната продолжува до денеска. Паралелно со таа приказна се развива и онаа ракометната – Крсто Петрушевски, кој е тренер на РК Металург ме викна да тренирам во ’Автокоманда’ и бев ракометар три-четири години, играв лево крило. Никола Богдановски, поранешен претседател на РК Металург, прекрасен човек, прв ми даде до знаење дека треба да се насочам кон тренерскиот занат. Ми рече: ’Никогаш нема да станеш играч. Туку ти си добар студент, зошто не се фатиш со занаетот!? Биди тренер, помагај му на Крсте и работи со младинците.’ Сакав да му го докажам спротивното, но не успеав. Брзо потоа почнав да работам со млади категории, генерацијата на Саздов, Клинчаров… и веднаш бевме шампиони. Така тргна тренерската кариера“, се потсетува Симовски и продолжува: „За да бидеш добар тренер потребно е да имаш играчко искуство ама има многу примери каде тоа не е пресудно. Познавам многу тренери кои немале воопшто играчко искуство, а се покажале како одлични стратези или обратно. Според мене најважно е во моментот колку се вложуваш.“

ЖРК ВАРДАР – ПРВАТА ГОЛЕМА ШАНСА

Почнува како тренер во млади категории, но првата шанса да води сениорски тим ја добива во ЖРК Вардар.

„Крсто (Петрушевски) имаше здравствени проблеми и јас сам ги водев подготовките на првиот тим на РК Металург, но управата немаше доверба во мене и го постави Цане Велјановски за тренер. Во тој период бев решен да се пробам како тренер на прв тим и добив повик од ЖРК Вардар. Тоа беше одлична екипа со мојата тогашна колешка Олгица Тодоровска и сестра и Билјана, Џери, Силвана Карбевска, Ана Ристевска, Ана Михајловска… ние бевме втори зад Ѓ.П. Кометал, имаше силни екипи во тоа време во женската лига и секој натпревар беше дерби. Ми беше чудно на почетокот, компарација жени – мажи, но играч е играч, како ќе се поставиш така ќе те прифатат. Потоа продолжив да работам со жени.“

На клупски план во тие години се движи меѓу Вардар и Металург, и повторно ќе се врати во „Автокоманда“.

„Со ЖРК Вардар имавме добри години, успешни настапи и во Челинџ купот, но се случи пад, промена на екипата, на генерацијата и се вратив повторно на машки ракомет во Металург. Тоа е почетокот на создавање на Академијата, Тони Ристески кој е врв за логистика и е голем работник прави бројка која ниту еден клуб не ја достигнал досега, околу 1.800 деца и му требаше стручен кадар. Металург тогаш креира добри тренери – Матлиевски, Јовиќ… кои и ден денеска функционираат на ракометната карта во Македонија.“

СТОЛЕ ОД КОШАРКАР ГО НАПРАВИВ РАКОМЕТАР

Симе Симовски е причината поради која поранешниот македонски репрезентативец Стојанче Стоилов и актуелен тренер – играч на РК Вардар ќе влезе во ракометни води.

„Во тој период Столе (кој ми е внук од прва братучедка) тренира кошарка во МЗТ. Цело лето го поминува кај нас во Ѓорче и јас му велам сакаш ли да дојдеш со мене на тренинг ракомет. Доаѓа Столе на тренинг на Гази Баба, тоа е убава генерација со Чаневски, Џомба (Гоце Георгиевски) и почнува да тренира. Столе како Столе – фолирант, но го оставив познавајќи го, а и не ми беше репер дека треба да биде играч. Подготовките со МЗТ требаше да му почнат десетина дена подоцна ама тој и натаму со патиките пред автомобилот секое утро ме чекаше за да одиме на тренинг, ’Ајде вујко’ – ми вели. Јас си молчам, времето поминува, тој си тренира. Прво Ристо Чокрев ми вели: ’Добро дете!’. Му одговарам: ’Добар е, ама кошаркар.’ Чокре вика: Не, овој ракометар ќе биде!’ Потоа и другите од управата, особено Крсто, го убедуваа многу да остане во ракомет и така и се случи. Потоа Јовица Цветковиќ ги зема во првиот тим и продолжија да растат. Им дадовме правец на тие ракометари и се радувам што пораснаа во професионалци, репрезентативци и големи играчи.“

ВАРДАР НА САМСОНЕНКО МИ ГО ОТВОРИ ЧИПОТ

Симе Симовски ќе биде прекомендуван од машкиот во женскиот клуб, односно фузираниот клуб на ЖРК Скопје и Металург, каде ќе работи со Душанка Нашулова и Ангел Велков. Во тој период 2011-та веќе почнува да се чувствуваат проблемите во „Автокоманда“, а на нашата ракометна сцена се појавува нов проект – шампионскиот ЖРК Вардар на Сергеј Самсоненко.

