12 февруари 2024. Така се убива цел еден народ

Немој да бараш од овој текст, драг читателу, некаков филозофски или интелектуален систем. Нема тука ни епицентар ни периферија. Не мислам по аналогија на системот на Свети Августин, кој и не мора да е строго мистичен, дека „сѐ е центар оти сѐ е во Бог и Бог е во сѐ“. Така може да мисли само ведар мистичар во отсуство на болка, посебна, таква каква што ја имаат Македонците од дамнина, а особено денес. Свети Августин, редок мислител, кај кого како што вели Јунг првпат ја сретнал категоријата архетип, која е една од средишните категории во неговата аналитичка психологија. Свети Августин ведро чедо во пораната фаза на западната цивилизација, кога не ни сонувал дека таа целосно ќе ја прегази неговата теорија за центарот, односно за Бог како центар за космосот и микрокосмосот, но вклучувајќи и на човековата душа. Ама проблемот тука е во тоа што неговата цивилизација, наследник на Римската Империја, како што нѐ известува за тоа старогерманската легенда, а потоа и Гете, му ја продаде душата (симболизирана во Фауст) на Мефистофел (ѓаволот). Додуша за знаење, картезијанска страст, и телесна наслада, еден од нејзините темелни пороци што ја водат во бордел и разврат. Така, да е жив Свети Августин денес ќе видеше дека во неговата ариевска цивилизација нема ништо од центарот во кој престојува и го симболизира самиот Бог. Сега во неа центарот е Мефистофел: во сѐ е Мефистофел и сѐ е во Мефистофел. Сѐ е безбожништво. Наопаку преобрнат Августин, кој цел живот го јадел гревот дека украл неколку круши од дрвото на соседот. Да. А неговата цивилизација го опљачка златото на цели цивилизации и континенти и не чувствува никаков грев!
А да беше католичкиот светец роден Македонец и во Македонија безбожништвото на западната цивилизација ќе го видеше најубаво, и веројатно и тој како Блаже Конески ќе рикаше од болка дека е роден во „смачкано племе“. А дали ние сега рикаме, драг читателу, оти немаме ни сила ни волја за крик, легнати во мочуриштето на апатијата. Оти колективната глава, како на Јован Крстител, ни е пресечена и ставена во сребрена чинија за танцот на бриселската вавилонска блудница, новата Саломе на расипаната цивилизација што се задавува во изметот на своето морално распаѓање.
Ништо. Ни ултрацрвено, ни агонија, туку страшна умора-мора го налегнала смачканото племе. Но тоа, се разбира, не е она доброволно гаснење на светилката како кај будистите за влез во нирвана и растворање на космичкото битие. Во Брахман кај Индусите. Ние сега сме оган на кој од цивилизацијата му е одземен огнот, а неговата пепел што останува зад него на 12 февруари 2024 се става во мртовечка урна под перницата на вечноста.

Така мислат, како што би рекол Пол Целан, „мајсторите на смртта“ на обновениот западен нацифашизам. Да. Но ако ги гледаме, драг читателу, работите од аспект на божјата правда и вистина, дали е тоа повеќе смрт за Македонија и Македонците, или за цивилизацијата што со нашата неповратно се осуди на сопствената смрт. Сѐ е мртво и морално распадната во неа, вклучувајќи ја и нејзината мочана „демократија“, која толку многу несреќа посеа низ светот. Сега со нашата смрт и таа е на мртовечка постела како културна и цивилизација. Тоа е цивилизација што веќе го загубила во изворната смисла духот на културата како примарен агон, а ја нема ни душата како нејзин генератор на доблеста, храброста и убавината, додека од поимот цивилизација останал само слојот варварство завиткан во софистициран „демократски“ садизам. Ние Македонците добро го знаеме тоа. Така, во тој контекст, и ја сфаќам, драг читателу, луцидната мисла на Ниче дека човекот на варварството е посреќен од човекот на културата (читај: Европа посреќна од Македонците). Оти безбројни се колонијалистичките варварства на Европа низ планетата, па да не мисли таа дека намерно ја мразиме, јас и во мојата колумна го цитирав Италијанецот Џани Инфантино, актуелен претседател на ФИФА, кој лани на Светското првенство во Катар, револтиран од нејзината морална хипокризија, ѝ порача на модерната бриселска дама дека треба три илјади години да му се извинува на светот за злосторствата што му ги направила.
Да. А нам Македонците дури и дупло толку треба да ни се извинува, толку многу и толку долго нѐ мразела и ништела таа. Но доволно со неа. Туку, сега да видиме што направивме ние во одбрана од тоа варварство. Одговорот е, направија многу илинденските комити и асномските партизани. Но ние денес ништо не направивме, а сѐ расипавме. Гнило поколение (чувствувам нелагодност дека му припаѓам), од кое се превртуваат во гробовите нашите родители, предци и прапредци од срам за оваа декаденција на генеричката ДНК на колективното битие. Никаков притисок ни од Вашингтон ни од Брисел не го оправдува тој пад, таа морална атрофија и кукавичлук. Ниту, пак, Западот може да го скрие своето злосторство зад такви гробари на „смачканото племе“ од неговите редови какви што се Заев и Димитров, а потоа и Ковачевски и неговата на издишување политбанда. Не. Преспа 2018 е масовна гробница за еден цел народ ископана од западната цивилизација, заедно со нејзиниот балкански предатор Грција. Сега ја копаат и бугарската, втора гробница. Смрт врз смрт, никако да ги дозатрупаат со смрт Македонците.

