Коментар:Борба за рамноправност и почит жени, ората не вршат работа!

 

Повеќе од еден век, датумот 8-ми Март ширум светот е посветен на жената. Одбележувањето на денот потекнува од една идеја за рамноправност и борба за поголеми права на жените, во време кога тие работеле прекувремено за мизерни плати и биле дискриминирани. Празникот низ годините, барем кај нас, се претвори во ден за кафеански прослави и давање подароци. На прв поглед, изгледа дека во ваквиот концепт на славење, нема ништо од суштинската идеја на 8 Март. Ама, ако малку се размисли, лесно ќе се најде спојот. И во денешно време, има жени кои работат многу за малку пари, притоа не се поштедени од одржување на домот, сами се грижат за децата и за целото семејство. Погодени од комплекси и фрустрации, 8 Март го користат да си дадат оддишка. Значи, проблеми се` уште има, само пристапот е различен. Наместо борба, оро. Наместо дебата, подароци и букети.

Како и да е, на овој ден неизбежно е жената да биде во центарот на вниманието. Кое е местото на припадничките на поубавниот пол во одлучувачките позиции кај нас, на локално ниво?

Со општина Гостивар никогаш не раководела жена. Во актуелниот состав на општинскиот Совет, над 30% од членовите се од женски пол. Во училиштата во градот, едно директорско место и припаѓа на жена. Најголемиот дел од раководните позиции во институции и установи во Гостивар се во рацете на мажи. Детските градинки  традиционално ги водат женски лица. Дека голем дел од жените не сакаат да бидат само домаќинки и бараат работа потврдуваат бројките Од 6.200 граѓани евидентирани како активни баратели на работа, скоро половината се жени.

Црните показатели велат дека припадничките на женскиот пол остануваат најчести жртви на семејно насилство, а предничат и во обидите за одземање на животот. Статистиката зборува дека во Гостивар повеќе се раѓаат машки деца, а жените имаат подолг животен век од мажите.

Жени, дека е потребна борба, потребна е. За поголема почит за мултитаскингот, што е родена дарба на жените и за повеќе осмомартовски денови во годината.

Да запечатиме со зборовите на Роза Луксембург: „Оние кои не се движат, не можат да си ги забележат оковите“.

 

Љупка Антеска



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