„Индира Кастратовиќ е главниот виновник што влегов во тој проект, таа ми подаде рака и тоа нема да го заборавам! Таа инсистираше, трипати доаѓаа со Сергеј за да преминам во ЖРК Вардар. Искрено, не верував во целата приказна и останав лојален на Металург до крајот на сезоната. Самсоненко делуваше сериозно, но познавајќи ги структурите и ситуацијата во Македонија тоа беше убава идеја на хартија, но дека салата МЗТ ќе се руши, ќе се гради нова сала и дека ќе се формира дрим-тим екипа со имиња како Лекиќ и Дембеле – делуваше нереално. Си велев ’Ова не е можно!’ Металург на крајот на сезоната немаше конкретен одговор за иднината на екипата и им се заблагодарив на соработката и преминав во Вардар. Со Сергеј, Тања Медвед и Индира ја формиравме ЖРК Вардар Јуниор. Интересна екипа со нова плејада играчи – Симона Стојановска, Сара Митова, Ангела Тодоровска, Теодора Керамитчиева, Сара Ристовска… Со Александар Царчев во стручен штаб, одлично работевме, имавме и одличен тим и мислам дека ја оправдавме довербата“, раскажува Симовски и продолжува: „Тој Вардар ми го отвори чипот. Тоа беше средина на различни структури на народи, на погледи и мислења. Во тие седум-осум години имаше Шпанци, Данци, Руси, Хрвати, Срби… тренери и играчи и од сите можеше по нешто да се ’купи’. Тренинзи, брифинзи, кафиња, договори и од тоа излезе еден цел спектар на знаење и нови погледи за ракометот. Гравитираа 30 тренери во ЖРК и РК Вардар кои те следеа дали работиш добро или не, и мораш да држиш ниво соодветно на опкружувањето! Имаш 24-часовен мобинг на салата, фаќав белешки кај Раул на тренинг и ако нешто не ми е јасно, тука е, ќе седнеме ќе поразговараме, постоеше комуникација. Сликав, снимав, забележував сè за да можам и да имплементирам понатаму во кариерата. Од тој период имам еден куп бележници, единствено ми е жал што ми ја ограбија колата на паркинг и ми го земаа ранецот во кој имаше лап-топ и два тефтери со белешки. Можеа тефтерите да ми ги вратат, за компјутерот ќе им простев. (се смее) Сето тоа време поддршката не затаи во ниту еден момент, сите имавме комплетно ист третман како првиот тим. Сè ни беше на дофат и достапно. Она што ми е врежано во меморија е дека со девојките први влеговме во салата – сè мирисаше на ново – колку делуваше тоа нереално.“

СОН МИ БЕШЕ ДА ГО ВОДАМ ТИМОТ НА ЕП 2022

Паралелно со клупската Симе Симовски гради и репрезентативна тренерска кариера. Во 1998 година првпат е именуван за селектор на женската младинска селекција, функција на која останува до 2000 година, период во кој не се бележат резултати. Година дена подоцна Зоран Кастратовиќ како селектор на А националниот тим му дава шанса да биде негов асистент на Светското првенство во Италија. Одново ќе се најде во таква улога во 2012, како помошник тренер на проф. Гино Стрезовски на ЕП во Србија. Симовски на селекторската функција ќе седне во 2015-та и ќе остане до 2021 година.

