Уставни измени за самоодржлив систем на трајно пријателство и соработка – фикција или реалност?

Се разбира, фикција!

Толку е „текстот на песната, натаму се свири“.

Кој е рецептот за добрососедски односи?

Меѓусебното почитување и уважување?! Културната соработка на институционално и граѓанско ниво?! Соработка во образованието, науката или здравството?! Вложување во инфраструктурното поврзување, трговската размена, економската соработка и останатите области од обостран интерес?! Меѓусебното помагање во услови на несреќи, катастрофи, пандемии, епидемии и останати непогоди?!

Можеби добрососедските односи се изнудуваат со уцени, притисоци и блокади зачинети со провокации, навреди и омаловажувања?!

Или уште подобро, се наметнуваат со сила во услови кога примената на сила се повеќе и повеќе „влегува во мода“?!

Постои ли воопшто формула која ќе им овозможи на две соседни земји да го создадат тој внатрешен и меѓудржавен баланс на односи и интереси кој ќе креира самоодржлив систем на трајно пријателство и соработка?

Тешко! Речиси невозможно!

Но, вреди да се работи на темата! Вреди, и покрај сите несовршености, опструкции, подметнувања и поттикнување на омраза и нетрпеливост. Секако дека вреди! Вреди да си во добри односи со соседот, да постои меѓусебна почит и соработка во сите области кои беа споменати на почетокот. Вреди да се инвестира во добар пријател и сосед, особено кога влогот е заеднички и партнерски. Вреди да се направи компромис кој на двете страни ќе им овозможи дополнителен бенефит, дури и по цена која можеби на прв поглед изгледа прилично висока.

Примерот со Србија и признавањето на МПЦ е пример на една заедничка, партнерска, дури би рекол и пример на братска инвестиција за која едната страна мораше да се откаже од дотогашните сопствени ставови, да сврти нова страница и навидум да плати повисока цена. Цената е висока, но пријателството, довербата, симпатиите и соработката што се добиват за возврат се бесценети.

Македонскиот народ континуирано вложуваше во ова пријателство со децении наназад, дури и во моменти на заладени меѓудржавни односи. Сето ова заедно сега е заеднички влог која ќе остави траен белег во односите меѓу Македонија и Србија, и во односите меѓу македонскиот и српскиот народ. Тоа е инвестиција која ќе даде сериозен придонес во потрагата по формулата за креирање на меѓудржавен баланс на односи кој треба да обезбеди самоодржлив систем на трајно пријателство и соработка.

Тоа е оној, позитивниот пример на добрососедски односи. Каква е сосотојбата со Бугарија? Каква е состојбата со соседот кој е единствен со кого имаме потпишано договор за добрососедство? Онака, црно на бело, со потпис… и печат!

Секако дека односите сè уште се далеку од позитивен пример. Односи кои никогаш не биле полоши во изминативе триесет години. Но, тоа не значи дека не треба да се работи и инвестира во унапредување на пријателството, соработката на сите нивоа. Тоа не значи дека не треба да се направат сите потребни напори за обострано плаќање на цената која ќе нè приближи до онаа посакувана формула на самоодржлив систем на пријателство и добрососедски односи.

Обострано, клучен збор!

Ако е намерата цехот за постигнување на некакво пријателство да го плати само Македонија, тогаш сме далеку од постигнување на самоодржлив систем. Далеку сме од систем кој ќе овозможи вистинско пријателство, доверба, контакти, соработка, а особено сме далеку од овозможување на непопречуван евроинтегративен процес на Македонија.
Тука запнавме, кај евроинтеграциите.

Начекани сме „во тунелот“ во кој непотребно самите се втурнавме благодарение на владите на Ковачевски и Заев. Враќање назад нема, темно е! Напред, исто така темно. Нејасно и непредвидливо на уште колку спуштени „добрососедски“ рампи ќе наидеме, а за кои цената секогаш може да биде уште повисока.