Тоа е со политичарите. А што направија во сета оваа танатосна македонска хаварија македонските интелектуалци (наводниците се подразбираат), оти тие мислат дека интелектуалец е човек со некаква скрпена диплома, докторат, титула или висока функција. Ама не е. Поимот интелектуалец можеби и пред фалбаџиските Французи се оформи во од Западот омразената Русија. Сум кажал и претходно. Мислам на левичарската група руски интелигенти од деветнаесеттиот век од Царска Русија, како што се Чернишевски, Доброљубов, Писарев, Белински, а потоа и анархистите како Бакунин, Кропоткин и преостанатите. Тие беа атеисти, но не и безбожници, оти и безбожништвото е западна, а не источна традиција. Тие се руска сорта на атеисти (социјалисти како што ги вика Берѓаев), кои идејата за Бог ја супституираат во вредности што имаат света содржина, како што се тоа социјалната правда, еднаквоста, моралната доблест и слободата на мислата. Тој печат на моралната доблест, правдата и вистината се обиде да го втисне во мефистофелската душа на европскиот човек Емил Зола, во аферата Драјфус, со крикот „Обвинувам“. Тој крик во Франција најде одек кај Ками и Сартр, но по нив и таму спласна, за да го снема сега целосно во епохата на Макрон и францускиот постколонијализам.
А што да ти кажам за нашите интелектуалци со надувано его без покритие. Тие се плашат и да помислат да го изговорат зборот геноцид или холокауст во врска со она што ни се случуваше и ни се случува. Од целата академска групација зад Вардар, тоа го чув само од Љупчо Коцарев. Баш ме интересира дали ВМРО ќе има доблест да го кандидира за претседател на изборите. Тотално потфрливме, па и писателите, неколку стотини во асоцијацијата, како да им е зашиена устата што треба во драматични ситуации драматично да крика како Зола „Обвинуваме!“ Но и тие останаа предвреме, пред Преспа идентитетски мртви, без никаков отпор.
Море без брегови е оваа тема на мора и јанѕа, драг читателу, и уште долго ќе ѝ се навраќаме ние. Туку сега, по 12 февруари 2024, денот на фрлањето на нашата пепел на буништето на оваа расипана цивилизација, треба да мислиме како пак да се кренеме и да му се вратиме на огнот што го чуваат, похрабри од нас кукавици, предците и прапредците во гробовите. За тоа во друга колумна. Сега уште ова. Во најмачниот миг ни дојде писмо од Советот на Европа со охрабрување да се справиме со воените злосторници од 2001-та, со четирите предмети што ни ги врати Хашкиот трибунал свесно во 2003 година, знаејќи дека кај нас е невозможно да се решат тие. Добро сценарио. А, од друга страна, тој во случајот дволичен трибунал, кој не е можно да функционира без Вашингтон, можеше да ги процесира Македонците Јохан Тарчуловски и Љубе Бошковски кои беа од страната што се бранеше од албанскиот тероризам. Парадокс што го покажува Јунусовото лице на европската правда кон Македонците. Знам, ако судот во Хаг ја изведеше правната експертиза за злосторствата на ОНА над Македонците, макар индиректно ќе беше осудена и поддршката на НАТО на операциите на албанските терористи, кои саркастично по присилниот од Западот и капитулантски Охридски договор ни ги востоличија нив и во владата и во парламентот, и сѐ уште ја имаат нивната поддршка. Оттука произлегува и парадоксот број два. Ние намерно и под притисок на Империјата сме мижеле досега пред фактот дека долго време во нашата влада и парламент е на дело синтезата меѓу амнестираните албански терористи и македонските политички безрбетници. Совршен кентаур. Тој амалгам на синтеза меѓу рехабилитираните терористи и македонските политичари особено е челично цврст последниве шест-седум години од владата на Заев до владата на Ковачевски, период во кој се изврши операцијата македонски идентитетски геноцид и целосно се урна суверенитетот на кревката, по американски терк, македонска држава. И овој парадокс значи нема да биде целосно јасен ако не се каже дека сме имале и друга група злосторници, не од водството на ОНА, туку од водството на СДСМ, Македонци што направија големи злосторства над сопствениот македонски народ во кој, стопати сум рекол, драг читателу, по грешка и за негова несреќа се родени. А не се тука само Заев, Димитров и Ковачевски. Има и помали злосторничиња распоредени во прецизни поткатегории, мали ѓаволчиња што ги кријат рокчињата и опашките под газот, ама народот ги гледа.