„Како помошник тренер сум бил на две големи натпреварувања, СП 2001 во Италија кога Зоран Кастратовиќ беше селектор и на ЕП 2012 во Србија кога Гино Стрезовски ги предводеше сениорките. Двајцата ми се големи пријатели и многу ги почитувам како тренери. Гино ми е добар пријател и ментор, многу ми значи катедрата која ја држи и знам да барам поддршка и совети од него. Во 2015 прво бев В.Д. селектор, а потоа останав шест години на таа позиција. Признавам сум бил на две големи натпреварувања како асистент и мерак ми беше како селектор да го водам националниот тим на ЕП 2022, но не се случи, се разделивме претходно.“

НЕМАВ ПОДДРШКА ЗА КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Најголем успех како селектор Симе Симовски го има со младинската селекција, која ќе биде прва по две децении што ќе мине едни квалификации и ќе игра на ЕП 2015 во Шпанија. Тој има идеја таа генерација да продолжи да расте како клуб-репрезентација, но не успева да ја реализира.

„По успехот со младинките и ЕП 2015 во Валенсија, тоа е генерацијата на Петковска, Серафимова, Ристовска, Митова, Мишевска, Керамитчиева, Стојановска… ја превземам сениорската репрезентација. Во А тимот имаме смена на генерација и токму овие девојки го креираат составот заедно со Елена Георгиевска, Ливриниќ, Деспотовска… како поискусни. Имав план и проект по кој сакав да работам и да се развива репрезентацијата, но тоа не се реализира. Интересот беше насочен кон машката селекција благодарение на системот кој го имаше во тоа време кај дамите, и поради кој беше тешко ние да поминеме. Тогаш системот беше поинаков и беше потешко. Ние ќе ги миневме квалификациите, но во бараж игравме двапати со Шведска, по еднаш со Словенија и со Романија. Тоа се репрезентации од Топ-10, а ние и денеска да играме со нив нема да поминеме. Поради тој момент сметам дека не го прифатија мојот план и тоа влијаеше на целокупната работа. Ставот беше добро е, успешни сме, продолжуваме“, открива поранешниот селектор и додава: „Голем дел од овие девојки играа и во ЖРК Вардар Јуниор и кога заврши приказната со шампионскиот Вардар, барав и од клубот и од Федерацијата да ме поддржат во идејата за клуб-репрезентација. Да останат овие девојки заедно, затоа што поради успехот на ЖРК Вардар три години во низа имавме вајлд-карта во Лигата на шампионите. Сакав да направиме клуб-репрезентација која ќе игра таму за да не се загуби континуитетот, иако реално немавме квалитет за да играме таму. Но, со две-три засилувања можевме! За жал, не се најде решение. Тоа беше многу тежок период, сите баравме алтернатива, нови средини. Јас како тренер, но и девојките меѓу себе многу си помагаа за секоја да најде клуб. Така сите се распрснавме на различни страни, а со тоа и идејата за клуб-репрезентација.“

НАТУРАЛИЗАЦИЈА – САМО АКО НОСИ ВРЕДНОСТ

Натурализацијата на играчи, па и членови на стручен штаб не е нешто ново за нас, како во машкиот, така и во женскиот ракомет и национален тим, а Симе смета дека тоа е потребно само доколку носи некоја вистинска вредност.

„Во мое време имавме разговори за натурализирање на играчи во репрезентација, но јас не сум поддржувач на тоа. На клупски план убаво е да има странци за да се крене рејтингот на сите клубови, по еден по двајца, за да се создаде и поголема конкуренција. Гледаме дека и најдобрите играчи Роналдо или Меси кога има конкуренција играат на повисоко ниво. Тоа може да не крене. За репрезентација би се сложил, единствено, ако ни треба играч на некоја позиција и ние носиме екстра голман или бек, кој вистина го купуваш и тоа е тоа, играч кој ќе вреди и ќе решава натпревари. Тоа треба стручниот штаб да анализира и да одлучи, ние од страна не. Што се однесува до странци во стручен штаб – само ако носат некоја вредност. Ако тие умешно и успешно го рефлектираат своето играчко искуство во националниот тим зошто да не!? Дали имаме бенефит од тоа? Дали нешто ќе научиме, ние и играчите? Исто така, тргнувам од себе, мора да се постави кодекс, на облекување, на однесување на сите – од тренер до играч, а ние мислам дека тоа го немаме во моментов. Потребно е да постојат скалила за некои работи, да се оди чекор по чекор, не само да се поставуваат луѓе на функции. Ќе појдам од мене, можеби и кај мене се скокани скалила, но мислам дека не – бев двапати асистент во А тим, селектор на младинки, па потоа станав селектор на сениорките.“

ПИТЛИК МЕ НАУЧИ – СУЕТАТА НА СТРАНА!