Заглавени сме во сопствената кал наречена уставни измени кои „мора“ да се случат ако сакаме да одиме напред. Блокирани сме во обврските кои самите ги прифативме како надградба на основните критериуми за влез во ЕУ.
Лидерската средба која ја свика Ковачевски со цел „излегување од калта“ не ја постигна посакуваната цел!

Такви се впечатоците, такви се извештаите, такви се и изјавите од овој настан. Од една страна Ковачевски и неговите упорно тврдат дека уставните измени ќе се случат најдоцна до крајот на ЕУ скринингот, некаде во втората половина од следната година. Од друга страна Мицкоски експлицитно тврди дека власта нема 80 пратеници за реализација на планот и бара предвремени избори.

Од трета страна албанските политички лидери досегашното лицитирање со проценти го менуваат со нов пристап и бараат начин како дополнително да уловат во темниот тунел на македонските евроинтеграции.

Да бидеме реални (не е тема но вреди да се спомне како дигресија), од досегашниот процес на македонското интегрирање во европските и евроатлантските структури, албанското малцинство во Македонија имаше најголем бенефит користејќи ги уцените и притисоците со кои се соочуваше македонската држава, првин од Грција, а сега и од Бугарија. Секогаш нè начекуваа во тесно и бараа уште повеќе. Така е и сега. Вреди да се констатира и да се запамети.

Да се вратиме кај СДСМ и ВМРО.

Се поставува прашањето, на што се должи оптимизмот на Ковачевски дека уставните измени ќе бидат усвоени од овој собраниски состав во текот на 2023 година? Осумдесет пратеници немаат, на избори не сакаат да одат.

Како ќе спроведат уставни измени без учество на опозициската коалиција која има повеќе од 40 пратеника. ВМРО-ДПМНЕ во моментов самата има 38 пратеници. Дали бројката од останатите 82 пратеника го охрабруваат Ковачевски да заигра на картата „сите против еден“ со конечен исход според онаа народната „И власта сита и пратениците на број“?

Ова сценарио во моментов е научна/политичка фантастика. Но кој знае, можеби некогаш ќе откриеме дека постојат вонземјани, како што во 2023 година ќе откриеме дека политичката фантазија станала стварност. Искуството со уставните измени за промена на името говори дека македонското собрание има далеку поголем капацитет од науката за спроведување на научните фикции во стварност.

Чудно е тоа што Ковачевски целиот планиран процес на уставни измени го тера некако на сила. Има лошо политичко менаџирање. Ја исклучи опозицијата од сите политички процеси. Долго време избегнуваше повик за лидерска средба. До неодамна воопшто не ги уважуваше логичните барања и предлози на опозицијата кои беа во функција на надминување на економската криза со која се соочуваме.

Тој или се плаши од контакт со политичкиот противник, или поим нема од политика, или пак и самиот не сака да се случат уставни измени па преку опструктивно менаџирање создава услови за нереализирање на овој проект.

Ова третото е нелогично иако Ковачевски активно работеше на уништување на секаква политичка клима за вклучување на опозицијата во процесот. Нелогично е од причина што токму самиот Ковачевски го прифати францускиот предлог и нè втурна во темниот бугарски тунел на евроинтеграции. Во тој случај мора да е она првото или она второто… или двете заедно!

Ковачевски дури ја игнорира и занемарува Венецијанската комисија на Советот на Европа чија што специјалност е следењето на уставите на европските земји и нивната усогласеност со Европската конвенција за човекови права. Од каде сега ваквото игнорирање на европските институции кога се работи за потребите на процесот на евроинтеграции?

Контрадикторно е, нели?!

ВМРО-ДПМНЕ презентираше став дека е против уставни измени под вакви услови. Во услови на диктат, притисок и еднострано вложување во добрососедските односи. Сметката за подобрување на соседските односи треба да ја платат двете страни. Нели така констатиравме?!

Барањето на ВМРО на предвремени избори е сосема нормално во контекст на актуелниот политички момент и тоа е прв и основен интерес на секоја опозиција. Интересно е тоа што

Ковачевски тргна во кампања и често го гледаме на разни масовни партиски собири. Зошто, тој најубаво си знае?!

