Кога очајот ја надминува бедата

Животот не бил да го живееш. Бил да преживуваш. Во Македонија. Мизеријата не треба да биде цел на јавната политика. Она што го добивате кога очајот ја надминува бедата е човечко страдање. Тоа не треба да биде ничија политичка цел. Но, секако, се чини дека е, ако се погледне искуството на пензионерите во оваа држава. Жално е да се доживува староста како „канцер во државата“ и закана за социјалното ткиво на општеството. Сепак, властите направија сѐ што можат за да им ги направат животите на оваа категорија граѓани толку неподносливи што ги натераа да излезат на улица во барање социјална правда. Погледнете го очајот на нивните лица. Само да беше до пензиите. Во условите што брзо се менуваат кога бројот на стари луѓе во секое општество се зголемува со многу брзо темпо, не успеавме да всадиме чувство на одговорност кон потребите и правата на постарите лица и формулации на политики и нивна имплементација со практичен пристап кон нивните потреби и права. Дозволивме како општество условите за живот на оваа категорија граѓани да станат доволно лоши, да страдаат доволно долго за да преземат радикални чекори во барањето, не само социјална правда туку и почит и респект во општеството.

Поради недостиг од свест за човековите права на постарите лица, во Македонија се соочуваат со зголемени инциденци на дискриминација поради возраста, староста, злоупотреба и малтретирање, за што во Македонија не се зборува. Создавањето свест за човековите права на постарите лица во општеството и нивната заштита станаа тешка задача за сите нас. Правата на поединецот во старост се сметаат повеќе за морална одговорност на членот на семејството, отколку на општеството. Затоа протестот на пензионерите за повисоки пензии и достоинствен живот во староста ја направи видлива грдата вистина за староста во Македонија. Замислете: цел живот да работите и да бидете внимателни правејќи сѐ што треба, надевајќи се на мирна и достоинствена старост, а завршувате на улица барајќи повисоки пензии за достоинствен живот. Сега гледаме дека постарите луѓе не сакаат да бидат зависни од другите, тие сакаат живот во достоинство, кој оваа држава им го одзема.

Како што можам да забележам, како да не сакаме да ја видиме грдата слика на староста во Македонија. Државата одбива да ги види често очајните услови за живеење на постарите луѓе и нивната итна потреба од социјална заштита. Не сака да ги слуша гласовите на постарите жени и мажи во Македонија, споделувајќи сведоштва за тешкотиите со кои се соочуваат во услови на економска и финансиска криза, што ги направи кревки и ранливи, во отсуство на достоинствена финансиска заштита. Не сака да види дека постарите луѓе често остануваат без доволно пари за да платат кирија или да купат храна, облека и лекови. Дека економската криза удира на најсиромашните. Сите зборуваат за сиромаштијата генерално, а реално се случува во семејствата на старите лица чии пензии не ги задоволуваат нивните основни потреби, што сериозно влијае на нивната социјална и физичка благосостојба. Со колапсот на пензискиот систем, за кој сите сме свесни а не сакаме да зборуваме, сѐ повеќе пензионери остануваат со минимален извор на приход или се принудени да работат во старост. Пензиите и другите државни бенефиции, како социјалната здравствена заштита, се право на сите, овозможувајќи им на луѓето да ги живеат своите подоцнежни години во сигурност и достоинство. Но тоа не е случај во Македонија, каде што бенефициите за социјално осигурување се достапни само за оние привилегираните, кои пак се сетија политички да се организираат да ги заштитат своите интереси, но не и интересите на армијата стари луѓе со минимални средства за живот. Особено финансиски. Затоа малкумина веруваат и имаат надеж дека еден ден би можеле да бидат сведоци на имплементација на социјална пензиска шема во согласност со сегашните капацитети на земјата, слична на онаа што е обезбедена во многу слични земји со низок и среден приход. Не знам зашто, но сѐ повеќе верувам дека политиката на Владата кон старите лица во Македонија е политика на мизерија.

Дека власта ја доживува како товар староста во општеството, наместо да работи на унапредување на правата на постарите луѓе за да можат да водат достоинствен, безбеден и здрав живот и да промовира подобри услуги и политики за промена на однесувањето и ставовите на поединците и општествата кон постарите луѓе и процесот на стареење. Зашто срамот на државата е голем кога староста маршира на улица за достоинствен живот. Не за преживување.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...