Рутински одработена задачата со Грузија: Македонија е во ТОП 16 во светот!

Машката кадетска репрезентација на Македонија обезбеди пласман во главната рунда на Мундијалот во Хрватска, откако ја победи Грузија со 27-21 во натпревар од третото коло во прелиминарната група. Беше одработена рутински задачата, без поголеми напори обезбеден триумф што ни гарантира место меѓу 16 најдобри на СП.

Избраниците на Раде Стојановиќ отворија со 5-1 и веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар. Македонија го почна овој дуел со измешана постава, за разлика од вчерашната, но и покрај успешно се справуваше со ривалот и по петнаесетина минути имаше плус пет, 10-5.

Следуваа неколку промашени напади, Грузија искористи да се врати на минус три, 10-7, но Шулески стрелаше од пенал за 11-7. Грузискиот голман влезе во ритам, ни фати неколку удари од чисти ситуации, па неговите соиграчи погодуваа во серија и во 28 минута предноста на Македонија се стопи, 12-10.

Стојановиќ повика тајм-аут, беше изнуден седмерец кој не беше реализиран, но Ристевски погоди во следната акција за 13-10 на пауза. Вториот дел беше рутинско одработување на задачата, минутажа одново добија сите ракометари и се играше толку колку што треба за победа без посебно форсирање.

Грузија во неколку наврати успеа да намали на минус три, но немаше ниту сили, ниту квалитет за нешто повеќе. Се одлепивме на највисоки плус шест, 21-15, а на десет минути до крајот беше 24-18. Галевски беше одличен на голот, одбрани многу чисти шутеви и до крајот немаше дилеми околу победникот.

Белистојаноски и Субашевски имаа по шест реализации, четири гола даде Шулески, а по три пати стрелаа Узунчев и Калајџиески. Голманот Иван Галевски беше прогласен за МВП на мечот.

Сега останува да го сочекаме дуелот меѓу Норвешка и Црна Гора, па да видиме кој оди со Македонија во главната рунда на СП. Утре има слободен ден на СП, а кадетите ги очекуваат средби со Данска и Австрија во понеделник и вторник.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ИЗБЕРЕТЕ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – ЖЕНИ (АНКЕТА)

Втора сезона по ред редакцијата на 24Ракомет, единствениот...

ИЗБЕРИ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – МАЖИ (АНКЕТА)

Зад секој успех на тимот стојат и поединци...