А тоа дека Вашингтон држи сѐ под контрола е и повеќе од јасно. Јасно ни е зошто во Македонија Габриел Ескобар препознава Албанци и некое православно население, а нема Македонци. А О’Брајан, пак, ни кажа во шифра, која и не е шифра, дека не сака да купи кола од Мицковски, туку од Ковачевски. Но сиот овој американски политички „херметизам“ конечно го раскринка ангелот од Кале (за некој бел, а за некој црн) Ангела Агелер, која, надвор од дипломатските правила на еден амбасадор кој треба да го почитува државниот официјален јазик на земјата во која престојува, му ја честита премиерската техничка функција на Џафери на албански, што е скандалозно и за неа и за Империјата. А скандалозно е што тоа, освен во Левица, беше премолчено од сите други партиски субјекти кај нас, вклучувајќи и од ВМРО-ДПМНЕ, кое по сѐ изгледа навреме ги наштимувало жиците на својата гитара од кај што дува ветерот. А кај нас дува од Кале па надолу во низината кон смогот на природно и политички најзагадениот град во светот.
Јасно ли ти е, драг читателу? Прочитана е Морзеовата азбука на Империјата во Македонија. А тоа се знаци што вестат катастрофа. Но не плаши се, оти катастрофата во некои ситуации, каква што е македонската, па и светската сега (гледај ја Палестина), е вест за спасение. Таа вест визионерски ја прочитаа исто така во катастрофа и нашите асномски партизани пред веќе безмалку едно столетие. Новата катастрофа се навестува, излегува надвор од Откровението на апостол Јован, и неа ние Македонците ја очекуваме како спасение, нешто слично на раните христијани, кои во таа смисла ја пееја песната „Господе, дојди поскоро!“ Но немој само да мислиш дека сум по професија катастрофичар, драг читателу. Сети се на она на Исус: „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе“. А работите што се случуваат денес и со Македонија и со Палестина и со сиот сиромашен и поробен од Империјата свет ги виде во визија уште старозаветниот пророк Даниел. Оти сигурен сум дека тој го виде и 12 февруари 2024. Виде како се убива цел еден народ на невидено садистички начин, кој не верувам дека можел да го замисли ни Маркиз де Сад, иако тоа сепак го замисли неговиот наследник Емануел Макрон, па ни ја зготви инквизициската рамка за конечна садистичка смрт. Тоа. Ги виде Даниел во својата визија, сигурен сум, и Македонците како се туркаат пред шалтерите – Аушвиц на смртта менувајќи ја автентичната душа, срцето, белите дробови и утробата за пластиката на бриселовашингтонската цивилизација за што таа, ако и ние ги читаме добро шифрите на Откровението на Јован, откако сме го прочитале Даниел, дебело ќе плати. Првата и втората нејзина катастрофа во двете светски војни се само вовед во третата, од која нема да си исплови на површина таа со главата на ѕверот со седум рогови, како што исплови пред тоа со помош на нивниот пријател Мефистофел (Сатаната), но пак со дозвола на Бог, за што станува збор во Откровението (апокалипсата) на најомилениот Исусов апостол Марко.
Точка. Толку. И сето тоа што го кажувам во овие мигови на очај, но не и на апатија, не го сфаќај како мистика, драг читателу, туку како сурова но божја вистина и реалност. Оти како што рече и Достоевски: ништо нема пофантастично од реалноста. Ултрацрвено. Крај. Но не и крај на нашиот оган, кој ќе го вратиме од пепелта по 12 февруари 2024. Како? Понатаму ќе го разработиме планот. Биди храбар. Храброста сега е најважното нешто што ни е потребно. Се гледаме за една недела. Иако нѐ налегнала темница, гледам Голема Светлина над Македонија! Осана! Осана!

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