Екипата на Олимпијакос ја оствари втората победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ откако го надигра Бешикташ со 29:26 и успеа да избори пласман во финалето на турнирот во Охрид. Олимпијакос на стартот на турнирот беше подобар и од домаќинот Охрид.
Првото полувреме донесе голема неизвесност и многу возбудувања во спортската сала „Билјанини извори“. Турскиот вицепрвак тргна мотивирано, по нерешените 3:3, со серија од 3:0 дојде до 6:3 и откако Олимпијакос израмни на 6:6, Бешикташ повторно се одлепи на плус три, 9:6.
Во тој момент дојде до криза во таборот на Бешикташ, кој некако успеа да му парира на Олимпијакос во остатокот од првото полувреме, но во вториот дел целосно потфрли и немаше сили да се надигрува со грчкиот тим. Олимпијакос со расположените крила најпрво израмни на 9:9, потоа поведе со 10:9, и до крајот на полувремето беше во резултатска предност. По 30 минути игра, резултатот гласеше 14:12 во корист за грците.
Олимпијакос нагази во вториот дел, во најголемиот дел водеше со три до четири гола разлика, разиграни беа повеќето ракометари кај грчкиот претставник , па така Бешикташ не можеше да фати чекор и да дојде до евентуален камбек.
Во рамки од последното коло од групата, Олимпијакос ќе игра против младиот тим на Голден Арт, додека Бешикташ ќе има дуел со домаќинот Охрид.