Главен фокус: Што е со Македонците во Бугарија?

Денес постои македонска нација, постои бугарска нација, тоа е реалност. Само екстремистите може да го негираат тоа. Ние не ги доведуваме под сомнение тие прашања. Да не разделуваме некои работи што не може да се поделат и да ги третираме како заедничка историја. Историјата е навистина нешто поинаква, таа ни остави тешко наследство, но ние треба да настојуваме постапно да ги совладуваме нив. Историјата е сложена, но тоа не треба да биде пречка за развој на соработката, изјави своевремено Тодор Живков

Први и единствени бугарско-македонски разговори во комунизмот (1)

Во времето на Титова Југославија долго и нашироко во медиумите се пишувало и говорело за односите меѓу СФРЈ и НР Бугарија, во што предничеле македонските медиуми, но не заостанувале ни оние од другите републики. Во огромен дел, повеќе од 90 отсто, фокусот бил насочен на таканареченото „македонско прашање“. Темата „Македонија и Македонците“ била „разработувана“ со децении при низа средби, дури и на највисоко ниво меѓу претседателите на двете држави, меѓу релевантни министри и дипломати. Во формирањето на таа југословенска политика македонската политика го имала највлијателниот и доминантен став, особено преку барањата за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија.

Во целиот тој историјат на средби и односи, македонското и бугарското раководство на таа тема официјално и директно разговарале само еднаш, еден и единствен пат. Тоа се случило во октомври 1987 година, кога првата официјална делегација била во посета на Софија, предводена од тогашниот претседател на Извршниот совет, Глигорие Гоговски. За цели четириесет години тоа се единствени разговори, повеќе како размена на мислења, а не во смисла на преговори. Вреди да се подвлече дека поканата за посетата беше бугарската.

Весникот „Нова Македонија“ во три продолженија ќе се обиде преку користење на дел од стенографските белешки водени од македонска страна да ви пренесе делови од разговорите. Читателите ќе имаат можност да споредат што се разговарало тогаш со Бугарија, што се разговара сега. Да видат сличности и разлики од она време пред 35 години.

Поканата македонска висока владина делегација да ја посети Бугарија беше од бугарска страна. Поканата не беше случајна, таа имаше своја предисторија. Имено, кон средината на осумдесеттите години од минатиот век комунистичката партија на Советскиот Сојуз, под водство на Јуриј Андропов и Михаил Горбачов, одреди стратегија за постепено воведување гласност и демократија во партиите на сите земји од таканаречениот Источен блок. На сите нивни сателитски држави им беше препорачувано да почнат да зборуваат послободно за промени во партискиот живот и во општествата, да ги поправаат меѓусебните односи и да ги поправаат односите со западните држави, особено со соседите.

Дипломатски предупредувања: Не е упатно да го отворате  македонското прашање

Меѓу државите најголем послушник на Москва беше Бугарија, под долгогодишното водство на Тодор Живков. Оваа источна држава имаше релативно добри односи со Југославија во времето на Тито, но сите години по Втората светска војна отворено беше прашањето за положбата на македонското малцинство во Бугарија. Тоа прашање беше камен на сопнување и тема меѓу двете држави на повеќе средби на политичко и дипломатско ниво.

Иако веќе од 1963 година беше познато дека бугарското комунистичко раководство има заземено став дека во Бугарија не постои македонско национално малцинство, југословенската политика и дипломатија никогаш не се откажаа од настојувањата да докажат дека тоа постои и од барањата да се издејствуваат национални слободи, човечки и културни права.

Македонското раководство и пред самото патување беше по дипломатски канали потсетено дека не е упатно „отвореното прашање“ да биде доминантно зашто оваа деликатна тема од меѓусебните односи може да ги дислоцира основните намери за соработка. Беше посочено дека „признавањето на правата на македонското национално малцинство не е прашање што треба да се решава со државен декрет“ и дека треба да се има предвид дека „двајца од тројца Бугари имаат врска со овој дел на Балканот“.

Така дојде до посетата. Без оглед на наведените предупредувања, македонската платформа за разговорите се потпираше на две стратегиски определби. Едната беше  стопанската соработка, а другата македонското прашање. Поточно барање за враќање на правата на македонското малцинство во Бугарија. Заложбите за економска соработка беа обострани, особено во електроиндустријата, црната и обоена металургија, хемиската индустрија, градежништвото и слично.

Глигорие Гоговски

Со два збора: „Во Бугарија нема  македонско национално  малцинство“

Македонската делегација ја оствари првата работна средба со Андреј Луканов, тогашен министер за надворешни економски прашања, главен официјален соговорник и шеф на бугарската делегација. Луканов е високорангирана политичка личност, Бугарин по мајка од Ресен.

Откако беа разменети поздрави, неколку куртоазни реченици и спомнати дел од можностите за економска соработка, Луканов самиот побара да се осврне и на т.н. отворено прашање. „Што би можел да ви кажам. Вие ја знаете нашата позиција. Со два збора: Во Бугарија нема македонско национално малцинство! Тоа не е позиција на затворање очи, зашто тоа прашање не е затворено. Вие ќе ги посетите Благоевград, Петрич и другите градови, таму и самите ќе се уверите во тоа дека е затворено. Тоа население таму се самоопредели. Тоа подрачје е со мошне трагична историја. И самиот сум производ на тие генетички вкрстувања. Мајка ми е од Ресен. Сум за тоа да разменуваме мислења, но не би требало да се враќаме на тие проблеми пред влегувањето во 21 век. Не е добро да се враќа тркалото на историјата туку да се свртиме кон оние прашања што се однесуваат до соработката и зближување меѓу СР Македонија и Бугарија“.

Луканов продолжил: „Не би било продуктивно овие прашања да ги разгледуваме и третираме како пречка во соработката. Сепак ние наназад 10 – 15 години добро соработуваме. Тоа не значи дека ние избегнуваме да дискутираме по овие прашања туку дека не треба многу да полемизираме. Овие прашања не треба да се драматизираат. Ги прифаќам мислењата без нервоза. Ние сме за тоа полемиката, доколку се јави потреба, да биде заснована врз науката, врз научни факти, да биде цивилизирана. Да не се враќаме во ’длабочината на вековите‘“.

Историјата ни остави тешко  наследство

„Јас не сум историчар, но тоа треба да им се остави на историчарите тие да ги разрешат. Историскиот развој ќе покаже дека некои прашања ќе се надминат со текот на времето и дека младите генерации нема да ги интересира она што нас нѐ интересира и ги интересирало и нашите татковци. Да не дозволиме емоциите да преовладеат. Ретко со некого нѐ сврзуваат толку нешта како што е тоа меѓу македонскиот и бугарскиот народ“, рекол во таа пригода Луканов.

Многу подиректен беше тогаш неприкосновениот Тодор Живков, кој во разговорите ги искажа следниве зборови.

– Денес постои македонска нација, постои бугарска нација, тоа е реалност. Само екстремистите може да го негираат тоа. Ние не ги доведуваме под сомнение тие прашања. Да не разделуваме некои работи што не може да се поделат и да ги третираме како заедничка историја. Историјата е навистина нешто поинаква, таа ни остави тешко наследство, но ние треба да настојуваме постапно да ги совладуваме нив. Историјата е сложена, но тоа не треба да биде пречка за развој на соработката – рече Живков.

(продолжува утре) 

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Црногорци и Швеѓанки за Македонија и Шпанија

Европската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за...

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Македонија на тежок испит против силната Шпанија

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска им се...