Сепак ќе купиме нов автомобил и нема да биде трабант

Koлумна на Бранко Героски:

Клучниот американски дипломат за Европа, Џејмс О’Брајан и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, изјавија дека македонските избирачи треба да го слушнат планот што го нуди ВМРО-ДПМНЕ за односите со Бугарија и за патот кон Европската Унија.

Попатно, Агелер кажа дека и таа би сакала да го слушне тој план. Иако не е сосема јасно зошто, кога нејзиниот шеф во едно интервју веќе се потруди брутално да го дискфалификува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, нарекувајќи го човек од кого тој (О’Брајан) не би купил автомобил и не би гласал за него.

Ваквото недипломатско и непристојно поведение не е ништо ново кога станува збор за дипломатите кои доаѓаат од земјата што нескромно се огласува за најголем извозник на демократијата во светот. Сите досегашни американски амбасадори се вмешувале во кампањите, навивајќи за партијата на власт и против промени во земјата. Тоа е концептот на стабилократија, последица на заблудата дека само актуелните влади обезбедуваат прозападна ориентација на земјата и на поширокиот регион.

Но, сите понови истражувања на изборното расположените покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ одржува стабилна двојна предност пред СДСМ, Левица и ЗНАМ напредуваат, а расте и рејтингот на опозициските партии во албанскиот политички блок. Мнозинството избирачи сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, не се задоволни од сегашната власт и прогнозираат голема изборна победа на опозицијата.

Она што сега им преостанува на оние дипломати коишто недипломатски застанаа „рамоу до рамоу“ со СДСМ и со ДУИ е да се обидат тајно да му ги избушат гумите на тој нов автомобил и да го остават да се тркала на бандажи.  Им се чини дека најпаметниот начин да ја остварат таа цел е сите албански политичари да ги втераат во едно трло (под водство на Али Ахмети, јасно) и таму, од тоа трло, сите да блеат во еден глас – не сакаме влада со ВМРО на Христијан Мицкоски!

За среќа, нема да успее тој трик. Зашто е антимакедонски, ги загрозува стабилноста и безбедноста на земјата и го спречува развојот на демократијата во албанскиот политички блок. Тој трик подразбира сите опозиционери Албанци да ги наведнат главите, да му се извинат на Али Ахмети и да потпишат капитулација пред изборите. 

Јас сум убеден дека ништо од тоа нема да се случи. Ќе имаме претседателски кандидат Албанец и ќе имаме силна битка и во албанскиот блок. Како што ѝ доликува на една демократска земја.  

Како и да е, веќе е јасно дека на 8 мај сепак ќе купиме нов автомобил. И нема да биде – трабант.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Машко и женско финале во Купот на Македонија

Денеска во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одиграат...

„Забавно е да се игра во Битола“

Голманот на Вардар, Мартин Томовски никогаш во својата...

Кадетското злато остана во Автокоманда

Домаќинот на кадетскиот турнир од Ф4, не залудно...