Потрошената мировна дивиденда и растечката џунгла

Дали се списка „мировната дивиденда“ во една пијана лумперајка или сме на прагот на воспоставување „светски поредок втемелен на правила“? Во пригодните говори од завчерашниот свет често се дебатираше како да се потроши „мировната дивиденда“ по крајот на Студената војна. Логиката околу овој концепт се повикуваше на мирниот колапс на Советскиот Сојуз и на неговите сателитски држави од Централна, Источна и во Југоисточна Европа. Се велеше дека овој расплет на настаните му овозможил на Западот (САД и Западна Европа) капитал во форма на идеолошка, економска и политичка победа, кој треба да се потроши во создавање „нов светски поредок“ или како што тоа што сега се нарекува „светски поредок втемелен на правила“. Најпластично оваа визија беше опишана во делото на Франсис Фукујама, „Крајот на историјата“, каде што тој тврдеше дека либералната демократија и пазарното стопанство се крајниот дострел на човештвото и дека преостанува само сите општества да ја завршат својата политичка, економска и културна преобразба по овој терк. Во меѓународните односи тогаш беше на самиот врв „теоријата на демократскиот мир“, односно дубиозното тврдење дека две демократски држави не може да влезат во војна една против друга (новинарот и колумнист Томас Фридман дополнително ја поедностави оваа теорија велејќи дека две земји што имаат франшиза на „Мекдоналдс“ не може да влезат во меѓусебна војна, па до ден-денес си го навлече потсмевот на критичарите кога развојот на настаните го демантира).

Таканаречениот трет бран на демократизацијата никако не стивнуваше и се чинеше дека воените пучеви, цивилните удари и другите форми на насилен преврат се премавнати како средство за промена на власта. Охрабрени од успехот на Меѓународниот трибунал за воените злосторства во поранешна Југославија се тргна и кон криминализација на војната што доведе до создавање на Меѓународниот кривичен суд. Исто така, се чинеше дека конечно исчезнаа урбаните герилски движења што ги тероризираа економските, политичките и културните елити во западниот свет. Веројатно никој роден во новиот милениум не слушнал дека постоеле марксистички, етнички или фашистички урбани герилци што убивале бизнисмени, новинари, политичари, дипломати и разузнавачи на улиците на Мадрид, Атина, Болоња, Франкфурт и во другите центри низ Северна Америка и Западна Европа.
За жал, Македонија и овој дел од светот не виде голем аир од „мировната дивиденда“. Регионот прво потона во бездната на крвавите војни од 1990-тите, а веднаш потоа и во економскиот и социјалниот пустош што го остави приватизацијата. Исто така, европската интеграција за Македонија наместо сон сè уште е бесконечен кошмар каде што соседите си ги изживуваат своите сопствени микроимперијализми, национални фрустрации и несигурности. Кога ќе се пишува историја на овој период ретко кој ќе може да ја објасни грчката политика кон европската интеграција на Македонија од 1990-тите или актуелните бугарски позиции за отпочнување на европскиот преговарачки процес со Македонија.
Меѓутоа, покрај нашиот регион, како еден од европските исклучоци, се чини дека „мировната дивиденда“ е конечно потрошена, но планетата не живее во „светски поредок втемелен на правила“, туку дека се вратија оловните години од 1970-те. Роберт Каган, врвниот теоретичар на неоконзервативизмот, овој развој на настаните го опиша како „џунглата повторно зарасна“, метафора што потоа ја употреби и актуелниот шеф на европската дипломатија. Џунглата е веројатно синоним за хаос, без никакви правила, но оваа досетка не наиде на добар прием во земјите од „Третиот Свет“ и тие ја дочекаа на нож и книгата на Каган, но и изјавата на Борел. Засега коментаторите дебатираат дали „мировната дивиденда“ се потроши во песоците на Блискиот Исток и во клисурите на Хиндукуш, алудирајќи на американските контроверзни американски интервенции во Ирак и во Авганистан. Секоја од овие долги војни досега ги чинеше САД по најмалку еден трилион долари, а овие суми не се конечни поради трошоците поврзани со воените ветерани од судирите и со нивните семејства. Секако дека Америка ќе се соочи со билансот на овие судири, како што и во минатото успеваше да се справи со оставината од другите славни и неславни епизоди на својата историја, но време е конечно да се потврди дека „мировната дивиденда“ од Студената војна е потрошена. Не е спорно дека политичката моќ на САД во периодот по колапсот на Советскиот Сојуз беше на самиот врв и дека тогаш оваа земја беше „неопходна светска сила“ и „хиперсила“, како што ја нарече тогашниот француски шеф на дипломатијата, Ибер Ведрин.