„Кога зборувам за ЖРК Вардар и младинките се потсетив на една ситуација, која ме научи дека тренерите треба да ја држат суетата на страна. Потребно е да си помагаме, да бидеме транспарентни и отворени, да си кажеме што имаме и без задкулисни игри за да може да ги решиме работите. Кога ги игравме квалификациите со младинките во Кале, Јан Питлик и Индира (Кастратовиќ) кои беа тогаш во ЖРК Вардар од трибини ги следеа натпреварите. Забележале во играта ситуација која ја од клупата не ја видов и дојдоа на полувреме да ми укажат. Паметам со Исланд имавме три гола за едно полувреме и не знаев во моментот на што да се фокусирам побрзо – тактика или како да ги мотивирам девојките. Индира ми вели ’Јас ќе ти помогнам’. Влезе во соблекувална им кажа што им кажа, Гино Стрезовски, кој беше координатор помогна на свој начин, Питлик ми укажа на ситуацијата во игра и потоа со две акции ги победивме сите. Тие не беа во стручниот штаб, но немаа никаков проблем да ми помогнат. Тоа покажува што значеше Вардар во тоа време.“

РАКОМЕТНО – СПОРТСКО СЕМЕЈСТВО

Во потесната и поширока фамилија на Симовски не е само тој „заразен“ со ракометот.

„И мојата сопруга е поранешнна ракометарка од првата генерација на ЖРК Ѓорче Петров, со Љубица Георгиевска, Лиле Христова… И неа Радиќ ја ’регрутирал’ за училишен спорт, но потоа ќе се запише на медицина – фармација и се посветува на науката, каде е успешна и денеска. Ќерката Ангела е поранешна одбојкарка, но и таа тргна по стапките на мајка ѝ. (се смее) Синот е на мене – Димитар прво тренираше кошарка кај Тони Симиќ, потоа премина на ракомет и сега е во Голден Арт. Столе веќе го спомнавме, а и Симона и Бојан Николовски ми се внуци.“

Колку се консултираат со тебе, бараат ли совети?

„Симона и Бојан ме имаат како позитивен пример и поддршка, но сами си ја градат кариерата. Столе знаел да побара совет. Многу се мислеше сега дали да стане тренер, дали да продолжи да игра. Но сега кога го гледам на клупата на Вардар ме радува тоа што е многу поразличен од тоа кога беше играч. Столе е можеби избувлив, има незгоден карактер ама чесен човек, но беше голем играч и е голем мотиватор. Има искуство, играше со какви не величини од ракометари – Штербик, Чупиќ, Кањељас, Дибиров… мина низ рацете на Лино, Вујо, Раул… Шпанскиот систем го има во мал прст и би било штета знаењето и искуството ако не ги пренесе на други генерации. Мислам дека има капацитет за тоа.“

СКАРА „АЛА СТОЛЕ“

Симе сподели и една ситуација со Столе.

„Столе имаше едно лошо искуство со Металург, по кое премина во Вардар. Да бидам искрен Столе е вардарец во душа и постојано ми велеше ’Ајде, уште си таму’ додека бев тренер во ’Автокоманда’. Кога прифатив да дојдам во Вардар, на еден семеен ручек кај мене дома, Столе дојде и ми го исчисти плакарот.(Вујна носи ја опремата!) Односно се што имав опрема од Металург ја искористи за да направиме скара.“

СЕМЕЕН БИЗНИС КАФЕАНА „ДЕЛФИНА“

Симовски откри дека долги години со неговите родители имале успешен угостителски бизнис.

„Од 1987 година до 2010 фукционираше кафеана ’Делфина’ во Ѓорче Петров. Семеен бизнис со моите родители, бидејќи мајка ми е готвачка, кој од мал објект премина во голем угостителски локал. Полека го ширевме бизнисот и имав за цел да станам голем угостител, во што и успеав. Стигнавме до организација на крштевски, свадби, кетеринг… Учев од еминентни угостители, се обидов со сè, жива музика… Добро се живееше, финансиски ни обезбеди мирен живот, но моите се веќе возрасни во пензија, а јас и сопругата си имаме свои кариери и поради тоа одлучивме дека е доволно. Кафеаната во моментов не функционира.“

ДВОРОТ МЕСТО ЗА РЕЛАКСАЦИЈА

 Од ракометните возбудувања Симе се одмора дома – во дворот.

