Власта која тоне, го влече и сопствениот народ кон бездната! – Kurir.mk

Не знам дали е ова обележје само на македонските политичари, или е дел од „мајндсетот“ и на други низ светот, ама постои едно правило: Кога тонеш, и гледаш дека не оди, повлечи се достоинствено со време, ем побрзо ќе се вратиш, ем нема да има до толку наталожена омраза кон тебе.

Актуелната власт, на чудесен начин преживеа на изборите пред две и пол години, среде корона криза. Иако и тогаш беа зрели за „отстрел“, збир на околности предизвикаа тие да бидат пирови победници, и заложник во оваа „франкеншајн“ апартхејд Влада. По само година и нешто народот им порача одговор, кога дури и со мала излезност, доживеаја целосен дебакл на локалните избори, и СДСМ и ДУИ.

СДСМ се сведе на скопски Центар, секако Струмица и неколку помали гратчиња каде влијанието останало големо или пак некој градоначалник и сработел нешто, додека ДУИ покрај Чаир, го сочува и Струга и Кичево, секако, апсолутно незаслужено.

Власта покажа дека апсолутно не знае да се справи со ниту една криза. Успеваат медиумски да ги балансираат скандалите, се троши без усул, задолжувањето не престанува, а долгот си расте. Сите одлуки со кои се гордеат и ликуваат, пред се кај некои покачувања на плати и пензии, инфлацијата ги изеде. Апсолутни сме рекордери со инфлацијата, секој ден сме со страв дали ќе има струја и парно греење, се живее под психоза за преживување.

Премиерот излегува на телевизија и вели, храна, струја и греење ќе има. Речник кој потсетува на земја во војна, а не на земја членка на НАТО, која нели, се стреми кон ЕУ.

Добро е што дел од медиумите и новинарите, без оглед на етикетата чија страна идеолошки или партиски ја зафаќаат, се охрабруваат да пишуваат за „бахатото“ однесување на експонентите на оваа власт. И додека сите тие од кога дојдоа на власт качија барем по 10 кила, кркајќи бифтеци, морски плодови и што ли уште не, да државна сметка, предлагаат закони каде се укинува оброкот за студентите, затоа што нели, штедат!

Интересен е тој феномен на опозициска матрица. Ја водиш државата цели 6 години, и во моменти кога гледаш дека јавноста ти врти грб, велиш дека и ти исто мислиш и даваш поддршка. Ако паметите, имаше смешна состојба каде пола Влада излезе на улица против загадувањето, а веќе 3 години беа на власт.

Мислам дека е време повторно да бидат опозиција, затоа што во таа состојба им е најубаво. Власте е тешка, се мачат, треба да се оди на работа, да се сноси одговорност, да се сработи нешто, треба да се даде анкетен лист кон антикорупциска, треба да се докажува имот, па да се оди по состаноци… Глупости! Најубаво е да урлаат и се бунат како опозиционери, да се проба нешто да се изрекетира и договори под маса, без јавноста да знае.

Сега има една друга мака. Што доколку им се направи ревизија? Што доколку некој реши да го процесуира се ова што го правеле? Токму затоа се огромни борбите за тоа кој ќе биде обвинител, кој ќе биде по судовите! Се купува ден за ден, а како што гледате власта прави турнеја низ државата, небаре се во кампања. Средби со граѓаните по спортски сали и домови на култура. И видете кој е во истите. Едните исти лица кои ги влечкаат од Скопје и секако пензионери. Тие пак, не ми се јасни!? Им се иселија децата, им се иселија внуците, ама тие уживаат кога ќе ги викне некој на настан или трибина. Дружба, муабет, емотивно празнење, и ќе си се вратат дома да ја изгледаат серијата, за да можат со време да си легнат, и од сабајле да се јавуваат по контактни емисии.

Сфатете ме како сакате, ако сакате мислете дека е ова хејт и напад кон пензионерите, но ќе ви кажам само едно нешто: Држава чии политики ги креираат пензионерите на избори, а поставуваат дечишта и медиокритети, нема иднина. Со светот пензионерите водат, во светот пензионерите имаат кеш и имот, а кај нас, кај се отепани од Господ, плус носат лоши одлуки, и се продаваат за евтино.

За жал, морам да констатирам дека немаме некаква иднина како Македонци. Нашата авто деструкција, и полтронски и сервилен однос ќе не уништи. Македонец можеш да си секаде, но во Македонија не. Тука си еден хибрид, обезличен и однароден, со претпоставени кои се медиокритети, лоповчиња и преваранти, а ти само тонеш и стагнираш. Македонецот кој е низ Европа и низ светот верува во каузата и се бори една генерација, максимум две. Потоа се‘ се разводнува, и еден народ кој вредеше нешто, почува да се губи и да умира биолошки.

Веќе станува небитно уште колку време ќе останат на власт СДСМ и ДУИ, заедно со помалите паразити. До пролет, лето, есен, или ќе се држат да стигнат до таргетот 2024 парламентарни и претседателски. Се ми мириса дека целта за тоа е условеност, заеднички настап за да се обидат да ја задржат централната власт, плус „псе јо прецедник“, кој ќе треба уште по сервилно да ги продолжи политиките на „Перхан“.

Се додека политичарите го ставаат народот како заложник за нивен личен политички опстанок, нема да не биде. Тоа е така, затоа што немаме политичари од кариера, туку ликови кои дошле на власт за да го „натоварат магаренцето“, за да се нафатираат за три генерации, а спремни се да направат се‘ и потпишат се‘, само за да наплатат.

Народе, престанете да гласате за лопови и хиени, за преваранти и трговци. Дури и на анкета, кога ќе ве прашаат дали ги поддржувате Петко, Станко или Блерим, кажете што мислите. Престанете да се лигавите, и да им правите лице како на фејсбук, дури и на ликови кои ги мразите, а им стискате лајкови, срциња и велите дека најдобри и најубави. Нема напред со полтронство и лижење. Кренете глава и шлапнете им се в лице!

Царевите од Контрола на лет, покажаа како. Дел од синдикатите, исто така. Имам надеж во студентите. Време е сите да и покажеме на власта, дека се спремни за во „аут“.

Колумна на Александар Ристевски



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јунајтед груп Б.В. продолжи со успешен раст во 2023 година со рекордни резултати

Водечката телекомуникациска и медиумска компанија во Југоисточна Европа, Јунајтед...

Изборните резултати – најверодостојната анкета

Петар Поп Арсов   Што да се каже после шокантните резултати...