Тврдењето на Збигњев Бжежински дека САД се единствена светска сила и дека Американците се надмоќни истовремено во четирите клучни области, односно во воена, економска, технолошка и во културна смисла, беше точно во 1997 година кога тој ја изложи оваа своја теза во книгата „Голема шаховска табла“. Оваа премоќ го овозможи униполарниот момент на САД кога факс-машината на шефот на американскиот Државен секретаријат беше помоќна и од супериорните носачи на авиони. Потрошената „мировна дивиденда“ означува и враќање на играта на „сè или ништо“ во меѓународните односи (отмено наречена „игра со нулта збир“), која е рецепт за глобален хаос и бесконечна спирала на бесцелни воени судири.
Најголем моментален проблем на актуелниот свет е судирот предизвикан со руската инвазија врз Украина и новата студена војна помеѓу Кина и САД. Војната во Украина лесно може да се претвори и во нуклеарна војна помеѓу земјите со најголем арсенал на атомски бомби, а не може ни да се замисли што сè би значело крај со целосен државен колапс на која било од завојуваните страни. Војната во Украина го преуреди и економскиот поредок на светот, предизвикувајќи пад на конкурентноста на европската економија, пад на стандардот на живеење на граѓаните низ светот, се прекинаа синџирите за снабдување со клучните сировини, а експлодираа цените на храната и на енергентите. Веројатно светот никогаш не бил поблизок со апокалиптичен крај, дури ни при Кубанската ракетна криза од 1960-тите.
Но најголем предизвик на актуелниот свет е растечкиот американско-кинески судир. Големиот теоретичар на меѓународните односи Греам Алисон предвиде дека САД и Кина ќе влезат во „замката на Тукидид“. Неговата темелна историска анализа утврдува дека подемот на нова светска сила и релативниот пад на моќта на веќе утврдениот глобален хегемон вообичаено завршуваат со голем воен судир, почесто директен отколку судир преку посредници. Растечките сили знаат да си ги натценат своите можности, а опаѓачкиот хегемон прави сè што е во негова моќ за да ја одржи својата превласт. Светската историја е преполна со примери, а еуфоријата на предизвикувачот и паниката на хегемонот завршуваат со авантури со несогледливи последици.

За да се создаде нова „мировна дивиденда“, потребно е големо визионерство на вистински државници. Крајот на војната во Украина секако дека ќе биде еден таков момент кога ќе се создаде политички и дипломатски капитал за уредување на глобалните односи. Меѓутоа, далеку поголема „мировна дивиденда“ би донел еден нов глобален договор за оживотворување на Обединетите нации и на другите мултилатерални форуми, договор што ќе уважи дека сегашниот свет веќе не наликува ниту на светот по Втората светска војна, а не е ни светот од периодот на глобализацијата во 1990-тите години. Растечките глобални и регионални сили сакаат да биде уважен нивниот статус и да го добијат своето место на масата и своето право на глас во глобалните институции. Западот има повторно шанса да создаде нова „мировна дивиденда“ во своја корист, но само преку нова мировна конференција каде што ќе се уважат „остатокот од светот“. Западните дипломатии веќе двапати го постигнаа тоа во изминативе сто години, прво во Сан Франциско во 1945 година, а потоа и во Хелсинки во 1975 година. Дипломатијата и големите мировни конференции го нудат најдобриот можен начин да се избегне „замката на Тукидид“ и да се создаде нова „мировна дивиденда“. Во спротивно, џунглата ќе продолжи да расте додека не го проголта целиот свет.

Ивица Боцевски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ѓорѓиевска: На ЕП да покажеме дека македонскиот ракомет се враќа на високо ниво

Женската репрезентација на Македонија ќе игра против Унгарија,...

Магдебург го бара Вулф, ама ќе треба да го „одврзе ќесето“

Германскиот Магдебург е заинтересиран во своите редови да...

Цирар: Покажавме дека може да се надигруваме со Еурофарм Пелистер

После победата над Струга во „Езерското дерби“, ракометарите...

Ред партиски митинзи – ред работнички протести, министрите каде одат почесто?

Изборната кампања зоврива, но зовриваат и проблемите на граѓаните....