„Дома имам двор со градина. Си кастрам дрвца – хортикултура. (се смее) Тоа ми е  главна преокупација во моментов, тоа ме релаксира. Имам и пес, голден ретривер, со него се дружам. Планинариме со сопругата, а сега кога ќе се разубави времето ќе го активираме и велосипедот, си возиме тури. Дома ми е опуштено, ракометот е бурниот дел од животот.“ (се смее)

НЕ ВЕРУВАВ ВО ПРИКАЗНАТА ’ЖРК ЃОРЧЕ ПЕТРОВ’, А СЕГА МИ Е ПРЕДИЗВИК

По прекинот на соработката со РФМ како селектор на сениорските и кусиот престој на клупата на ЖРК Куманово, Симе Симовски одлучува да се врати на машки ракомет. Влегува во РК Скопје, но истовремено добива понуда да стане дел и од новиот проект ЖРК Ѓорче Петров. Приказната во која не верува на стартот сега му е главна амбиција.

„По се што минав со дамите одлучив да направам рез и пауза од женски ракомет и се договорив со РК Скопје. Во тој период почнува и интензивната комуникација со управата на ЖРК Ѓорче Петров, со кои и покрај тоа што им дадов на знаење дека не сум заинтересиран за соработка останавме во контакт.  Ме запознаа со плановите за клубот, во кои искрено не верував, целата приказна делуваше брзо, нафрлено. Поставив некои високи барања и услови за тренажен процес, но останаа упорни. Преговорите траат месец дена, секојдневно – труење. (се смее) За да ги ’откачам’ им давам список на играчи со кои мислам дека тимот ќе стане шампион и тие трпеливо една по една ги договорија. Потоа ми се јавија да ми кажат дека Оли (Димитриевски) ќе биде тренер. Им велам ’Супер, дечкото е врв, терајте!’ Последното потпишување беше Симона Стојановска, која беше единствената што ме праша дали јас ќе им бидам тренер, велам не, јас сакам со машки да работам. За кусо време, Оли и клубот се разидоа, јас ја прекинав соработката со Скопје и дојдоа со молба дека играат со Металург, меч кој мора да го добијат по киксот со Овче Поле и тука се договоривме. Стартувавме и еве успешно ја водиме приказната. Една, втора, трета шампионска титула, сезонава чекор плус – четвртфинале во Европската лига. На добар пат сме да ја одбраниме шампионската титула, целиме и на Купот кој ни фали во витрините.“

КЛУБОТ Е СЕМЕЈСТВО

„Мислев дека со клубот нема да ми биде бурно, туку опуштено. Напротив, сега предизвикот е многу поголем. Лани им велев, полека, опуштено, ама не е така. Преку екипата пробувам да покажам и да докажам нешто и на сам себе и на другите. Направив од ништо – нешто. Тие беа на долниот дел на табелата, а сега сме шампиони. Да бидам јасен, клубот не е ништо – има визија, има одлична логистика која овозможува екипата да биде фамилија. Функционираме беспрекорно. Зад нас стојат Жан Митрев клиника, ОRTHOMOL и Лендигруп – кое не препознаа како добри промотори на македонскиот ракомет, а верувам дека и други ќе го видат тоа и ќе ни дадат поддршка. Со тоа направивме нешто – добра екипа и успех, а тоа е круг кој мора да функционира и се врти во моментов. Кога водиш репрезентација тоа се недела – две и таму чекаш клубовите да ти сервираат играчи, а работата во клуб е за цела сезона и сè е на тебе. Нема одмор, нема празник ако си поставиш високи цели и амбиции. На почетокот на дел од девојките им беше тешко да се адаптираат на тренажен процес на високо ниво. Некои велеа ама јас не сум работела вака. Кој сакаше да си замине можеше да го направи тоа, но сите прифатија да останат и ова е успехот на нашата работа. Имаме и бурни денови, секој натпревар своја тежина, свој предизвик, но има и хемија, и од секоја ситуација, добра или лоша, учиме како да излеземе посилни заедно, како тим. Тоа ми е престиж во моментов, да го кренеме ЖРК Ѓорче Петров на високо ниво.“

Младите се исто така во фокусот на тимот.

