Каде бевме и каде сме тргнале?

Весна Јаневска

Како беше?

Кога првпат во животот го сретнав професор Јовица Угриновски, тој на Институтот за патологија, раскажуваше на неколку колеги дека интервјуто за неговото вработување на Клиниката за неурохирургија се одвивало на француски јазик. Јас кога се вработив во Болницата за душевни болести првите денови од постар колега бев прашана дали сум го прочитала Кастенеда и тоа сите дела. Не можеш да станеш психијатар (јас тогаш сонував да станам психијатар) ако не си го прочитала Кастенеда, рече колегата. А Достоевски си го читала? На мојот потврден одговор ми кажаа дека сум надежна. Кога се вработив на Институтот за патологија таму шеф на Катедра беше проф. Угриновски, кој престојувал во Америка и работел на проблемот на трансплантација на корнеа и имунолошкиот одговор на примачот на трансплантатот. Станува збор за 1987 година. Кога подготвував специјалистички испит, со ноќи не спиев од страв да не ми се случи нешто да не знам, затоа што утре во очи нема да можам да им погледнам на професорите, но и на колегите. Бев малада и мислев дека баш сѐ треба да знам. Тоа не е можно, но јас овде зборувам за чувството и односот кон работата, а секако и за атмосферата која во тоа време владееше на клиниките и институтите. На клиниките работеа познати, докажани имиња, а раководеа најдобрите. Најважно беше раководител да е еден од најдобрите во струката, хирург, гинеколог, оториноларинголог. За финансиското работење на се дискутираше, за тоа постоеја прваници и економисти и сите други пропратни струки кои тимски работеа заедно за успех на институцијата.

Како бидна и како теба да биде?

Ова беше краток вовед или материјал за компарација за она за што ќе продолжам да зборувам. Ми се чини, можеби и не е сосема точно, но секако е значајно и за помнење. Првиот голем преврат се случи на Стоматолошкиот факултет кога за директор беше поставен човек кој не беше професор и доаѓаше некаде од внатрешноста. Луѓе како луѓе, се адаптираат и ја прифаќаат реалноста. Потоа почнаа партиски вработувања насекаде и вработувања по клуч, односно рамковен. Никој немаше ништо ни против тоа, но сите имаа против падот на критериумите за вработување на Медицинскиот факултет и раководниот кадар.

Клиниките од клиничкиот центар ,,Мајка Тереза” не се само терциерни здравствени установи кои треба да пружат врвна здравствена заштита, тие се и највисоката образовна медицинска установа. Таму се образуваат специјалисти од сите области и таму се подготвуваат теоретски и практично идните професори од областа на медицинските науки. Таму се изведуваат здравствени операции, но и врвни лабараториски анализи на високоспецијализирани апарати за високосензитивни анализи од кои живот зависи. Се очекува таму да работат луѓе посветени на професијата но и на науката, теоријата и праксата, луѓе со знаење и вештини, но и луѓе со амбиција да се усовршуваат во струката и науката. Не велам јас, рекле врвни имиња дека нема струка без наука и тоа е така таму каде што се гледа просперитет и се гледаат иновации.

Каде тргнавме?

Деновиве сме сведоци на реконструкција на Владата и договор (пазар) за кадрови решенија. Всушност имам впечаток дека не станува збор за кадрови решенија, туку договор за одредени позиции кои ќе и користат на партијата. Во јавноста се вртат бројни имиња и за некои јас лично навистина немам забелешка. Сепак, големо прашање е дали по секоја цена на една позиција треба да биде поставен партиски кадар, како на пример за директор на една клиника? Не станува збор за етникум, не станува збор за дарби и таленти, станува збор за подготвеност и компетенции. Слушам, не знам дали е точно, но сепак решив предвреме да пишувам, пред предлогот да стане официјален за да направам обид некој да ме слушне и подразмисли за сопствената одлука. Слушам дека на една од клиниките за директор е предложен доктор, од внатрешноста специјалист по општа медицина. Да претпоставиме дека тоа е Универзитетската клиника за дерматовенерологија. На оваа клиника се дијагностицираат меланоми, се дијагностицираат и лекуваат булозни дерматози се лекува пемфигус, кој треба да се разликува од пемфигоид, се лекува псоријаза, еленфантијаза, се дијагностицираат и лекуваат фунгални инфекции, мукормикоза (ретко), системски колагенози, болеста на Бехчет и така натаму. Во дерматологија додуша спаѓаат и болвите и шугата, но тие во Скопје барем одамна ги нема. Ги набројав ентитетите само за да го прикажам богатството на патологија со која стручниот директор треба да се справува. Сега се прашувам дали човек кој специјализирал во друга област не би се чувствувал крајно фрустрирано пред професори кои треба да ги раководи и кои животот го посветиле на кожните болести? Фрустрацијата е тешка работа, велат психолозите, води до незадоволство и несреќа, а несреќата до неуспех…

Да бидам чесна, да, директорот трба да се грижи и за набавките, ама за тоа има финансов директор со врзан потпис со стручниот. Слушам дека одреден број финансови директори по препорака на некои видни политичари од нивните партии бесрамно изјавуваат дека тие се тука да работат во корист на партијата и партиските вработувања.

Зошто, па и да не?

Ако министри исто така без ронка срам може да играат фудбал во кабинет, веројатно и директори поставени со една единствена квалификација  партиска припадност, може да работат само во корист на патријата.

Така наместо атмосфера на натпревар на знаење и умеење, стигнавме до атмосфера на пазар за позиции, а не за подобар и повисок квалитет. После се чудиме и коментираме зошто ни умираат жени по киретажа, зошто при породување на жена и вадат 3 органи, зошто нема лекови, зошто се крадат и продаваат лекови, зошто крадецот не е санкциониран по првиот ,,обид“ и така натаму?

Зошто парите и моќта станаа поважни од образот и честа?

После сѐ погоре кажано, јасно да потенцирам:

Само за компетенции зборувам и за ништо друго. Зборувам за високо образование, за МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ.

Прашањето е каде сме тргнале и има ли крај оваа голгота?

За доброто на сите размислете уште еднаш!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...