Нови вредни археолошки пронајдоци во старото јадро на Охрид

Археолошки истражувања на локација во чија близина е во план да се гради куќа во стариот дел на Охрид открија вредно археолошко богатство. Станува збор за монументален сакрален објект од раното христијанство, декориран со мозаични подови и полихромно фрескосликарство. Археолозите велат дека постои можност овој објект да бил поврзан со блиската ранохристијанска базилика „Манчевци“, но во моментов тоа не може со сигурност да се потврди. Локацијата е привремено заштитена и сите понатаможни градежни зафати се сопрени. Но, неопходни се дополнителни истражувања и во околината, бидејќи според познавачите на теренот, може слободно да се каже дека под секој камен во старото јадро на Охрид се крие некое вредно археолошко богатство.

Што откриле археолозите?

Истражувањата на парцелата каде е во план да се гради куќа во стариото јадро на Охрид започнале и завршиле во текот на минатата година. Извештај за тоа што е пронајдено на локацијата веќе е поднесен до Управата за заштита на културното наследство.

Од Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“ за ДВ споделуваат дел од деталите за она што е пронајдено на локацијата.

„Со овие истражувања откриен беше монументален сакрален објект од раното христијанство, декориран со мозаични подови и полихромно фрескосликарство. Постои можност овој објект да бил во директна комуникација со блиската ранохристијанска базилика „Манчевци“, но во моменталниот степен на истраженост тоа не може со сигурност да се потврди“, велат надлежните од Завод и Музеј Охрид.

Според археолозите, истражувањата во иднина би требало да се насочат на просторот јужно и источно од катастарската парцела.

Охрид
Археолошки истражувања на локација каде е во план да се гради куќа открија вредно археолошко богатство.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Стравувања

Од невладината организација Охрид SOS неодамна предупредија дека се прави терен за градба над археолошки остатоци во стариот дел на градот, токму на парцелата веднаш до ранохристијанската базилика на локалитетот „Манчевци“, каде се вршени археолошките истражувања. Тука е поставена и табла со известување за нов станбен објект.

„На угорницата по ‘Илинденска’, веднаш до ранохристијанската базилика на локалитетот ‘Манчевци’ изминатиов период се вршат археолошки истражувања, на парцела на која имаше табла дека треба да се изгради станбен објект. Според фотографиите, откриено е доста, во само еден сегмент од парцелата. Уште еден слој на културно наследство“, наведоа од Охрид SOS.

Тие прашуваат дали овој локалитет целосно ќе се доистражи на поголема површина, дали соодветно ќе се заштити и можеби ќе се претстави на јавноста во слично светло како и соседниот, или пак „ќе ја доживее судбината на локалитетот неколку куќи погоре, кој со хилти и казми беше уништен и покриен со бетон“.

Мозаичниот под и фрескоживописот се заштитени

Но, од Завод и Музеј -Охрид се децидени дека се преземени сите мерки за заштита на локалитетот. Археолошките остатоци коишто се пронајдени на локалитетот веќе се складирани во музејското депо, по што ќе следат анализи.

„Откриените декоративни архитектонски елементи, односно мозаичниот под и фрескоживописот уште во текот на истражувањата беа консолидирани и врз нив беше направена превентивна конзервација, а веднаш по завршувањето со истражувањата, целиот објект беше заштитен од атмосферските влијанија со привремен кров“, посочуваат археолозите од Охрид.

Делумно истражен локалитет

Според податоците на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, локалитет „Манчевци” е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 квадратни метри.

Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на 4 и 5 вел век од нашата ера и има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман.

Охрид
Археолозите открија монументален сакрален објект од раното христијансто, со мозаични подовиФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Локалитетот се наоѓа во близина на катедралната црква Света Софија, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.

Поради откритието на археолозите, изградбата на планираниот објект е стопирана. Не се знае дали на локацијата ќе се гради, ниту што крие тлото во еден поширок круг околу базиликата. Но, очигледно е дека станува збор за обемен проект кој би требало да биде покренат со цел да се истражи стариот дел на градот.

Од Завод и Музеј Охрид велат дека со истражувањата се добила јасна слика за тоа каде би можел во иднина да се гради приватниот станбен објект, за што инвеститорот добил насоки во извештајот од извршените заштитни археолошки истражувања.

Но, изградбата на објект во моментот зависи од многу фактори и актуелни законски регулативи, пред се од донесување на нов Детален урбанистички план за овој дел од заштитеното градско јадро на Охрид.

„Во овој момент не е можно да се гради според важечкиот Детален урбанистички план и одобрението за градење издадено од Министерството за транспорт и врски“, велат надлежните. /www.dw.com/mk


Post Views:
3

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