Ја поправи ли Борел (не)довербата на Македонците кон ЕУ?

Ете, дојде високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во Македонија и си ојде. Што тој остави позади себе?

Дилемата е лесна. И тој како и многумина други евробирократи пред него на Македонија и остави задачи кои морала да ги заврши. Најглавната обврска која ја даде беше – да се смени Уставот.

–Да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули минатата година ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете, изјави Борел.

Тој како трговец извади од актовката зделка и уверуваше дека откако народот во Македонија ќе ја плати цената ќе следи доближување до кваката од влезната врата на ЕУ. Дали со ова Борел остави и поголема верба кај граѓаните дека Брисел ќе си стои до зборот?

Познато е дека огромното мнозинство од македонскиот народ не смета дека новите ултиматуми од ЕУ се „најдобрата зделка“. Анкетите јасно покажуваат – дури 65 отсто од македонското население смета дека однесувањето на ЕУ кон Македонија е нефер, надмено и уценувачки.

Со своето доаѓање и настап дали Борел ја поправи работата?

-Денес рекол – утре одрекол. Прв пат ли ни прават така за да и понатаму им веруваме. А проблем се и македонските сервилни политичари, беше еден од многу коментари на социјалните мрежи.

Во многуте слични коментари една од главните нитки е дека Македонија верувајќи им на дадениот збор го смени и името на државата, а ветувачите не го испорачаа кажаното и затоа сега треба многу порезервирано да се следи „бриселската слаткоречивост“.

Сепак Борел во Скопје овој пат нагласи:

– Тоа што го одржавме денеска тука во Скопје овој Совет е јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западниот Балкан и ќе продолжи да биде во иднина клучен приоритет за ЕУ, додаде Борел.

Дали македонското население ќе го препознае овој „јасен знак“ на Борел? Или пак граѓаните на Македонија ќе продолжат да праќаат свој јасен знак до Брисел – не само со зборови туку и со дела треба да покаже дека навистина има намера Македонија да ја прими во Унијата и тоа без да се гази по достоинството на народот.

Впрочем, мнозинството во Македонија смета дека понудената најдобра зделка Брисел треба да ја корегира, оти цената е превисока и потценувачка.

 

 

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јунајтед груп Б.В. продолжи со успешен раст во 2023 година со рекордни резултати

Водечката телекомуникациска и медиумска компанија во Југоисточна Европа, Јунајтед...

Изборните резултати – најверодостојната анкета

Петар Поп Арсов   Што да се каже после шокантните резултати...