СЕДМЕРЕЦ: Спушти на пикер | 24 РАКОМЕТ

Со Столе Стоилов како додадена вредност на клупата и со шест пикери во составот, машката ракометна репрезентација на Македонија тргнува на Фарски Острови во баражот за пласман на СП 2025

1.Континуитетот пред островски предизвик

Кога беше јануари, кога дојде мај! – ќе парафразирам една легендарна студентска изјава пред сесија. Или ракометно, кога беше Божик, кога дојде Велигден, за ракометарите уште еден скратен и работен празник пред важен настап.

Машката ракометна репрезентација на Македонија, в среда во Торшавн и в недела во Скопје, го игра бараж двомечот со Фарски Острови за пласман на СП 2025 што ќе се одигра во јануари во Хрватска, Норвешка и Данска. Македонија цели на седмото светско во серија од вкупните девет мундијали или ако сте по бројките, 14 големо натпреварување во континуитет. И тоа, во за нас блиска Хрватска, според најпосакуваната проекција за македонските навивачи.

Фарски Острови, пак се борат за историски прв мундијал или севкупно второ големо натпреварување откако во јануари годинава по „very first time“ настапија на ЕП во Германија. И тоа, во за нив блиската Данска што сигурно ќе покрене не само 20% туку можеби и пола население да тргне во навивачки поход во јануари.

Да беше пред 5-6 години, сигурно ќе беше „фала ти боже за ждрепката“, лесен пат до уште еден мундијал за најуспешната македонска репрезентација, со рутински два натпревари против „рибарите“ од Фарските Острови. Но, времињата се менуваат и на едната и другата страна, па сега сме некако пата-пата со Фараните во однос на шансите во најавите пред баражот за место на СП 2025.

Или, кладилничарски по коефициент дури и нефаворити во однос на Фарски Острови!

„Можеби името и традиција велат дека не се атрактивен противник, но ќе биде пеколно тешко“ – најави и голманот Мартин Томовски пред гостувањето во Торшавн во првиот натпревар од бараж двомечот.

Како одеднаш архипелагот со едвај  53.090 жители за Македонија стана „опасен противник“ на патот до ракометниот мундија во јануари наредната година?

2.Не се атрактивни, ама се паметни

Па, и не е баш одеднаш. Можеби многу посоодветно е – постапно и систематски, ќе речат оние кои добро го познаваат скандинавскиот ракомет и особено ракометниот подем на архипелагот во северниот дел на Атлантскиот Океан кој територијално се протега меѓу Исланд и Норвешка, а административно е дел од Кралството Данска.

Стратегијата да се фокусираат на развој на спортот за кој што имат интерес и потенцијал, скандинавскиот систем и данското ракометно влијание, придонесоа Фарски Острови да изградат стабилна ракометна база. Од тој систем излегуваат добри млади играчи кои потоа се лансираат и напредуваат во скандинавските лиги и во Германија и повртано систематски го подигнуваат квалитетот и рејтингот на фарските репрезентации.

Елиаф Елисен а Скипаготу со 22 години веќе е лидер на својата репрезентација, настапува во Кил и важи за еден од најдобрите плејмејкери во светот кој може да направи разлика. Десното крило на Фуксе Берлин, Хакун Вест ав Тејгум е од истата генерација и исто така опасност. Левиот бек Оли Митун нема ни 20 години, а веќе ја носи играта… Чисто за споредба оти, нели и македонската репрезентација е „млада, но талентирана и добра репрезентација која како поминува времето е се подобра и подобра“.

Не знам за вас, ама за мене главната асоцијација за Фарски Острови во корелација со Македонија, барем досега, е онаа квалификациска победа на македонската женска репрезентација во Торшавн од 2016 година која тогаш беше зрак надеж за излез од црната дупка во која со години тонеше македонскиот женски ракомет. Кој знае, можеби од среда ќе има уште едно гостување на Фарски Острови што ќе се памети во некоја друга позитивна конотација и на машката страна, наспроти коефициентите.

3.Македонија во пикер формација

Македонската репрезентација на мегдан со Фарски Острови во бражот за СП 2025 ќе излезе со извесни корекции во однос на јануарското издание на ЕП во Германија.

Главната новина е приклучувањето на Стојанче Стоилов во стручниот штаб на селекторот Кирил Лазаров. Поранешниот репрезентативен пикер, сега како асистент на клупата на Вардар, покажа вредни тренерски квалитети, очекувано позитивно влијание на играчите и за неговиот темперамент помалку неочекувана смиреност и стабилност. Во добро поставени корелации, Стоилов сигурно може да биде голема додадена вредност и на репрезентативната клупа токму во онаа непосредна комуникација и мотивација што, гледано од страна, во изминативе неколку години знае и да фали во црвено-жолтиот табор.

Втората работа што се издвојува во селекцијата пред баражот е посебниот фокус на пикерската позиција. Не само со Столе на клупата, туку и со дури шест пикери во составот на Лазаров, безмалку исто колку и бекови на сите три позиции, а со само едно десно крило по повредата на Костевски помладиот. Додуша, двајца класични пикери сега преименувани во „дефанзивци“, но примарно сепак, и тие се класични играчи на црта.

Играта „спушти на пикер“ не е несвојствена за македонската репрезентација, напротив често е  применувана како најдобра резервна алтернатива кога шутерски ќе затаи надворешната линија. Но, 6 пикери во 20 селектирани играчи, како и да ја свртиш, создава една помалку необична репрезентативна формација.

Немаше нешто многу образложенија зошто е таква селекцијата, земено по малку здраво за готово како избор за клој (ќе) одговара селекторот. Да се надеваме дека е резултат на издржана анализа и тактика на стручниот штаб што ќе донесе позитивен резултат против незгодните Фарани, а не ексеримет, најмалку услуга… Оти, да не заборавиме, влогот сепак е националната репрезентација на Македонија.

И тоа онаа најуспешната.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Забавно е да се игра во Битола“

Голманот на Вардар, Мартин Томовски никогаш во својата...

Кадетското злато остана во Автокоманда

Домаќинот на кадетскиот турнир од Ф4, не залудно...

Младост ја продолжува борбата за второто место во прволигашкиот плеј-оф

Тимот на Младост Богданци пред својата публика не...

Радовиш чекор поблиску до суперлигашки бараж

Екипата на Радовиш пред својата публика одигра според...