Пак ли СДСМ и ДУИ на сила ќе го менуваат Уставот?

Власта 100 пати се преброи и виде дека нема 80 пратеници за да си ја реализира замислата да го смени Уставот. Но, и понатаму власта 1000 пати неделно повторува дека Уставот мора да се смени. Ваква упорност да имаа околу подобрување на стандардот на граѓаните на Македонија до сега лидери на Балканот ќе бевме.

Како може да се смени Уставот кога за тоа нема неопходно двотретинско мнозинство и поддршка од 80 пратеници? Одговорот на ваквото прашање ќе се гледа во следниве недели. Власта веќе тргна кон процедурата за менување – иницијативата е подготвена, стокмени се и неколкуте потребни амандмани, претседателот на државата си го смени првичниот став дека за тоа е потребно претходно да се обезбеди двотретинското мнозинство…

Оваа решителност отвора многу прашања. Едно од нив е како власта ќе го тера процесот. Демократски или на „балкански начин“ како што еднаш во минатото ги подучуваа западни дипломати?

Владината коалиција во парламентот ја има поддршка на 65 пратеници, а менувањето на Уставот би можело да биде поддржано уште од неколкумнина пратеници од албанските партии. Меѓутоа, и со тоа, без поддршка на најмалку десетина пратеници од редот на здружената опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, уставните промени не може да поминат. А од опозицијата и натаму категорично тврдат дека никој од нив нема да гласа „за“ и дека тоа ќе му биде повторено на премиерот на лидерската средба којашто наскоро ќе биде одржана околу оваа тема.

Сепак, и покрај ова главните владини партнери СДСМ и ДУИ не запираат. Нивните функционери и натаму даваат изјави дека се убедени дека потребното мнозинство ќе биде обезбедено. Како, не откриваат.

Атмосферата се повеќе почнува да наликува на онаа од крајот на 2018 година кога македонскиот Устав требаше да се менува за да се смени името на државата и други промени врз основа на Преспанскиот договор со Грција. И тогаш го немаше потребното двотретинско мнозинство, и тогаш имаше најави на владини функционери дека ќе биде обезбедено, и тогаш имаше странски дипломати кои даваа засилени пораки дека уставните промени мора да бидат изгласани…

Тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан отворено порачуваше дека верува дека уставните промени ќе бидат направени преку комбинацијата на „балкански и рационален начин“, а американскиот амбасадор Џозеф Бејли на средби по скопски хотели ги убедуваше осуммина пратеници од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат промените. Имаше и притисоци од власта, па награди, па… Ефектите на тоа брзо се видоа: осуммина пратеници го поддржаа менувањето на Уставот со кој се смени уставното име на државата Македонија. 

За повеќето граѓани на Македонија тоа беше менување на Уставот по пат на сила. Зарем е можно ваквото сценарио ќе биде применето и за ова најавено менување на Уставот? 

Уште не се залечени (а уште долго и нема да се залечени) раните, поделбите и последиците од тоа претходно менување на Уставот кога и не се зема во предвид и референдумот и мислењето на народот. Какви последици може да направи нов таков чин во македонското општество? Мислат ли во СДСМ и ДУИ за тоа?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

📷Војводина си направи малер – предвреме „прослави“ трофеј

Тимот на Партизан ја шокираше Војводина и го освои...

Хансен се враќа на терените – ќе биде спремен за двомечот со Веспрем

Легендарниот дански репрезентативец Микел Хансен моментално отсуствува од...