Сѐ се враќа, сѐ се плаќа!

Под балкон имам две прекрасни кафетерии. Во долгите зимски вечери во едната од нив често пијам салеп, а во другата – какао. Ми годи многу, сред најфреквентната скопска пешачка зона сам да испијам нешто топло, средувајќи ги впечатоците од денот или мислејќи на она што ме чека утре. Едно време овие две беа една поголема кафетерија, а на терасата оградена со цветни жардиниери, своето претпладневно кафе најчесто сам го испиваше нашиот познат писател Данило Коцевски. Како вчера да беше и како пред очи да го гледам со неговиот бел шешир на глава како долго го пие своето еспресо, загледан живо во некои само нему познати далечини.

Во неколку наврати испивајќи го своето утринско кафе, непретенциозно и сосема случајно ги доловив токму тие далечини во кои така живо беше загледан најпознатиот хроничар на Скопје. Во еден толку жив кадар се сместени заедно: Камениот мост, црквата „Св.Димитрија“, Калето и едно мало парче од Старата чаршија. Од Данило Коцевски учевме и уште долго ќе учиме, што е тоа култура на сеќавање и култура на долго паметење.

Веќе полни четири недели како не успевам да најдам згодно место и да се напијам нешто топло во моите кафетерии во кои се чувствувам комотно како дома. Најмалку две недели пред Нова година и еве, цели две недели потоа, се слави заминувањето на Старата и доаѓањето на Новата! Се исчудувам, но не можам да замерам, што по двете пандемски години, што млади, што луѓе на моја возраст, со многу џагор, со многу смеа и со прегласна музика се дружат и се веселат со ноќи и денови. А кој сум јас, гостинот со врелиот салеп и топлото какао, да фаќам кусур зошто се налева толку многу алкохол, сиве овие долги недели на испраќање на Старата и дочекот на Новата. Си велам, а како поинаку би се прелеала долгата и едвај поднослива година на тешко и горчливо живеење во една така фина и неподнослива леснотија на постоење?!

Во моите две омилени кафетерии се случува, еве цел еден месец, колективно самозаборавање! Ниту се исчудувам, ниту ги осудувам оние кои можат да си го дозволат тоа, да го прават токму на овој начин?! Па нели и Ниче така нè подучуваше: „Постојаното и потполно сеќавање би било неподносливо како несоница! Подеднакво и кај најмалата и кај најголемата среќа, постои секогаш нешто што среќата ја прави среќа, а тоа е моќта на заборавањето!“

Некои велат дека животната сила на еден човек, на една група или поширока заедница се одредува меѓу другото и според способностa да заборава. Некогаш за да се опстане, некогаш за да се направи сопствената животна (и)сторија поосмислена и поблиска, некогаш од срам, а некогаш од причини што не можеме да се поднесеме какви сѐ умееме да бидеме, некогаш од трауми кои нѐ сме ги совладале и надминале, некогаш од тоа што немаме волја и нѐ мрзи да паметиме, а понекогаш од причини кои не ги знаеме и не сме свесни дека нѐ тераат на заборавање.

Не постои власт, дали од прастари, дали од денешни времиња која не се поигрувала со можноста на човекот да заборава и да се сеќава, како што не постоела ниту ќе постои власт која не посегнала токму по тие можности да ги користи, првенствено за свои цели. Научниците кои се занимаваат со овој психолошки и социо-културолошки феномен сметаат дека и индивидуалното и колективното заборавање и сеќавање имаат своја цена на чинење и дека и во едниот и во другиот случај важи онаа народната, сѐ се враќа и сѐ се плаќа!

Дали повеќе ќе нè чини заборавењето или ќе нè чини сеќавањето во нашите лични животи, барем во делот во кој свесно и своеволно можеме да управуваме со овие процеси, одлучуваме и просудуваме сами! Но, во делот на нашето колективно паметење или заборавање, за жал, не одлучуваме сами! Државите и заедниците што ги формираме и чиниме, како и владите кои ги избираме, знаат да навлегуваат и умеат да манипулираат со просторот на нашето колективно паметење и сеќавање, како и да проценуваат кои од двете можности се поисплатливи за одредено време на владеење. Постои едно длабоко врежано мислење, дека паметењето во својата суштина може да биде сигурен инструмент за пружање отпор кон секоја власт, па властите почесто посегнуваат кон креирање на амбиент за перманентно заборавање кога се носат погрешни политички одлуки.

Не случајно, најмногу истражувања на овој план на колективното паметење и заборавање се прават во Германија, како што не беше воопшто случајно што пред некоја година (поточно 2018 г), германската награда за книжевно дело за мир ја добија двајца врвни културолози кои се занимаваат со овие теми, Алајда и Јан Асман. Токму од нив двајцата потекнува, а во науката и политичката пракса сè почесто се применува, терминот културно или културално паметење. Во една Германија, оптоварена со сеќавањето за големите воени и хуманитарни трауми што ги предизвика во минатиот век, сеќавањето и заборавањето беа многу долго исклучително деликатни и комплексни теми. Но со оглед на сè поголемата политичка инструментализација и екстремно-десната манипулација токму со поновата германска историја, научното разјаснување за културното паметење на нациите и државите стана првокласна тема од највисок интерес и не само во Германија, туку, воопшто, во западноевропската научна мисла.

