Од нас зависи – Нова Македонија

Порастот на случаите на семејно насилство врз жените во Македонија е вознемирувачки. Притоа треба да се потенцира дека овие случаи не се работи што се приватни и кои се однесуваат само на едно семејство. Познавачите на состојбите ги окарактеризираа овие случаи како гнил проблем на нашето општество, кој не може и не смее да се смета за фамилијарна работа. Напротив, тука се бара итна акција во која треба да се вклучи целото општество

И додека 8 Март помина во духот на жената, со „расфрлени“ цвеќиња по фејсбук-статуси, со искрени честитки дека денот на жената е секој ден, а не само 8 Март, во пракса секојдневно ни се случува изобилство од случаи на насилства врз жените.
Изминатите неколку дена, Македонија ја потресоа информации за дури четири случаи на семејно насилство. Не мора да нагласувам дека сите четири случаи на насилство се врз жени, сопруги и мајки, поразителни податоци од полициските билтени.
Евидентираните случаи овој пат се од Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба и Облешево, но епидемијата ја има зафатено целата наша држава. Во конкретните четири случаи, треба да се каже дека во Облешево мајката била нападната од својот син. Сите други се напади реализирани од сопрузите на жените.
МВР секако дека работи на расчистување на случаите, но тоа не значи дека нам не ни се потребни коренити промени. Не ни е доволно злосторниците да завршат само зад решетки… Треба да се работи со нив.
И, за жал, овие четири инциденти што се случија деновиве не се единствените. Којзнае уште колку ги има затскриени зад стравот на жените да го пријават насилството.
Стравот не е единствената причина поради која жената не го пријавува изедениот ќотек, напротив, сѐ поголем замав земаат и психичките закани и притисоци што ги прават насилниците.
Кај нас сѐ уште се смета дека „ќотекот излегол од рајот“ и дека „жената сама си го барала“, за жал…

Порастот на ова грозоморно злосторство врз жените во Македонија е вознемирувачки. Ова не се работи што се приватни и кои се однесуваат само на едно семејство. Ова е гнилиот проблем на нашето општество и не може и не смее да се смета за фамилијарна работа. Тука се бара итна акција. Не беше доволно тоа што министри и министерки за празникот шетаа со цветови (иако и тоа е убав гест на внимание), сепак тоа ја открива саркастичноста на целиот општествен систем во кој живеат жените во земјава.
Дека е тоа така, доволно е да се погледнат црните хроники во кои секојдневно се регистрираат случаи на семејно насилство. Познавачите на состојбите укажуваат дека, анализирајќи ја ваквата ситуација, дошле до сознание дека еден од клучните проблеми ни е недоволната едукација и на мажите и на жените.
Мажите ја играат клучната улога во сузбивањето на овој монструозен акт, додека жените исто така треба да научат да го кренат гласот, да пријават и да се заштитат. Иако е тешко да се изведе тоа во овие конзервативни услови за живеење, каде што ниту родителите не си ги примаат ќерките назад само за да не ги озборуваат и да не се срамат, а тие оставени сами на себе навикнуваат да ја наведнат главата и да го трпат секојдневно истурениот гнев на сопругот.
Има тука многу материјал за работа и многу што да се напише…, за жал, треба да се дејствува коренито, уште од најмладите генерации, бидејќи оние деца што растат во таква средина, многу е веројатно дека и самите ќе станат такви ликови.
Треба со пример да им покажеме дека ниту едно насилство не смее да се трпи и премолчува и дека насилството никогаш не е решение.
Само со заедничка акција и пред сѐ со силни кампањи, кои ќе одекнат насекаде и ќе допрат до оние на кои им се наменети, може да се сузбие овој проблем. Едукацијата е најважна и затоа да се фатиме за работа додека не ни стане предоцна. Промените започнуваат во секој од нас. Од нас зависи какви сопрузи и сопруги ќе пораснеме. Одговорноста е само наша…

[email protected]

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