Манипулативниот „патриотизам“ на еден политички дрон

Петар Поп-Арсов

Конечно Советот на Европа стана визибилен и во Македонија. Сите заслуги му припаѓаат на премиерот Ковачевски кој со реченица-две успеа да го сврти вниманието кон оваа меѓународна организација. Човекот е „шампион“! Во Македонија малкумина знаат дека оваа меѓународна организација е креатор на бројни вредности и стандарди кои ги задолжуваат и обврзуваат државите да ги почитуваат човековите права, владеењето на правото и демократијата,дека оваа организација примарно е во функција на граѓаните, не на владите. Малкумина знаат дека и познатиот Европски суд за човекови права во Стразбур е институција на Советот на Европа.

Самит како самит. Секој си тегне на сопствената страна и си плаче на сопствената мака. Таков е моментот, таква е оваа генерација на европски политичари. Наизглед има некое европско единство кое со своите стаклени нозе има сè поголема потреба од ортопедски помагала… made in USA.

За Советот на Европа како организација најважно од се е тоа што конечно самитот се оддржа. За неговото оддржување почна да се говори некаде уште во 2016 година (плус-минус), за време на мандатите на претходниот генерален секретар. Слабата заинтересираност на европските лидери, потоа ковидот, летаргијата и зоната на комфорот во која беше западнал Советот на Европа беа причинате оваа организација да нема доволно сили за да организира еден собир на врвот.

Членките на Советот на Европа, преокупирани со дневнополитички обврски,  темите поврзани со развојот на демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото секогаш ги ставаа на спореден колосек. Фокусот секогаш беше ставен на актуелни теми кои беа во интерес на власта и политичките елити, не на граѓанинот, на човекот и неговите права.

И така, „пукна“ во Украина, па дај и Советот да стори нешто за да покаже дека го заслужува секое евро од контрибуциите кои што ги плаќаат земјите членки. Се оддржа Четвртиот самит на Советот на Европа, во Рејкјавик. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки. Самит на организацијата која се грижи за човековите права, демократијата и владеењето на правото. Самит на организацијата која по дефиниција се грижи за секој европски граѓанин.

Така е по дефиниција. Дали самитот беше во функција на европските граѓани и нивните права или имаше сосема друга цел, во функција на политичките елити и зацврснување на борбените редови, тоа е прашање за друга анализа. Во оваа анализа главен јунак е Ковачевски, човекот кој го сврте вниманието кон оваа организација и кој успеа да ја зголеми нејзината визибилност.

Токму така, македонската делегација беше предводена од Димитар Ковачевски, премиерот на Македонија, земјата која веќе дваесет и осум години е членка на Советот на Европа. За пофалба е тоа што Ковачевски беше без придружба на потесното семејство и „остала поширока родбина“. Браво Димитар, секоја чест!

Имаше и говор! Малку чуден, нејасен, непрецизен и на моментиво манир на Калимеро кој ја бара правдата од европејците, иако овде нè убедува дека сме ја добиле правдата, дека идентитетот ни е бетон и дека сме започнале преговори со ЕУ. Говорот некако не беше во европски, ниту во мултилатерален, ниту пак во контекст на вредностите и стандардите кои што се создаваат во оваа организација. Иако сите овие компоненти беа соддржани во неговата триминутна приказна, а тој демек говореше за мултилатерализмот и стандардите, главниот фокус беше ставен на домашната политичка сцена. За тука, за кај нас, за мал терен на мали голчиња. За ситни политички поени во функција на долготрајната предизборна кампања во која веќе сме влезени.

Да зборуваш за тоа дека остануваш посветен на мултилатерализмот на самит на Советот на Европа, на самит на првата и најстарата мултилатерална европска организација, во која членуваш скоро триесет годиние исто како некој инженер со триесетгодишно искуство да каже дека нема никогаш да заборави да брои од еден до сто. Мултилатерализмот како таков е појдовната основа со која се детерминира и потврдува субјективитетот на секоја меѓународно признаена држава во светот. Зарем Македонија, која што „доби“ десетина датуми за почеток на преговори и уште толку пати ги „започна“ преговорите со ЕУ под водство на оваа власт, треба да се докажува дека е посветена на мултилатерализмот?

Или пак тоа беше искористено само како вовед во главната поента и основната мисија на Ковачевски во Рејкјавик, конфронтација со Бугарија за теми од деветнаесеттиот век. Конфронтација пред присутните шефови на држави и влади и нивните делегации. Наместо таму да говори за новите предизвици со кои се соочува современиот човек, како единка, како граѓанин во контекст на човековите права, тој доби патриотски нагон. Наместо да говори за ретроградните тенденции и процеси кои што се случуваат во некои земји од Европа во поглед на зголемување на работната недела и до шеесет часа, тој говори за агресивноста на Бугарија, нешто кое што во континуитет му го говори целиот македонски народ со месеци и години наназад.

Наместо да говори за судските пресуди на Судот во Стразбур, кои штопосочуваат одредени европски земји како недоволно демократски, без постоење на заштита на човековите права и правна сигурност, Ковачевски демек не брани од нападите на Јотова. За што и да зборуваше од погоре споменатото немаше да згреши. Ќе илустрираше со сопствени примери, ќе беше најкомпетентниот говорник кој говори за аномалиите што самиот ги создава во сопствената земја.

За волја на вистината факт е дека Јотова без срам и чувство за тоа на каков собир и во каков момент говори, безобразно ја нападна Македонија. Но, факт е и дека со таквиот пристап му подаде сламка за спас на безнадежниот Ковачевски да може да глуми патриот. Да може да се покаже како голем борец за Македонија.

