Коментар: Не – Не си фраер ако нагазиш гас и вртиш кругови

Вознемирувачка, иритантна, опасна… Тоа се само неколку зборови за опис на глетка од улиците во Гостивар, кои возачите што се замислуваат „фраери“ ги претвораат во писти за трки. И тоа не било кои улици, туку баш главните, најфреквентните, таму кадешто има најмногу возила, пешаци… оти што ако стартуваш и леташ со автомобилот или моторот, ако не те види целиот град?! Ниска свест, никаков степен на одговорност и жалиме што ќе ве разочараме, ама многу, многу далеку од фраерлук.

По „Илинденска“ да те фати страв да се движиш. Фрчат возила од сите страни. Не мора да си полицаец и да имаш радар за мерење брзина. Од око ти станува јасно дека повеќето нагазиле гас до заборавање. Демек многу им се брза, имаат итна и неодложна работа, па со подотворен прозорец, музичето, очилцата… Се по редот. Џабе тоа, знаеме дека кругови вртите за женски. Штета што никој не ви кажал – ама женските не љубат бесни мажи! Тоа ако некоја го сврти погледот по вас кога јурите низ улица, значи дека ви се чуди на паметот, не дека сте и станале нешто интересни или сте ја импресионирале.

Улицата од судот нагоре кон средните школи – тоа е приказна сама за себе. Врв на сообраќајна некултура и немање чувство за можните последици: повреда на некој што можеби цел живот ги почитувал правилата или недај боже смртен исход. Не помагаат ниту легнатите полицајци, а богами ни станатите. Може и самата улица е виновна, така права и долга просто како создадена за покажување формула 1 способности. Кој ли ви даде вас возачка дозвола?! Или уште и немате? И тоа бива, и такви тркачи ве има. Не кола и мотор – ќоше за вас. Со саати на една нога.

Доаѓа лето. Што правиме? Ќе полниме црна хроника или ќе подразмислиме малку…Знаете, еден ден ќе имате жена и деца. Вашата жена со вашите деца за рака ќе оди со страв по улица од такви како вас.

 

Gostivarpress.mk



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