Интересот на албанскиот политички кампус веќе го искоментиравме со една дигресија и тука нема нешто повеќе да се додаде. Единствено може да се додаде дека опозиционите партии што ги претставуваат гласачите албанци можеби само креираат филм дека нешто бараат, но „цврстиот“ Ковачевски останува принципиелен и непопустлив и целокупниот процес на уставни измени го фокусира само на бугарските барања, со што излегува победник во однос на албанскиот политички кампус. Или можеби не?! Можеби барањата се реални и пак сакаат да нè начекаат во тесно и темно?!

Дојдовме и до Бугарите. Тие воопшто не ми се јасни. Која е целта што сакаат да ја постигнат за да имаат бенефит?

Сакаат подобрување на добрососедските односи само преку отстапки од македоснска страна. Бараат внесување на Бугарите во македонскиот устав, а од нивна страна не сакаат реципрочно да го признаат постоењето на Македонците во Бугарија. Не сакаат ниту да овозможат регистрација на македонски здруженија и организации иако за тоа веќе постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Велат дека не можеле да го сторат тоа од причина што во Бугарија сите се Бугари. Бугари се Бугарите, но Бугари се и Македонците, Турците, Ромите, Србите, Власите и сите останати кои и да се. Сите се Бугари. Нема други, таков им е уставот.

Од друга страна нашиот устав ги признава правата на сите етнички заедници од кои повеќето се експлицитно наведени. Тука сме сите набројани, Македонци, Турци, Срби, Роми, Власи итн.

Нашиот устав веќе е преполн со „Бугари“. Сите „Бугари“ се набројани. Можеби недостасуваат уште „Бугарите“ Хрвати и Црногорци па да бидеме комплет. Еве нека кажат бугарските официјални претставници кои Бугари конкретно недостасуваат за да ги внесеме во македонскиот устав и да ги внесеме, но во согласност со нашиот уставен концепт.

И без тоа веќе многу „Бугари“ се внатре, па ако правиме уставни измени да ги направиме онака како што треба, за да не ја згрешиме работата.

Небулозно им е барањето. Небулозно и нелогично, посматрано дури и од нивна гледна точка и третирано според нивната логика. Уставните измени и внесувањето на Бугарите нема да стават крај на бугарските блокади на македонските евроинтеграции. Тие самите не се на чисто кои се, што се и што воопшто сакаат од себе и другите. Нивните вжештени глави велат дека Македонците го смениле својот идентитет бидејќи порано биле Бугари, несвесно понижувајќи се самите себе и сопствениот народ.

Па каков е тој народ, во конкретниов случај бугарскиот, кој под притисок или од лукративни причини станал нешто друго. Форсирајќи ја тезата дека Македонците настанале од Бугарите, тие самите за себе говорат дека се од мек материјал и секој може да ги меси како пластелин. Истото важи за сите националисти и заговорници на ваквите тези секаде на Балканот и Европа.

Затоа да се вратиме на почетокот. Добрососедските односи, меѓусебното почитување и соработката се интерес на сите инволвирани страни.

Инвестирањето во нив треба да биде заедничко и обострано. Само така ќе се приближиме до посакуваниот рецепт кој ќе овозможи баланс на меѓусебните односи кој ќе креира самоодржлив систем на трајно пријателство и соработка. Секој поинаков пристап ќе создава тензии и нестабилност, а регионот ќе го претвори во меко ткиво погодно за префрлање на конфликти, судири и војни.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Забавно е да се игра во Битола“

Голманот на Вардар, Мартин Томовски никогаш во својата...

Кадетското злато остана во Автокоманда

Домаќинот на кадетскиот турнир од Ф4, не залудно...

Младост ја продолжува борбата за второто место во прволигашкиот плеј-оф

Тимот на Младост Богданци пред својата публика не...

Радовиш чекор поблиску до суперлигашки бараж

Екипата на Радовиш пред својата публика одигра според...