Јан Асман во капиталното дело „Култура на паметење“ луцидно забележува и предупредува дека празнувањата во својата суштина се примарен облик на организирање на културното сеќавање, инструмент преку кој културниот идентитет се тетовира на кожата и кој ја држи цврсто една политичка заедница – посебно во отсуство на здрав ‘рбет! Властите се легитимираат ретроспективно, а се овековечуваат проспективно, то ест мора да се прокламираат како законит наследник на историјата на еден народ, ако мислат сериозно да ја водат државата и во иднина! Кој ги држи рацете на уздите на сегашноста одлучува не само за иднината на една земја, туку и за нејзиното минато, избирајќи што ќе биде запаметено, а што ќе биде заборавено, кои случувања ќе му одговараат на актуелниот доминантен наратив, а кои ќе му бидат пречка.

Но, постојат и такви апсурдни времиња на владеење во кои властите не умеат да се носат ниту со паметењето, ниту со сеќавањето, ниту со сегашноста, а уште помалку со минатотото или со иднината. Еден краток период по смртта на Тито, во таква слична ситуација се најде тогашното колективно југословенско претседателство, а од тоа време остана запаметена и онаа познатата: „Историјата дојде во состојба на мирување, постои само една вечна сегашност во која партијата е секогаш во право!“. Таквите власти кои ништо не научиле, ниту од сопствената историја ниту од модерните светски трендови, се осудени на пропаст и најчесто нивното владеење најмногу ги чини нивните народи и нивните граѓани – и тоа долгорочно!

Македонија во моментов доживува токму такво несреќно владеење – анахроно, затоа што е со светлосни години далеку од какво било модерно западноевропско учење или модерно практикување политичка власт и што е уште пострашно, со светлосни години далеку од себеси, од своето минато, од својата сегашност и од својата иднина! Веќе не негувам ни трошка илузија дека од оваа власт ќе доживееме празнување и чествување на јубилејни државни настани и личности кои заеднички ќе ги славиме и со кои ќе го негуваме и обогатуваме нашето културно сеќавање или дека ќе вложиме некакви напори во заштитата на своето културно наследство, бидејќи во него се фрлаат трошки од едвај симболични 15-17 % од неопходно потребните средства (и според официјалните наоди Државна ревизија од минатата година). А во сеќавањето на значајни настани и јубилеи на поединци, како и во заштитата на културното наследство се положени темелите како на културниот идентитет, така и на државотворниот капацитет на секој народ и секоја држава.

Според Јан Асман и според доминантните политиколошки и културолошки теории и практики, како на Западот, така и на Истокот, само општествата кои умеат да се сеќаваат можат да се обновуваат, да се преобразуваат и да напредуваат!

Годинава во која веќе влегуваме, да имавме влада и држава која не е препуштена на сопственото себезаборавање, ќе славевме, ќе чествувавме и со пиетет ќе се потсетуваме на: 120-годишнината од Илинденското востание и 120-годишнината од излегувањето од печат на „Македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков, 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација, 150-годишнината од пуштањето на железничката линија Солун-Скопје, 100-годишнините од раѓањето на Васка Илиева, на Ацо Шопов, на Јово Камберски, на Трајче Попов, на Љутви Руси и Олга Спиридоновиќ (филмската Мис Стон) и раѓањето на десетици првоборци и народни херои од Втората светска војна меѓу кои и на Чеде Филиповски-Даме, ќе ја славевме 90-годишнината од раѓањето на Стојан Тарапуза, на Добри Ставревски и на Рина Усикова или јубилеите поврзани со името и делата на Панко Брашнаров, на Кочо Рацин, на Петре Богданов-Кочко, на Панче Караѓозов, на Илија Николовски-Луј, на Ѓорѓи Колозов и Есма Реџепова. Ќе имавме барем секој ден по некој добар повод за културно сеќавање, за славење на добрите стари и трајни вредности, од кои добрите и перспективни народи и држави вечно учат, ги надградуваат, негуваат, а преку нив се образуваат, постојано преобразуваат и напредуваат!

Скапо, прескапо ќе нè чини што и годинава, инаку петта таква по ред, во која државата и властите доброволно се откажуваат од официјална државна програма за чествување јубилејни настани и личности од својата историја. Не постои поголема цена што може да ја плати еден народ и една држава од онаа која ќе стаса за наплата по така долготрајно и толку систематско културно (само)заборавање! Ќе го отплатуваме овој долг кон нашите предци и ние и нашите идни генерации, уште многу долго! Бидејќи сѐ се враќа и сѐ се плаќа!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...