Тоа е тој проверен рецепт за спас на сопствената агентура инсталирана во Македонија само и само за да може да продолжи имплементацијата на бугарските политики.

Наместо Ковачевски да говори за вештачката интелигенција,за компјутерски криминал и дојавите за лажни бомби, за влијанието на социјалните мреживрз однесувањето на младите и децата, наместо да говори за  тоа како ќе се организира Европа во иднина и за предизвиците со кои се соочува и ќе се соочува обичниот човек, тој ја сврте на „патриотизам“ и поентираше со тоа дека односот на Бугарија кон Македонија е нешто слично со она што Русија и го прави на Украина.

Салто мортале! Интересен пресврт во политичкиот дискурс пред очите на неговите колеги.

Браво Ковачевски! Добро утро, „се разбуди“!

За оваа паралела меѓу Бугарија и Русија пишував во една моја колумна објавена на 22.02.2022 во 22:23 часот (оваа последнава тројка е да ја разбие монотонијата на двојките J). Колумната беше напишана во предвечерието на руската агресија на Украина, за која, да бидам искрен, се надевав дека никогаш нема да се случи.

Во колумната се вели:

Тезата на Путин во однос на Украина е комплементарна со бугарските тези и ставови во однос на Македонија. Тоа не обврзува нас Македонците да имаме јасен и принципиелен став. Само со таков пристап ќе можеме аргументирано да се носиме со бугарските негаторски ставови во однос на македонскиот идентитет како комунистичка творба. Секоја примена на двојни аршини од страна на македонските поддржувачи на руските позиции се индиректно поткопување на нашите македонски позиции во однос на сите негатори на македонскиот идентитет за кој се бориме да биде почитуван.

Мора да биде почитуван и идентитетот на украинските граѓани. На сите! На оние кои себеси се сметаат за Руси и говорат руски, но и на оние кои имаат украинска самосвест и идентитет…

Руско-украинската војна во меѓувреме доби сосема поинаков тек и сосема поинаков лик. Таа војна веќе не е само руско-украинска. Но, без оглед на сите политички, економски, идеолошки и други разлики кои што се конфронтираат на украинското бојно поле меѓу колективниот исток и колективниот запад, негирањето на идентитетот на еден народ е неприфатливо. Војната ќе продолжи и некогаш ќе заврши, но, негирањето на еден народ е нешто многу повеќе од воен конфликт.

Затоа, кога веќе решил Ковачевски да ползува одредена теза, треба да биде многу прецизен во нејзиното поставување и да не меша воена агресија со множењесо нула на еден народ.Мораше да стави јасна дистинкција меѓу примената на воена сила (која е за секоја осуда) и негирањето на идентитетот на украинскиот народ па дури потоа да направи паралела на односот на Бугарија кон Македонија и Македонците со односот на Москва кон Украинците.

Не заради друго, туку заради тоа што Бугарите ќе го посочуваат како неодмерен политичар, без дипломатски сенс. Политичар кој во моменти на притисок не знае што зборува. Ќе напаѓаат и аргументираат дека Македонија создава раскол во Европа и декаМакедонија е таа која што поистоветува земја агресор со земја членка на НАТО и ЕУ. Ќе говорат дека Македонија е проблем и не заслужува прием во ЕУ. Тоа е наследството што ќе ни го остави непрецизниот и импровизиран „патриотски“ говор на Ковачевски во Рејкјавик.

Мизерната бугарско-македонска конфронтација на Самитот во Рејкјавик е провидна претстава која има за цел санирање на политичките штети кои што ги трпи СДСМ поради врховистичката политика која што ја води во континуитет. Ако според Ковачевски, Бугарија за Македонија е она што е Русија за Украина, зошто тогаш, на пример, не ја распушти комисијата на историчари кои се пазарат за тоа како ќе се дефинираат одредени историски личности и настани? Зошто Ковачевски сè уште дозволува да се дискутира за менување на учебниците по бугарски терк? Како тоа нашиот премиер на еден таков агресор, Бугарија (поистоветена со Русија), му дозволува да отвора клубови со имиња на фашистички соработници? Зошто Ковачевски го прифати диктатот на Бугарија, спакуван во „францускиот“ предлог и ја доведе земјата во состојба на бесконечна самоблокада во однос на евроинтегративниот процес?

Многу прашања (останати без одговор) за реални нешта кои се во спротивност со теоретскиот и имагинарен патриотизам на Ковачевски!

Сега, кога Ковачевски веќе осознава дека води забегана политика, која ниту ќе не внесе во ЕУ како Македонци, ниту ќе креира добрососедски односи, ниту ќе продуцира економски просперитет на државата, тој станува „македонски патриот“. Тој станува националист кој на Бугарите им говори право во лице и им вели дека се агресори. Навистина смешна и провидна постапка на еден случаен и неконзистентен политичар.Манипулативна постапка на еден нелегитимен премиер кој никогаш не излегол на избори, ниту пак бил на некаква кандидатска листа. Очајничкиобид на еден октроиран претседател на партија со намера да ја задржи власта по секоја цена. Измамнички потег на еден политички дрон.

Тоа е Ковачевски!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Чаневски одличен, Макаби Ришон од второ место во полуфиналето на плеј-оф

Израелскиот шампион Макаби Ришон Ле Зион, каде што...

Митревски „спушти ролетна“, Порто ја надигра Бенфика на Талески

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски ја продолжи одличната...