„Како тренер, но и како професор по фискултура, мојата цел е да ги насочам девојките во спортот, да ги научам да бидат истрајни во оваа немилосрдна средина. Тука е се црно и бело, или ќе те биде или не. Потребна е работа, многу работа, а тоа се гледа и од фактот дека клубот сега има девет репрезентативки, а немаше ниту една, сите девојчиња беа отпишани. Сега влегуваат полека тоа е нашиот благодет. Си ја гледаме нашата работа, функционираме и имам визија да внесам млади играчи во тимот, затоа што дел од нив веќе тропаат на вратата на првиот тим. Местото во екипата треба да се заслужи. Тоа ми е дополнителен поттик и тоа сакам да го покажам во Ѓорче дека со работа сè може сè, без работа ништо.“

ПОТРЕБНА Е НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ДАМИТЕ

Како и целокупниот женски спорт во државата, така и кај ракометарките е воочлива разликата во однос на вложувањата и интересот кој бизнис-заедницата го покажува за нив во споредба со мажите. Симовски верува дека главната причина за тоа е отсуство на национална стратегија.

„Во женскиот ракомет или спорт општо, и порано, и сега многу малку се вложува. Жал ми е поради тоа, има многу влијателни луѓе во Македонија кои тоа треба да го препознаат. Многу малку треба за да се покрене женскиот ракомет иако капацитетот ни е помал. Можеби е тоа така затоа што со женскиот ракомет побрзо се стигнува до успех отколку машкиот. Побрзо созреваат, побрзо растат, но и побрзо се ништат. Пократок е векот на жените. Немаме национална стратегија. Имав и едно такво предавање за неопходност на национална стратегија, но и ден денеска тоа е само на зборови, никој не ја покренува таа иницијатива. Ова е проблем не само во ракометот туку во комплетниот женски спорт во Македонија, немаме стратегија.“

Ваквиот став го наметна прашањето, па нели Вие – тренери, наставници, спортски работници, би требало да бидете оние кои ќе покренат таква иницијатива, ќе изработат план, програма, кој би бил претставен до соодветната институција, АМС?

„Ние треба да ги создаваме тие играчи, но мислам дека сега немаме таква основа, како професорот Зоран Радиќ, наставникот по физичко треба да „чука“ како по бостан и да ги бира децата кое е здраво и право за одреден спорт. И јас сум во тој круг, но мислам дека се игра само колку да се одигра. Се оди на квантитет, не на квалитет, се гледа профитот. Квантитетот дава квалитет, но тие деца кои се сега играат во клубови, а нови не создаваме. Тргнувам од себе. Наставник во ОУ ’Ѓорче Петров’, помала средина и од 200 деца дали едно или две девојчиња сум насочил во ракомет. Порано имаше наставници, паметам Миле – наставник во населба Трубарево, во Металург ми даде комплетна генерација играчи. Училишниот спорт затаи една деценија, сега се обидуваме да ги мрднеме работите од мртва точка. Последниве години има популаризација на спортот, полека ја надминуваме системската грешка. Имаме тампон-зона од една деценија, но мора да гледаме напред. Училишниот спорт пробува да мрдне, но повторно е за чланарина. Не сум голем поборник за неа, затоа што со чланарината им се дава на родителите слобода да ти кажам плаќам и сакам моето дете да игра. А тоа не треба да биде така, треба да биде систем и програма, национална програма. Здружението на ракометни тренери до сега на своите состаноци нема иницирано такво нешто иако имаше таков предлог, но не го разработивме. Националната стратегија би била добра за да се примени во училиштата, во клубовите ќе биде тешко, таму си има спонзори кои бараат успех.“



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јовиќ: Техничките грешки си го направија своето

Екипата на Пролет на гостувањето кај Охрид доживеа...

Чаир во турбо ритам – во пет дена забележа три победи!

Ракометарките на Чаир забележаа трета победа во пет...

Келце поднесе жалба до ЕХФ за арбитражата со европскиот првак

Полскиот гигант Келце, кој вчера загуби на пенали...